Фармацевти
Контакт

<< Назад

BETTY магазин, Април 2018

април 1, 2018

[vc_column width="1/2"][mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2018/03/mk-naslovna-april.jpg" group="_general" margin_bottom="0" crop="false"][vc_column width="1/2"]НИНА ДЕАНПредизвик ми е да одиграм силна женска улога на негативец

Број 50, април 2018.Нина Деан, младата актерка позната по својот талент за танц која ја воодушеви публиката со улогата во светски познатиот мјузикл „Мама Миа“, ексклузивно за BETTY  магазин зборува за предизвикот кој го пробудила оваа улога кај неа, но и за љубовта кон уметноста која ја има од малечка. Нина, која е дел и од Детскиот театар, во интервјуто открива каква е разликата да се глуми пред возрасни и пред деца. Низ разговор ги откриваме нејзините неостварени желби на професионално ниво, но и убавините кои ги црпи од слободното време. Дознаваме и за многубројните ангажмани на талентираната актерка кои редовно носат насмевка на лицата на публиката...

Бојана Симоновиќ

BETTY: Актерка, кореографка, танчерка... како се роди твојата љубов кон уметноста?

Нина: Mислам дека јас откако се родив, односно додека сум била во стомакот на мајка ми таа ми ја пренела љубовта кон уметноста, зашто таа е балерина и цел живот тоа ја интересирало. Tука има нешто, генетика или начинот на кој ме воспитувале, каде ме носеле како дете. Секогаш во семејството сме имале некој кој е уметнички насторен. Во четврта средно сакав да се запишам на психологија, знаев дека за тоа ме бидува, но некој од повозрасните ми спомена да пробам глума. Прво имав страв бидејќи никогаш до тогаш немав застанато на сцена. За приемен требаше да учам монолог. Реков дека ќе пробам, иако не бев баш сигурна. Отидов, застанав на сцена и сè помина неверојатно добро, оттогаш па натаму глумата е моја прва љубов. Мислам дека психологијата и глумата се поврзани. Кога работиш некој лик треба да знаеш каков е неговиот психолошки внатрешен свет, што прави, како се однесува, така ги споив двете во едно.

BETTY: Твојата енергија и ентузијазам се печат што го носи секое твое појавување на сцената, каде го наоѓаш поттикот за секоја нова уметничка приказна?

Нина: Вистината е дека не секогаш кога работиш на некој проект текстот е добар, некогаш, пак, режисерот не чини, некогаш екипата не чини, а некогаш ќе се погоди сè да чини и тогаш автоматски доаѓа ентузијазам и радост. Кога нема да го има сето тоа веројатно се бара некој внатрешен мотив, ликот ако е напишан на еден начин јас пробувам да го направам поразлично од тоа, да имам предизвик во глава, за да доаѓам со радост на проби и за да не бидам секогаш иста. Во што е поентата ако секој пат истото го играш? Така што радоста ми е во тоа да си ги соборувам своите рекорди, да се надминувам себе.

BETTY: Во моментов си актуелна со улогата во македонската верзија на светскиот хит мјузикл „Мама Миа“. Колку главната улога, односно ликот на Софи, беше предизвик за тебе?

Нина: Тоа беше огромен предизвик, прво затоа што е многу позната „Мама Миа“, нема кој не ја знае, ако не за мјузиклот бродвејски, тогаш сигурно филмот сите го имаат гледано. Многу е голем предизвикот од нешто толку познато да направиш нешто свое, си велиш сигурно некој го има изиграно како што ти си замислуваш. Софи, улогата која ја играм, пее песни кои се сопрански, многу високи, а јас сум пеела, но никогаш толку многу песни, толку високи и толку тешки песни. Тоа ми беше најголемата дилема ‒ пеењето. Но, бев на кастинг и ме проверија, иако ме знаат. Имаше услови, ако ја отпееш таа песна можеш да ја играш улогата, ако не, не можеш. Ме убедија учителките по пеење Ана и Сара и се надминав во тоа. Тоа ми беше предизвикот и многу се радувам за тоа, мислам дека конечно добив шанса да покажам што сè сум работела во животот.

BETTY: Една од највпечатливите улоги по кои си препознатлива е улогата во претставата „Стујардеси“, веруваше ли дека оваа претстава ќе стане толкав хит и ќе предизвика такво внимание кај публиката?

Нина: Знаев дека ќе биде успешна претставата затоа што комбинацијата Синиша, Атанас и Тино е добитна. Синиша знае како да прави хитови и да намести публиката да ужива максимално, така што после премиерата знаев веќе дека „Стујардеси“ ќе биде одлична, се надминаа 100 изведби.

BETTY: Освен пред возрасни, ти настапуваш и во Детскиот театар, една од твоите позабележителни улоги е онаа на девојчето Дороти во претставата „Волшебникот од Оз“. Која е разликата да настапуваш пред возрасни и пред деца, со оглед на тоа што децата важат за најискрена публика?

Нина: Таа претстава со Дороти ‒ „Волшебникот од Оз“ се игра веќе 6 години. Претставата е прекрасна и  јас мислам дека детската публика често е потценета од страна на актери и режисери. Тоа не е намерно, но треба да сме свесни дека децата знаат многу работи, најискрено чувствуваат кога некој ги лаже, но ако искрено се игра и се верува во претставата тие тоа ќе го почувствуваат и супер ќе си поминат. Тие се доста жестока публика, ако нешто не им се допаѓа ќе кажат на глас и нема како возрасните да премолчат туку ќе довикнат, но во секој случај не смеат да бидат потценети.

BETTY: Најчесто те гледаме во комедии, мјузикли, претстави за деца, значи ли тоа дека во насмевката на публиката се крие твојот предизвик?

