Фармацевти
Контакт

<< Назад

BETTY магазин, април 2017

април 3, 2017

[vc_column width="1/2"][mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2017/03/Cover_apr2017.jpg" group="_general" margin_bottom="0" crop="false"][vc_column width="1/2"]

Жарко Димитриоски



Уживам во секоја емисија која ја правам



Broj 38, април 2017

Момчето кое приредува телевизиско шоу кое знае до солзи да нè насмее и кое на гледачите им ги прикажува естрадните ѕвезди во светло во кое ги немаат видено, Жарко Димитриоски, ексклузивно за BETTY магазин открива како се подготвува „Еден на еден“. Водителот, кој кариерата ја започна како глумец, раскажува за тоа како ја променил професијата и во која насока понатаму ќе се движи. Жарко открива какви барања имаат гостите во неговата емисија, но и како успева да ги опушти за да направат шоу кое долго ќе се памети...Бојана Симоновиќ

BETTY: За тебе може да кажеме дека израсна на малите екрани, од 6-годишна возраст беше дел од детското драмско студио, а твоите улоги во „Умни глави“ и телевизиската серија „Големи и мали“ како Диме – такси оставија печат на твојата кариера. Од каде беше поттикната твојата љубов кон уметноста и телевизијата како медиум?
Бев брливо дете, многу знаев, од многу мал знаев да читам и да пишувам. Ми беше досадно во училиште и учителката која ми беше во прво одделение, Тинка, на моите родители им рече носете го на аудиција за глума бидејќи навистина ми беше многу, многу досадно. Знаев да пишувам латиница, а тие учеа букви, се нервирав дека другите деца не знаеја да ги погодат и правев бељи. Отидов во детското студио и ме примија со 6 години, бидејќи порано тргнав во училиште. Тогаш имаше серии „Здраво генијалци“, „Дали, како, што?“, правевме многу радиодрами, тој жанр е заборавен  и веќе не постои. Започнав на тој начин, инаку не сум бил поврзан семејно со телевизија, никој од моите не се занимавал со телевизија или со глума. Татко ми беше инженер, мајка ми рендгенолог.

BETTY: Твојата актерска кариера во детската возраст потоа ја замени со водителството на неколку телевизии и проекти, меѓу кои најголем печат остави твоето шоу „Еден на еден“ за кое и сега работиш. Како се реши актерството да го замениш со водителската кариера?
Прво сакав да запишам глума, ама ме премислија глумци, ми кажаа дека таму нема пари, дека ќе се ограничам и ќе треба само тоа да го работам, а јас отсекогаш сум бил љубопитно дете, ме интересирало сè, затоа решив да не се запишувам таму и отидов на новинарство како нешто што беше најблиску до медиуми. Во тоа време во трета година средно работев во „Спорт 4“, имаше спортски канал, единствена спортска телевизија, тогаш веројатно мислев дека ќе бидам спортски новинар, така беше до прва година факултет. Се затвори потоа телевизијата, па немајќи што да правам, навикнат  бев да заработувам затоа што уште од 6 години бев на една реклама и тогаш добив 250 марки хонорар, ми беше шубе да останам без хонорар. Се пријавив во А1 телевизија на оглас во весник и тоа како фан на Џејми Оливер сакав да правам кулинарско шоу. Во архивите некаде има касета каде јас правам аудиција со тавчиња и тенџериња. Ми рекоа ти за ова не си, ама имаме нешто многу добро за тебе и ми го дадоа ТВ-шоуто „Ексклузив“.

BETTY: Во твоето шоу „Еден на еден“ гостуваат ѕвезди од цел Балкан и пошироко, како успеваш сите тие имиња да ги донесеш во твоето шоу и од нив да извлечеш досега необјавени информации интересни за гледачите?
Две работи се важни, имам супер тим на сценаристи, пред секое интервју седнуваме 2 часа со нив и тука ги вадиме тие работи. Правиме гостите да се опуштат, да видат дека ни е френдли, пријателска е атмосферата, дека ние не трчаме по трачеви. Има спонтани работи во емисијата, но оние кои се бомбастични наслови како „Владо Ѓеорѓиев крши шише од глава“, ништо од тоа не е спонтано туку сме договорени дека ќе се направи. Со тек на време емисијата стана таква што мора да дојдат гостите да се промовираат таму, реално нема и некое друго место каде би отишле.

BETTY: Со оглед на тоа што си бил домаќин на големи балкански ѕвезди, дали тие имаат некои посебни барања за време на снимањата?
Генерално нема нешто посебно, со тоа што овие што се поизвикани имиња си сакаат да биде сè „швајцарски точно“, да биде во секунда кога ќе се каже и од тој аспект ние сме синхронзирани многу добро, потоа одиме задолжително на вечера. Некои од нив не јадат глутен, некој сака манго... од тој аспект да порачаат да има нешто или сакаат чај некој кој го пијат, но сè е тоа во граници на нормала. Не бараат нешто екстравагантно.

