Фармацевти
Контакт

<< Назад

BETTY магазин, август 2016

август 1, 2016

[vc_column width="1/2"][mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2016/07/Cover_august2016.jpg" group="_general" margin_bottom="0" crop="false"][vc_column width="1/2"]

Тијана Дапчевиќ



НАЈВАЖНО Е ДА СЕ БИДЕ ЧОВЕК



Broj 30, август 2016

Таа е професор по виолончело, поп-пејачка, глумица... Се обидела и како радиски и ТВ-водител, нo и во бројни други професии. Од сето тоа, истакнува таа, најважно и е да биде човек. За крајот на оваа година го најавува својот шести албум, а во меѓувреме би требало да се појават и првите епизоди од ТВ-комедијата која ја снима во родната Македонија. Ексклузивно за BETTY – Тијана Дапчевиќ...BETTY: Последниве денови објавивте две нови песни, „Жене“ и „На плес“, дует со Тио Драган. Дали е тоа, всушност, најава за новиот албум и кога можеме да го очекуваме?

Токму така. Песната „Жене“ е вистинска женска песна која од страна на публиката беше одлично прифатена, некои дури ја нарекуваат и женска химна и многу ми е драго поради тоа, зашто мислам дека секоја жена може да се препознае во неа и да ужива. А „На плес“ ја снимив со прекрасниот и талентиран Драган, кој ме повика да соработуваме, јас веднаш прифатив зашто песната е баш за играње и дружење, а тоа е најдобра прилика да се најави албумот кој, се надевам, ќе излезе до крајот на годинава.

BETTY: Во спотот „На плес“ имаме прилика да видиме необични локации. Дали на Тенерифе отидовте само поради спотот или имаше прилика и за одмор?

Драган веќе неколку години живее и работи на Тенерифе, така што вистинската причина е спотот, но имавме време и да уживаме. Всушност, таму не постои опција во која не уживаш. Отидовме сите, фамилијарно, така што го споивме убавото и корисното, а тоа е секогаш најдобра можна комбинација. Одамна не сум си поминала така убаво.

BETTY: Се вртат и песни кои настанале во соработка со „Фрајли“ и Павле Дејаниќ. На чија иницијатива се направени тие дуети и што е потребно Тијана да се согласи да сними со некого заедничка песна?

Потребна е добра песна, пред сè. А за дует секогаш е важно да се во комбинација луѓе кои се согласуваат енергетски. Ја уживав работејќи со „Фрајлите“, кои се навистина прекрасни, а за Павле често велам дека е мој „brother from another mother“. Драган го познавам вкупно два месеца, но имам впечаток како да се познаваме веќе сто години. Се најдовме едноставно. Би рекла случајно, но нема да речам затоа што тоа не постои.

BETTY: Постои ли некоја неостварена желба, некој изведувач со кој силно сакате да ги вкрстите гласовите?

Имам желба да снимам дует со мојата сестра, Тамара. Додуша, ние двете многу често ги вкрстуваме гласовите, но би сакала тоа да биде официјално со песна која е само наша. Можеби затоа сè уште не сме снимиле дует – сите песни се наши (се смее).

BETTY: Последниве месеци во родната Македонија се обидовте и како ТВ-глумица. За што, всушност, се работи, откријте ни неколку детали и кога можеме да ја очекуваме серијата на ТВ-екраните?

Се работи за ситком во кој јас глумам Германка мажена за Македонец, која дошла од Европска унија и сега пали и гаси во тој пансион кој се обидуваат да го водат. Го завршивме снимањето на првата сезона и сигурна сум дека ќе биде исклучително гледана и бескрајно интересна и комична, а искрено се надевам дека ќе можеме да ја гледаме и надвор од границите на Македонија, нема причина да не биде така.

BETTY: Пред тоа игравте и во неколку претстави. Какви искуства носите од театарот и има ли нови претстави во најава?

Од театар носам прекрасни искуства уште од најраното детство, зашто како мала многу време поминував во театар, играв, ги облекував сите костими, се дружев со глумците... Сето тоа воодушевување се дуплираше во моментот кога и сама почнав да глумам пред неколку години. Сакам да кажам дека во театар открив некоја нова Тијана. Во еден момент играв во три прекрасни претстави истовремено, го поминавме цел регион и секаде наидувавме на одлични реакции од публиката. Претставата „Пукла брука“ и понатаму ја играме, веројатно поради тоа што приказната е таква, специфична за ова поднебје и секојдневна, така што секогаш е актуелна. За жал, или, за среќа, не знам, ама ми е мило што сè уште имаме прилика да ја играме.

BETTY: Сте се обиделе во повеќе професии. Дали остана нешто што Ви е тајна желба, би сакале да го работите, нешто што сè уште не сте се обиделе?

