[vc_column width="1/2"][mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2017/07/cover_aug_2017.jpg" group="_general" margin_bottom="0" crop="false"][vc_column width="1/2"]
Тино и Атанас
Пробајте да насмеете некого
Broj 42, август 2017
Младите актери препознатливи по жанрот комедија, Атанас Атанасовски и Валентин Костадиновски, ексклузивно за BETTY магазин говорат за нивната страст кон жанрот кој измамува насмевки кај публиката. Нивната енергија и ентузијазам се видливи во секое нивно дело, а тие самите признаваат дека ништо не може да го замени чувството кое го добиваат во театар. Во разговорот, меѓу другото, откриваат како го поминуваат слободното време и што најмногу сакаат да прават во летоБојана Симоновиќ
BETTY: Млади актери чија кариера е во подем, препознатливи по своите улоги во Театар Комедија, дали комедијата дефинитивно е жанрот кој најмногу ви лежи или вашиот предизвик се крие во нешто друго?
Aтанас: За ова прашање разговаравме и со нашите колеги, често ни го поставуваат. На пример, тие не се жанровски определени, играат и комедија и драма и нè прашуваат како ни е 5 години да играме комедија. Јас мислам дека тоа е жанрот каде можеме да постоиме. Тврдам дека тоа е нешто што ме прави различен од другите и таму можам најдобро да се изразам, едноставно се препознавме со тој жанр. Ми годи тоа да го правам... Кога сакаш на луѓето да им покажеш каде има проблем во општеството, врска, најлесно е преку комедија. Тоа е примамливо за луѓето да дојдат да го гледаат, плус ти можеш во лице да им кажеш и тие да се насмеат и да биде сè во ред.
Тино: Нашиот начин на размислување е ведар и младешки. Повеќе сакаме да ги кажеме нашите ставови од онаа смешна и интересна страна, отколку од онаа другата трагична страна. Кога кажуваш некој став секогаш имаш две опции, да го покажеш од смешната и од трагичната страна... Во Македонија нема голема театарска продукција и нема модерни комичари кои работат само комедија. Мислам дека ние сме први кои се посветиле на комедијата. Сметаме дека тоа е нашата предност, бидејќи може да се посветиме само на тоа. Во Холивуд има продукции кои работат исклучиво комедија.
BETTY: Како започна вашата соработка, од кога датира вашето познанство?
Тино: Се познаваме некои седум, осум години, пет години вработени во Театар Комедија и три претходно. Се запознавме на претставата Троил и Кресида, но тогаш не сме се дружеле вака како сега. Се здруживме со нашето вработување во Театар Комедија со нашата трета претстава „Женидба“ во режија на Дејан Пројковски. Потоа се случи „Стујардеси“ и ни тргна. Некако професијата нè натера така природно двајцата да се зближиме. Што значи имаме врска 5 години со паузи (се смеат).
BETTY: Освен по вашите претстави во Театар Комедија, препознатливи сте и по манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“, како вие се најдовте како водители на ова шоу?
Атанас: Ја правевме претставата „Стујардеси“ со Синиша Ефтимов која доживеа огромен успех, во септември здравје ќе имаме 100 изведби. Ранко, сопственикот на „Бубамара“, ја гледаше претставата и рече дека не може да награди еден актер и нè награди двајцата за најдобар млад актер. Кога ја зедовме наградата направивме мини скеч, кој беше поразличен и целиот тим препозна нешто и нè покани како заменски водители, а лани како технички водители... Кога влегуваш во кој било тим исто е како и во фудбал кога ќе дојде нов играч, така е и со нас, влеговме, но сè уште не може сите да се приспособат на нашиот стил и начин на изразување.
Тино: Најверојатно тоа е таа природна транзиција која сака Ранко да ја направи, ние помагаме да се внесе свежина на манифестација која трае 20 години. Како поминува времето и нам тоа поинтересно ни станува. Полека сè повеќе ни се допаѓа, но ние сме театарски глумци и не може да влеземе во тој шоу бизнис до крај. Сè уште љубовта кон театарот е многу голема, ништо не може да го замени тоа чувство кое го добиваш во театар... Кај нас луѓето се многу комфорни, навикнати се на едно нешто и не сакаат промени без разлика дали се подобри.
BETTY: Со оглед на тоа што постојано соработувате, сигурно има ситуации за кои имате и различни мислења. Во што најмногу се разликувате на професионално поле?
Атанас: Во глобала ние креираме со несогласување. Тоа е најточната дефиниција – ние креираме со несогласување. Секогаш имам една црвена светилка која се вика Тино и секогаш кога ќе се прашам себеси дали е добро а тој ќе каже не е, креираме како да дојде до некое ниво и обратно.
Тино: Ние ист виц да кажуваме го кажуваме различно. Јас мислам дека треба на еден начин, тој на друг. Секогаш што и да работиме го имаме тој проблем, но тоа е секогаш конструктивно.
BETTY: Која улога што досега сте ја одиграле е најблиска до вас?
Атанас: Јас сум немал ниедна таква улога. Мојата филозофија е дека колку повеќе се обидувам да се скријам себеси толку поинтересен излегува ликот. Ние сме во овој барабан 5 години и сме опседнати со карактерите да бидат поразлични и посвежи.
