Фармацевти
Контакт

<< Назад

BETTY магазин, август 2015

август 3, 2015

[vc_column width="1/2"][mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2015/08/Cover_aug_web.jpg" group="_general" margin_bottom="0" crop="false"][vc_column width="1/2"]

САБИНА АЈРУЛА ТОЗИЈА



Работата е радост и дава сила



Broj 18, август 2015

РОЛЈИТЕ ВО „ВЕЛИЧЕСТВЕНИОТ“ И „СЕНКИ“ МИ СЕ НАЈГОЛЕМ УСПЕХ

Бојана Симоновиќ

Повеќе од 40 години стабилно просперира на актерската сцена, а нејзиниот актерски перформанс остава посебен печат. Таа, Сабина Ајрула Тозија, ексклузивно за BETTY магазин открива што според неа е нејзиното најголемо актерско достигнување и во кои улоги најмногу се пронашла себеси. Актерката открива и информации за снимањето на филмот „Раната на мајка ми“ во Белград, во кој глуми со признати и етаблирани актери познати во светски рамкиBETTY: Долги години сигурно чекорите на актерската сцена во земјава, но и во странство. Вашата емотивност и топлина во толкувањето на улогите не може да помине незабележана. Колку според Вас специфичната и единствена актерска игра е виновник за Вашата успешна кариера?
Во оваа професија сум повеќе од 40 години, а тоа е половина од еден животен век. Со мали паузи, непрекинато сум присутна на сцена во театарот, филмот, сериски продукции, рецитали...Пријателите велат дека работам „турбо“, а јас мислам дека сите актери треба да работат толку.

Никогаш не сум се обидувала да ја дефинирам својата актерска натура, но се трудам, давајќи го најдоброто од себе, да ја оправдам Вашата импресија за мојата актерска игра.

BETTY: Вашите први ангажмани сте ги имале во Македонскиот народен театар и во Турската драма во Театарот на народностите во Скопје. Дали тоа значи дека театарот е Вашата прва љубов?
Точно во МНТ, во стариот, се разбира, беа моите први актерски чекори како хонорарен актер. Заедно со Перо Арсовски, Ѓокица Лукаревски, Димче Мешковски...учествувавме во многу претстави, како статисти со по некоја реплика. Бевме многу среќни што имавме можност да бидеме близу до големите бардови на македонскиот театар: Петре Прличко, Илија Милчин, Илија Џувалековски, Љупка Џундева, Димитар Ќостаров...
Тогаш немаше театарска академија во нашта земја и јас се запишав на Економскиот факултет. Охрабрена од оценките и мислењата на некои професори се трудев доста и ми одеше прилично успешно. Но, театарска корозија не исчезнува туку-така. Драмскиот театар распиша конкурс, јас ѝ помагав на една моја пријателка во подготовките. Случајот сакаше обете да нè примат. Така станав професионална актерка и во таа за мене исклучително важна институција, останав сè до моето пензионирање.
Во Турската драма играв во повеќе претстави како гостинка. Моите најдрагоцени искуства се поврзани за претставите: „Крвави свадби“, „Мајка храброст“, „Ивет“...
Љубовта за одредени активности, нај-често, се случува во детството. Мојата љубов за театарот е резултат на бројните претстави во стариот МНТ, во кој, како дете, брат ми редовно нè носеше. По некое дете и подзаспиваше, но јас, со ширум отворени очи ги гледав настаните на сцена и се замислував дали е можно и јас некогаш да бидам дел од таа магија.

BETTY: Како Вие ја доживувате разликата на толкување на улоги во театар и на филмското платно? Во што од овие две вие повеќе се пронаоѓате?
Разликата меѓу актерската игра на филм и во театар е една од вечните теми и дилеми на секој актер. Во театарот, секогаш морате да мислите на публиката што седи во последниот ред на салонот, а на филмот, пред сè, преку крупниот план, играте само за „првиот ред“. Искуствата од типот дека филмската актерска игра претпоставува редукција на изразувањето чувства ги наоѓам за проблематични. Без оглед во кој медиум имам задача, се трудам да мислам, пред сè, само на ликот. На разликите во техниката се забораваат со зголемувањето на „километражата“.

BETTY: Сте биле дел и од радиопроекти, синхронизации на серии, како го доживеавте и ова искуство кога целата емоција треба да ја пренесете преку гласот?
Порано снимав многу радиодрами. Сега, учествувам редовно во натсинхронизирање на серии. Искуството ја упатува актерската експресија и ја адаптира на медиумот. Ликот и ситуацијата во која се наоѓа, за мене е од првенствена важност. Недостигот од наша играна телевизиска продукција надополнува мал дел од потребата да се биде во такви проекти.

BETTY: Во која улога која сте ја одиграле досега во Вашата кариера може да кажете дека најмногу сте се пронашле?
Верувам дека ова прашање е едно од најтешките за сите актери. Би можела да анализирам повеќе ролји, но сигурна сум дека најдобро се чувствувам во Фатиме од „Солунски патрдии“. Кога ќе дојдете во фаза да се забавувате во играњето, кога актерската задача се престорува во радост и кога стотиците настапи секогаш го имаат новото во комуникацијата со публиката, тогаш сте сигурни дека правите нешто добро и дека сте заслужиле да бидете во таа професија. Ова е лик од комедија, но тоа се случува и со карактери од други драмски жанрови. Можеби делчиња од ваква состојба сум имала и како Агнеса „Празникот во време на Лунаса“, потоа во „Злостори на срцето“, како Тили во „Дејството на гама-зраците“... Мојот премин во некаква „карактерна“ фаза со слични чувства беше и како Варја во „Вишновата градина“ и како Лаура во „Татко“ на Стриндберг.