Долгогодишна желба ми е да добијам улога во некој филм. И да добијам Оскар (се смее). Не, навистина, ја имав таа среќа секогаш да ги работам работите во кои уживав, затоа што сум човек кој не се плаши од работа. Не ми е проблем да работам и ако нешто треба да се направи, тоа или се работи како што треба или не се работи воопшто. Нема помеѓу и нема половина завршена работа. И тоа отсекогаш важело – и кога сум продавала круши на пазар за да заработам за џепарлак во средно училиште, а и подоцна, без разлика на тоа дали снимам песна во студио, пејам на концерт, глумам, водам емисија... Ќе видиме за понатаму, никогаш не се знае. Секогаш ќе се трудам да бидам човек, тоа е најважно.

BETTY: Дали виолончелото, како Ваш прв избор, поради многу обврски е во втор план или, сепак, стигнувате понекогаш да се посветите и на музицирањето?

Стигнувам, но тоа е повеќе онака за моја душа. Виолончелото е мој најдобар другар веќе 30 години и тоа пријателство не се запоставува никогаш. Главно се дружиме додека Вук е на училиште, тогаш имам време да му се посветам во потполност, час-два. Не можам без музика, таа ѝ постои за да не можеме без неа. Тоа е храна за душата, главата...

BETTY: Најверни фанови на Тијана Дапчевиќ се припадничките на поубавиот пол. Дали сте размислувале политички да се ангажирате или да покренете некоја акција за заштита на женските права?

Никогаш не сум планирала такво нешто и не верувам дека тоа ќе се случи. Моја работа е да ги забавувам луѓето со музика, глума или нешто трето, сеедно, но во политика не сакам да се мешам, тоа е работа за некои други луѓе, а дали тие својата работа ја работат како што треба или не – тоа е тема за некоја друга прилика и за некоја друга личност. Јас ги следам случувањата од светот на политиката, зашто ми значи каква е ситуацијата во која живеам, но моја партија и знаме секогаш ќе биде музиката и тоа не сакам да го менувам.

BETTY: Втори во редот верни фанови се најмладите. Омилен гостин сте на детски  фестивали и слични манифестации. Дали сакате на најмладата публика да ѝ се оддолжите со некој албум со детски песни, постои ли таква идеја?

Такви албуми веќе постојат, јас активно учествувам во тоа и како автор и како изведувач заедно со Леонтина Вукомановиќ и „Чаролија“, најдобриот детски хор во цел регион, ако не и пошироко. Леонтина работи прекрасна работа, има супер методи за работа со деца и ги насочува токму онака како што треба. Настапувавме по регионот заедно со Миња Субота и работата со деца е дефинитивно нешто најубаво на свет. Токму од таа причина одлучив да отворам училиште по пеење „Универзум“, каде заедно со својата драга колешка Милена Миладиновиќ ги воведуваме најмладите во светот на музиката преку игра. Работиме со деца на возраст од 5 до 12 години и бескрајно уживаме во тоа.

BETTY: Ги собравте наградите од скоро сите фестивали во регионот. Ви недостигаат ли такви случувања денес и како гледате на поп-сцената на Балканот?

„Симпатетично“. Повеќе патетично, отколку симпа, но убедена сум дека тоа ќе се промени. Не можеме вечно само да гледаме на квантитет, мора некако да се врати времето во кое музиката се слуша, а не се гледа. Буквално сè е сведено на броење кликови и лајкови и на дискусии кој повеќе се соблекол и што во таа (не)прилика му се видело. Што се однесува до фестивалите, некогаш навистина ги имаше многу и постоеше конкуренција, мораше да се поседува талент и добра песна за твојата песна воопшто да дојде на фестивал и да добие прилика да се претстави на публиката. Денес тоа го нема и поради тоа нема ни фестивали. Нема различности, нема конкуренција. Сè е исто. Само него го нема.

BETTY: Натпреварувањата на музичките таленти моментално се најзастапени во ТВ-програмите. Какво е Вашето мислење за нив и поради што многу малку учесници на овие шоу-програми навистина успеваат да направат кариера?

Мислам дека се најзастапени зашто е тоа одреден вид на ријалити програма, кои на овие простори се актуелни веќе неколку години, а последниве неколку години нивната популарност го досегна врвот. Морам да признаам дека има навистина многу талентирани деца и млади луѓе, и уживам кога ќе видам колку сме, всушност, талентиран народ. Меѓутоа, талентот не е доволен. Никогаш и не бил, а посебно не сега во ерата на интернетот и кликовите. Од друга страна, полесно е да се пробиеш на сцена благодарение на социјалните мрежи, но тој фактор во исто време и ги отежнува работите, зашто дојде до заситување, па на луѓето им опаѓа вниманието. А на прашањето поради што многу малку учесници навистина успеваат да направат кариера, сами дадовте одговор: шоу-програма. Тие програми служат за да направат шоу, а не кариера.