Тино: Поентата е да бегаш во улогата и да направиш нешто поразлично од себе, нешто што ти не можеш да го направиш во приватниот живот, од друга страна, пак, во секој карактер има нешто твое. На пример, Атанас во секој лик е убав, бидејќи е убав приватно... (се смее).
BETTY: Кој лик кој досега не сте го одиграле би сакале да имате можност да го донесете пред публиката?
Атанас: Сакам да го играм Сирано де Бержерак, ова често го кажувам, се надевам некој режисер ќе ме слушне... се смее... Знам дека сум уште млад за оваа улога затоа што се работи за искусен мечувалец – проблематичен лик.
Тино: Јас кај и да е треба да го изиграм Амадеус, но до 30 години ако не го изиграм после може да ми е доцна. Филмот „Амадеус“ е направен по драмски текст, тоа е ликот кој сакам да го изиграм.
BETTY: Колку сте задоволни од тоа како вашата глума е прифатена од публиката?
Тино: Задоволни сме многу. Овде во Скопје нè сакаат многу, тоа сум сигурен, скопската публика е на наша страна. Сега кога бевме на гостување во Сараево се мислевме, дури рековме побрзо да завршиме да не бидеме смешни. Кога играме на гостувања настапуваме со титл, бидејќи не нè разбираат. Кога публиката не те познава е потешко. Кога почнавме да играме видовме дека има реакции од публиката како што имаше и во Скопје. Taму добро нè прифатија. Задоволен сум како нè прифаќаат, бидејќи тоа не е само во Скопје каде што нè знаат туку и на места каде што не нè знаат супер реагираат на нас. Исто така, морам да кажам дека скопската публика е една од најинтелигентните публики во регионот, таа е дрска публика и ако не те сака – не те сака што сакаш прави. Но, не значи дека ако те сака, а на настап лошо одиграш, нема тоа да ти го покаже. Често некој лик кој не ми бил добро сработен не поминал добро и публиката не те наградува. Тоа е добро, бидејќи гледаш понатаму да не ја изневериш.
Атанас: Кога би гледал на скопската публика како на врска мислам дека е многу лојална и верна, така би ја дефинирал. Но, ако се правиш паметен таа знае да ти каже дека може да биде крај тука, така јас би го дефинирал моментот со скопската публика. Едвај чекам пак да дојде септември да почнеме нова сезона, ептен сум радосен. Без разлика колку ме болат колената, ʼрбетот, кога играме пред 300 луѓе кога ќе се случи таа хемија и ќе се споиме... само за тоа живеам.
BETTY: Како го поминувате слободното време, се дружите ли приватно или тогаш одморате еден од друг?
Тино: Се дружиме приватно, одиме по одмори заедно, цело време сме заедно, во принцип слободното време го поминувам со Атанас (се смее). Го користиме слободното време и да смислиме што ќе работиме, на пример, некој нов проект. Знаеме заедно и сони да играме, фудбал играме...
Атанас: Покрај театарот ние заедно работиме и на „тезги“ и таму нè викаат како тандем, како водители, модератори. Излегуваме заедно, нашите девојки се другарки...
BETTY: Дали спортувате и дали внимавате на начинот на исхрана?Атанас: Се запишав на пливање, тогаш се исклучувам од сè и се соочувам со себе, разговарам со себе и таму ми оди цела негативна енергија. Тоа ми помага кондиционо да можам да ги издржам претставите во нив има многу физичка активност. 17 пати во месец имаме претстави и не може да дозволиме да играме послабо.
Тино: Пробавме и режим на исхрана ама многу напорно било. На нас Македонците во гените ни е да јадеме многу леб, а тој режим на исхрана беше без леб и цело време бевме гладни. Тоа последните години ни е проблем. Но, затоа спортуваме, играме често фудбал, да се грижиме за себе повеќе ќе дојде со времето.
BETTY: Како обожавате да го поминете летото, кој е вашиот избор езеро, море или планина?
Атанас: Лани бевме да шетаме низ Европа за одмор и повеќе се заморивме и сега сфатив дека ова лето нема да мрднам од плажа. Така сакам да поминам класичен одмор, пензионерски.
Тино: Некое лето сакаме да шетаме, некое да одмораме, ова лето дефинитивно нè има погодено на одморање, бидејќи се прекршивме од работа годинава. Се спремам за кампинг, ова лето ќе одам на кампинг.
BETTY: Порака до читателите?
Атанас: Летово да се наполнат со позитивна енергија, од септември ние ги чекаме во Театар Комедија и ќе ги наполниме со позитивна енергија. Им посакувам повеќе време со луѓето што ги сакаат, затоа што сè брзо поминува.
Тино: Јас како некој што сега откри дека стресот е најголем проблем во животот би ги советувал луѓето да имаат помалку стрес. Тоа може да се постигне само со љубов и гледање на позитивната страна на работите. Колку повеќе се смееш, толку си посреќен и тоа е една од ретките дефиниции што се точни денеска. Колку повеќе се смееш толку си посреќен и поздрав.
Атанас и Тино (заедно): Пробајте да насмеете некого![mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2017/07/app_cover_aug_2017.jpg" image_size="full" align="center"]