Нина: Мислам дека за да не биде многу бесмислена професијата мора да има некоја потврда за тоа што го работиме, а најдобра потврда е задоволна публика, аплауз, насмевки. Би сакала некако со тоа што го работам и претставите во кои учествувам да придонесам публиката нешто кај себе да промени на позитивно. Да им испратиме некоја порака, да ги насмееме барем на 2 саати, да си запеат некоја од песните и да се расположат.

BETTY: Која улога претставува најголем предизвик за тебе и би сакала да ја одиграш еден ден?

Нина: Многу ретко играм негативец, многу ретко ги играм лошите, така што која било силна женска улога, а да е негативец би сакала да ја одиграм. Најчесто кај нас се доделуваат улогите по принципот каков си ти тоа да го играш, но зошто сме глумци  ако не за да одглумиме. Работа ни е да се претвориме во некој што не сме, така што предизвик ми е да играм нешто што не сум.

BETTY: Ти си сопственик и на балетското студио „Ребис“ кое со години ја збогатува македонската сцена со интересни кореографии. Какво е искуството да се работи како кореограф, од каде ја црпиш креативноста?

Нина: „Ребис“ постои веќе 26 години и пред јас да станам управител веќе беше бренд. Тешко беше да се одржи тоа, многу енергија е потребна и има многу работи кои уметници не ги прават. Јас најдов некој баланс помеѓу уметноста и административните работи, многу се трудев да го одржам „Ребис“ како бренд, нешто што некој го градел 22 години пред мене без разлика што е тоа мојата мајка. Како кореограф повеќе не работам во „Ребис“ затоа што немам време, но често кореографите кои работат со децата или возрасните ќе ме викнат ако треба нешто да се направи, на пример, некаква приказна во кореографијата или да им помогнам на децата со експресија и со глума. Лани во МНТ славевме 25 години јубилеј и имавме претстава, тие направија кореографии, а јас ги споив како приказна. Многу соработувам со мојот тим кој е супер и ги прави најдобрите кореографии.

BETTY: Ти си родена во Србија, односно Нови Сад, дали планираш да ја прошириш твојата кариера во тој правец?

Нина: Сум размислувала многу за тоа, можеби не за Нови Сад и Србија, туку за подалеку некаде, но секој пат кога нешто натаму ме влече ќе ми се случи нешто тука. Еве сега ми се случи „Мама Миа“ и како да одам...(се смее). Добро е што има глумци од кај нас во Србија, Црна Гора, во светот, тоа е одлично и така се промовира цела Македонија и мислам дека поголеми се шансите да бидеме дел од светот ако имаме добри глумци што нè промовираат. Ако ми дојде таков проект, дефинитивно би прифатила.

BETTY: Што во иднина може да очекуваме од тебе на професионален план?

Нина: Сега работиме со Срѓан Јанаќијевиќ нова претстава, работам и на краток филм кој се вика „Сонот за крвта и душата“, филм со вампири кој е многу интересен, во режија на Игор Алексов-Битлс, најавено имам продукција театар со театар и повторно ќе правиме годишен концерт со „Ребис“.

BETTY: Со оглед на многубројните ангажмани, колку имаш слободно време за себе и како најмногу сакаш да го искористиш?

Нина: Најмногу сакам да си седам дома со кучето џуџест пинч и да гледам филм или серија и да си наполнам када. Што било само да е надвор од метежот кој го имам во текот на денот, цело време наваму-натаму. Сакам и со друштво да си седам.

BETTY: Твојата професија бара добра физичка подготвеност, како ја одржуваш истата?

Нина: Да, бара многу и ја одржувам со тоа што цело време работам. Многу често се случува самите проби да бараат кондициони тренинзи, порано одев на пилатес и аеробик. Можеби ми помага тоа што цело време сум била активна и кондицијата ми е баш на солидно ниво. Ми помага ангажманот и подготвеноста на мајка ми да ми вели дека мора да се вежба дури и кога сум била помала и воопшто не сум сакала да вежбам, ама ете сега е полесно.

BETTY: Колку внимаваш на исхраната, дали имаш некој посебен режим?

Нина: Вегетаријанец сум веќе 16 години, но тоа не е внимавање туку е избор. Никогаш не сум сакала многу месо, мајка ми исто е вегетаријанец и кога била трудна со мене не јадела месо, така што многу природно ми дојде да престанам да го јадам. Од протеини јадам сè друго, јадам риба, млеко, јајца и не јадам многу количински. Јадам што повеќе овошје.

BETTY: Според тебе во што се крие клучот за здрав живот?

Нина: Тоа е прашање на кое не знам кој е одговорот, затоа што, од една страна, има луѓе кои цел живот внимаваат, јадат здраво, не пушат цигари, многу внимаваат на тоа што е здраво, а го отфрлаат тоа што не е, но се случува тие луѓе потоа да бидат болни. Од друга страна, има луѓе кои не внимаваат на ништо и тие луѓе живеат по 90 години. Мислам дека тоа е до ставот во животот, ако многу внимаваш и тоа го наведеш како постојана мисла тогаш не си опуштен и самиот стрес ти прави болест, мора некаде да избие, тие што прават сè што не треба немаат стрес. Не треба да се задржуваме во една емоција подолго време, сè се случува во животот.

BETTY: Порака до читателите на BETTY магазин?

Нина: Внимавајте на себе, бидете среќни, сè ќе помине, секое чудо 3 дена трае и најбитно е вие и вашите најблиски да сте добро. Ве поздравувам и дојдете во театар![mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2018/04/mk-naslovna-april-mob.jpg" image_size="full" align="center"]

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>