BETTY: Настапивте на Евросонг 2014. Поголем дел од изведувачите кои ќе се појават на тој престижен натпревар велат дека повторно би се обиделе. Дали сте и Вие една од нив? Какви искуства носите од Данска?

Да, и јас сум една од тие кои со задоволство повторно би биле дел од планетата наречена Евровизија. Тоа е навистина како да си на потполно друга планета и тие десетина дена, колку што престојуваш таму, се нестварни. Подготовките траат многу, многу долго, постојат низа ставки и правила кои мора да се почитуваат, така што од моментот кога ќе дознаеш дека ќе ја претставуваш својата земја влегуваш во машина и не излегуваш додека сè не заврши, зашто прво ја претставуваш својата земја, па дури тогаш себеси и песната. Јас сум многу задоволна со својот настап во Копенхаген, сметам дека Македонија ја претставив на најдобар можен начин.

BETTY: Дали Вашиот син Вук прв ги преслушува новите песни на мајка му и колку Ви е важна сугестијата на луѓето од најблискиот круг, односно семејството?

Апсолутно! Вук ми е најголем критичар и најголема поддршка. Сите песни прво на него му ги пуштам уште додека се во демо верзија и ако му се допаѓаат, тогаш снимам. Не затоа што е мој, но многу е талентиран. На аудиција за запишување во музичко училиште останаа без текст кога го слушнаа, вистинско чудовиште е што се однесува до музиката. Што се однесува до слушање сугестии од други луѓе од опкружувањето – уф... многу тешко поднесувам критика. Семејството и блиските пријатели тоа веќе го знаат, свесни се за тоа, па секогаш некако бараат начин да ми соопштат нешто такво, но секогаш се завршува како што треба зашто јас после седнувам сама со себе, па одлучувам дали нешто треба да се менува или не. Сè се тоа конструктивни предлози и пред секоја поважна одлука ги согледуваме работите од различни агли и се договараме околу сè. Семејството ми е најголема поддршка и неговото мислење ми е важно, затоа за сè одлучуваме заедно, но кога е мојата музика во прашање – мојот збор, сепак, е последен, што е потполно логично и нормално.

BETTY: Неодамна станавте и тетка. Размислувате ли можеби и за проширување на семејството така што на Вук ќе му подарите брат или сестра?

Тоа не се планира, ако се случи – ќе се случи. Секако дека би сакала Вук да добие брат или сестра, но и ако тоа не се случи, веројатно постои некоја причина зошто е тоа така. Вук пред два месеца доби братучетка, јас станав тетка и ми се отвори потполно нова димензија на љубов и сега ја разбирам својата сестра која ми зборуваше дека тоа е љубов која не може да се опише со зборови. Сите сме на дваесет и седмо небо откако Хана дојде на свет, а Тамара и Александар, без никаков сомнеж, ќе бидат најдобри родители на светот.

BETTY: Последниве месеци бројни медиуми зборуваа за Ваш наводен развод. Ви пречат ли такви написи и како реагирате кога ќе прочитате некаква невистина за себе?

Кога им е досадно, почнуваат приказни за развод, зашто најверојатно тоа секогаш е актуелно и интересно. Нека пишуваат, не ми пречи зашто моето семејство и јас најдобро знаеме каков ни е дворот, и тоа ништо не може да го поремети. Фала му на господ, Милан и јас одлично функционираме веќе 16 години. Секогаш повторувам дека ниеден брак не е идеален, па ни нашиот, но кога постои љубов и нормална, здрава комуникација, сè е можно. Милан и јас сме и сопружници и пријатели и колеги. Сè работиме заедно и за сè разговараме. Има тука милион ситуации, но сето тоа е нормално. Да не е така, би било досадно. А јас сметам дека само на глупавите луѓе им е досадно.

BETTY: Ми се чини дека, повеќе отколку за новите песни, овие денови се зборува за Вашата линија која ја доведовте до совршенство. Многумина ги интересира со чија помош и на кој начин?

Да, навистина многумина тоа ме прашуваат, што во живо, што на социјалните мрежи. Со помош на липосукциска исхрана. Луѓето од International Healtha ми помогнаа да сфатам колку диетите се, всушност, погубни за организмот и затоа ги има толку многу и ниедна не е успешна. Потребно е потполно да се променат навиките во исхраната и да се зема само тоа што му е потребно на организмот. Тоа е најздраво и автоматски организмот заздравува, се чисти од сите отрови и сè се доведува до нормала. Секако, за сè мора да постои волја. На почеток на некому  можеби ќе му биде малку потешко зашто сме навикнале да живееме брзо, јадеме од нога, на брзина и тоа што било само да можеме да продолжиме да брзаме. Кога ќе поведете сметка за својот организам, ќе поведе и тој сметка за вас. Можеби звучи како клише, ама така е. Не постои волшебна состојка, туку само правилна исхрана и физичка активност. Човекот е создаден да се движи, а не да седи пред компјутер. Е сега, нам 21 век не ни остава многу време за движење, но со добра организација  сè е можно.