BETTY: Сте биле дел од многу успешни проекти, но еден од најзабележаните во последно време беше толкувањето на улогата Афифе Хатун во серијалот „Сулејман – величествениот“. Како Вие го доживеавте тоа искуство, да бидете дел од едно такво големо филмско остварување кое предизвика огромен интерес во многу земји во светот?
Извесно е дека „Величествениот“ беше најуспешен и најпопуларен проект во кој сум учествувала, кога било. Да се создаде таква серија потребна е една голема машинерија која води сметка и за најситните детали и опфаќа контрола на безброј аспекти кои се вон нашите балкански искуства. За ова, мала илустрација е и мојот ангажман во овој серијал. Некој од продуцентскиот тим ја чул мојат работа и мојот глас во натсинхронизацијата на една турска серија овде кај нас. Бев повикана на пробно снимање во Истанбул и ја добив ролјата. Наместо три месеци снимање, добив поголема ролја и снимав околу година и пол. Импресивен беше системот на работа, но и напорен, без и малку разбирање да бидете под одредени актерски стандарди или, пак, проблеми од кој било вид. Ако пречите на функционирањето на машинеријата, веднаш ќе ве сменат. Горда сум што учествував во серијал од ваков формат.

BETTY: Што можете да одделите како најинтересен момент кој Ви оставил најголем впечаток од снимањето на „Величествениот“?
Ако не најинтересна, тогаш сигурно највозбудлива ми беше една сцена со Халит Ергенч, кој го играше Султанот. Тој е енормно популарен, не само во Турција, и има специјален статус на ѕвезда. Имав поголем монолог, полн со арапски зборови. Тремата неизбежно се појави. Веројатно мојот актерски „блок“ стана видлив и за Ергенч, зашто тој почна да игра за партнерката, односно мене, и да ми помага. Инаку, вообичаено е да се игра „за ѕвездите“. Сцената испадна добро и добив аплауз од присутните во студиото.

BETTY: Што за Вас претставува најголем успех во Вашата кариера досега?
Покрај „Величествениот“ мислам дека е тоа ролјата во филмот на Милчо Манчевски „Сенки“.

BETTY: Како ја оценувате актерската сцена во Македонија во моментов, дали нешто според Вас треба да се промени?
Промените во театарот се вечна тема сиот мој живот. Колку што треба да се менува нашето општество, толку треба да се менува неговиот уметнички хомолог, неговата уметничка слика  рефлекс. Ако ништо друго, треба да се остави сам да се менува. Зашто ако нема административни пречки, тој сам ќе го покаже својот виталитет. Мислам дека еден од најголемите злостори е видливата партизација на театарот. Таа стана поважна од неговата уметничка задача. Кога гледате некој актер на сцена или на екран неговата партиска ознака го покрива она што тој го прави. Тоа е жално.

BETTY: Во моментов работите на уште еден голем филмски проект во кој повторно глумите со Хурем султан од серијата „Величествениот“ и кој се снима во Белград. Ќе може да ни откриете нешто повеќе?
На моја голема радост учествувам во снимање на филм со дел од екипата на „Величествениот“ во Белград. Малку ми е криво што не се снима кај нас. Ми беше речено дека трошоците во Србија биле помали.

BETTY: Каде ја црпите силата и инспирацијата за сите овие години успешна актерска кариера?
Инспирацијата е веројатно дел од романтичната визија за уметноста. Работата е радост и дава сила. Сочувствам со оние што не можат да работат, ги сожалувам оние што не сакаат да работат.

BETTY: Како успевате на направите баланс помеѓу приватниот живот и кариерата?
Баланс не постои, постои само борба за него. Моето семејство е „уни“ професионално, синот и сопругот се режисери. Од таму, веројатно, разбирањето за сите проблеми.

BETTY: Дали доколку би можеле да се вратите назад нешто би промениле во Вашата кариера?
Таква можност за сега не постои и на оваа возраст сфаќам дека треба да се гледа во непосредната иднина.

BETTY: Што може да очекуваме во блиска иднина од Вас?
Моите ангажмани се и сегашност и блиска иднина. Покрај филмот „Раната на мајка ми“ што го снимам во Белград, следува продолжувањето на снимањето на серијата во Истанбул, а извесен е театарскиот проект за животот на Ингмар Бергман во режија на Нина Николиќ. Мислам дека е доволно.

BETTY: Како Вие се грижите за Вашето здравје со оглед на тоа што имате динамична професија која бара голема посветеност?
Нашиот народ има изрека „само здравје“, која често се употребува како услов за некоја идна работа. Со возраста се зголемува и свеста за важноста на правилната исхрана, но и за постоењето на ведар дух и позитивен однос кон нештата. Се трудам да ги вклопам задоволствата во здрави или барем нештетни шеми. Добрата психофизичка кондиција е императив во оваа професија.[mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2015/08/App_MK_cover_avg_2015.jpg" image_size="full"]

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>