BETTY: Дали можеш да издвоиш некоја емисија која тебе посебно ти оставила впечаток и си посебно горд што си ја сработил?
Ако треба да издвојам, сите гостувања на Игор Џамбазов ми се омилени, бидејќи ми е близок човек, се радувам кога доаѓа во емисија многу. Со Ник Вуичич имаше такви моменти кога беше поемотивно, некои постари гости како Мирослав Илиќ, Жељко Самарџиќ кои биле откачени, Тино и Атанас... сите ми се интересни, се вложуваме во секоја емисија и уживаме кога си ја правиме.

BETTY: Кој би сакал да биде гостин во твоето шоу, а досега не си имал можност да го договориш?
Не успеваме да го договориме Пол ван Дајк, на пример, не се усогласивме, тоа ќе беше супер да го направиме, криво ми е што не испадна, нормално, има милион имиња кои би сакал да гостуваат.

BETTY: Создаде едно шоу кое е единствено од ваков тип во земјава, дали планираш да го задржиш овој формат или може да очекуваме промени во „Еден на еден“?
Би требало да го задржиме форматот, затоа што, од една страна, е супер прифатен, од друга страна, сè оди многу мазно, иако имаме милијарда обврски, но секој од тие 30-тина вработени луѓе си ја знае задачата. Знае кога треба да ја сработи за да не задоцни, за да не го зезне другиот во синџирот, не би го менувале тоа, може да направиме нешто надвор од „Еден на еден“, имаме нешто во план, но тоа наскоро ќе го објавиме.

BETTY: За твоето шоу доби и Златна бубамара на популарноста, колку тебе ти значат наградите за твојата работа?
Најмногу ми значат добрите рејтинзи од апсект на бизнис, на крај на денот рејтинзите ги продаваш на партнерите и спонзорите и најмногу ни значат сите тие мејлови што ни стигаат и луѓе на улица кога ќе ми кажат „Да не си ти, немаме што да гледаме на телевизија“, тоа значи. Наградите сами по себе секако дека ми значат и Бубамарата нормално кога ќе ти ја дадат, но дека тоа е пресудно и дека ни е таргет не е, тоа е потврда дека сме на добар пат.

BETTY: Освен како водител, еден период можевме да те видиме и како стендап комичар. Колкав предизвик за тебе е оваа улога?Сега немам време за тоа, бидејќи работам на емисијата и не би било фер да користам материјали од емисијата и да ги кажувам истите во стендап. Тоа бара многу време, стендап комедиите се одржуваат навечер и не можам да постигнам.  Многу ми е турбо работата и мора во 9 наутро да сум 100 проценти подготвен да го фатам денот како што треба. Беше тоа убав период, се правеа интересни работи.

BETTY: Кој е твојот најголем предизвик на професионален план?
На професионален план најголем предизвик е да останеш здрав. Да не ти трпи приватниот живот, тоа е најголем предизвик, да направиш баланс. Лесно се стига до успехот, до пари, лесно се стига ако си подготвен да работиш 24/7 ќе бидеш успешен и ќе имаш пари, ама жртвуваш приватност и тоа е тоа.

BETTY: Како го поминуваш слободното време, во што најмногу уживаш?
Ме фаќаат периоди и се посветувам на одредени работи. Сега бидејќи не следев подолго време NBA, сега ми стана пак интересно и самата лига ми стана интересна со „Голден Стејт“ и „Кливленд“, ми стана забавна. Овие неколку месеци со тоа се окупирам. Претходно Ноам Чомски ќе ми стане интересен и наредниот период гледам сè за него, документарци сè и дознавам сè за него, после за Тесла ќе земам ќе читам книги. Наоѓам нешто и уживам, филмче сакам да гледам, да исечкам кашкавалче, вино да се напијам...

BETTY: Колку твојата професија ти дозволува да живееш здрав животен стил?
Најнездрав животен стил имам, да не е шејкот кој го пијам наутро јас нема да имам здраво јадење, секое утро го почнувам со тоа и не е заради здрав живот туку е најбрзо нешто што може за да тргнеш и да ти ги даде потребните витамини, а сето тоа да биде завршено во 5 минути. Ми се случува да ручам и да вечерам во канцеларија и најчесто грешката што ја правам е што јадам 2 или 3 пати, немам ужина, така што многу нездрав животен стил имам.

BETTY: Дали си љубител на спортот? Која е твојата омилена спортска активност?
Тенис многу играв, но со обврските многу тешко, овие последни месеци се трудам да имам повеќе време за скијање бидејќи сум тазе скијач, скијам 3 години и ми е многу добро и едвај чекам да одам на скијање каде било.

BETTY: Што мислиш дека е клуч за здрав животен стил?
Навика да имаш и карактер, тоа е клучот, а за да имаш навика и карактер родителите треба да играат улога во тоа.

BETTY: Порака до читателите на BETTY магазин?
Да внимаваат на здравјето и да не се нервираат, иако е многу лесно да се нервираат во денешницата, да издишат неколку пати, бидејќи никој друг нема да внимава на нив.[mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2017/03/App_cover_apr2017.jpg" image_size="full" align="center"]

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>