BETTY: Колку инаку водите сметка за исхраната и здравиот начин на живот, спортувате ли и кој спорт Ви е омилен?

И тоа како водам сметка за тоа што, кога и колку јадам. Не сум ги отфрлила овие или оние продукти, не гладувам, не бројам калории и сл. Постои важна разлика помеѓу „не сум гладен“ и „се прејадов“, која луѓето често ја забораваат. Липосукциската исхрана би ја препорачала секому. Спорт не сакам, јас сум познат спортомразач, никогаш не сум го сакала, но свесна сум колку е тој важен за здравјето. Во зима одам во теретана, а штом времето ќе се разубави, теретана ми станува шумичката во близина на мојата зграда. Секаде е зеленило и постојат справи за вежбање, како и трим-стаза. Сè е прекрасно уредено и обожавам да одам таму.

BETTY: Како изгледа идеалниот одмор на Тијана? На која локација и со што би требало да се надополни? Некоја книга, музика, филм..?

Мојот идеален одмор е со семејството и блиските пријатели некаде во природа, вон градот. Идеален одмор е време кога си опкружен само и исклучиво со луѓе кои ги сакаш, без оние кои ти носат негативна енергија, без мобилен телефон и интернет. Филм, книга, музика, театар – што и да ве опушта и може да ве исклучи од секојдневното трчање барем на кратко, тоа треба да го правите кога и да ви се создаде прилика за тоа. Оние кои тврдат дека не би можеле без мобилен телефон и интернет во најголем број случаи тоа не го пробале. Никој не вели дека треба да се изолирате од светот, да се дисконектирате целосно и да се преселите во прашума, но нема ништо поздраво од повремен одмор од сето тоа и уживање со блиски луѓе. Известувањата, секако, ќе ве чекаат кога повторно ќе го вклучите телефонот.

BETTY: Често патувате. Кои дестинации Ви се во план следниот период?

Патувањата ми се во описот и пописот на работата и тоа е уште една работа која баш ја сакам, зашто сум имала прилика да видам прекрасни места. Поточно, во секое место има нешто да се види. Ова лето планираме одмор, стандардно во Грција зашто таму ни е најубаво. Пред неколку години откривме едно мало идеално место за семеен одмор, нема метеж и хаос и од тогаш секое лето го поминуваме таму. Вук ужива во морето, не излегува од вода по цел ден, а секогаш има уште многу деца таму и навистина се одмораме.

BETTY: Омилено место за викенд-одмор во Србија и Македонија кое би го предложиле на нашите читатели?

Уф, ги има многу, тоа зависи од тоа кој што сака и на кого што му годи. Во Македонија Охрид е прв на листата, дефинитивно. Потоа, националниот парк Маврово, кањонот Матка итн. Во Србија, секако, Златибор, Дивчибаре, Копаоник... ама нема да погрешите ни ако одите на Паличко или Сребрено језеро, ја посетите Ѓавоља варош, која се наоѓа на падините на планината Радан, во близина на Куршумлија и претставува вистински споменик на природата.

BETTY: На многумина сте им пример и кога е во прашање стилот на облекување. Како ја бирате гардеробата за јавни настапи и имате ли некој кој Ви помага во тоа?

Во бирање гардероба за јавни настапи секогаш ми помага Ивана Рабреновиќ, една од најдобрите стилистки на овие простори и со неа секогаш се консултирам каде и да одам, додека за мојата коса е задолжен Студио Простор, кој ми е како втора куќа. Отсекогаш сум сакала да експериментирам со својот изглед, зашто не сакам калапи и шаблони. Сакам да се чувствувам убаво и опуштено во она што го носам и така ја бирам облеката, а стил или имаш или немаш, тој не може да се купи.

BETTY: Кога би ја добиле планетата Земја на управување на еден ден, што би направиле?

Би направила да исчезнат сите оние кои управуваат со планетата како да е нивна сопственост и би ги распоредила парите поинаку за да се промени ситуацијата во која оние кои крадат имаат сè, а децата да мораме да ги лекуваме со СМС пораки. Ниедно дете на светот не заслужува да не добие здравствена помош. На крајот на денот би ги викнала вонземјаните на кафе.[mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2016/07/App_cover_august2016.jpg" image_size="full" align="center"]

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>