casopis-inetrvju-naslovna-cetkar

ВЛАДИМИР ВАСИЛЕСКИ ЧЕТКАР

ВО ЏЕЗ-ФАНК И СОУЛ МУЗИКАТА СЕ ВЉУБИВ НА ПРВО СЛУШАЊЕ

 

Број 66, август 2019

Владимир Четкар, охриѓанецот чиј втор дом е Њујорк, познат по квалитетната музика која тој како вокалист, гитарист, композитор и аранжер ја изведува во светски рамки, ни открива интересни детали за својата кариера. Вљубеникот во џез-фанк и соул музиката, познат по своите настапи во живо, говори за емоциите кои ги дели со публиката, а своите настапи вредни за сеќавање ги споредува со цунами кое го создава енергијата на сцена. Четкар говори за возбудливите искуства на музичките пазари, како Јужна Кореја, Мексико, Јапонија и ги најавува своите турнеи во Детроит, Кливленд и Чикаго… Ексклузивно за BETTY магазин ‒ Владимир Василески Четкар.

Бојана Стевческа

BETTY: Свежа музичка сила со уникатен квалитет. Со овие зборови е опишана Вашата музичка работа во светски рамки. Колкава амбиција, желба, работа и страст се потребни за Вашиот квалитет да биде светски препознаен?
Четкар: За да се создаде продукт со вистински и трајни вредности треба, пред сè, искрена љубов кон музичката уметност, а не кон популарноста, како и макотрпна работа и упорност која на моменти се граничи со фанатизам. Никогаш не сум се занимавал со трендот, не ме интересирала површноста и сум се стремел кон константно усовршување учејќи го музичкиот занает од музичките мајстори од старата школа.

BETTY: Џез-фанк и соул музиката која Вие ја изведувате не е меѓу актуелните жанрови во Македонија. Како се решивте токму за овој музички правец?
Четкар: Тоа беше љубов на прво слушање. Тие софистицирани композиции, лирични мелодии и генијални аранжмани и оркестрации ми ја ежеа кожата и ми ја галеа душата на секое слушање. Кога почнав да навлегувам посериозно во музичкиот свет сфатив дека генерално треба многу повеќе труд за анализирање и дисекција на една соул, џез или диско тема отколку на некоја рок или поп-нумера. Сфатив дека во Македонија скоро и да нема музичари кои дејствуваат во овие правци, меѓутоа, исто така, сфатив дека тоа е вистински предизвик, бидејќи доколку успеам да го постигнам квалитетот на моите влијанија и учители, тогаш моето поле за работа станува целата планета, а не Балканот.

BETTY: Освен како вокалист, познат сте и како гитарист, композитор, продуцент и аранжер. За да се реализирате на сите овие полиња, потребно е да поседувате мултиталент. Како Вие се надградувавте за да го постигнете ова?
Четкар: Формулата на еден музички артист покрај инструментот и вокалот да се фокусира и на компонирањето, аранжманот и продукцијата е многу стара, меѓутоа во последниве децении тоа стана вистински раритет, бидејќи победи поинаков бизнис-модел во оваа индустрија, а линијата на помал отпор си го стори своето, па во медиумскиот етер почна да се лансира сè и сешто. Токму затоа мојот начин на работа многу критичари во Азија, Европа и Америка го оценија како вистинско освежување и еден чекор напред кон враќањето на вистинските вредности.

BETTY: Вашето музичко образование го завршивте во САД на Беркли музичкиот колеџ. Колку одлуката да се образувате таму влијаеше на Вашата музичка кариера?
Четкар: Студирањето на Беркли колеџот за музика за мене беше бесценето искуство. Се стекнав со толку многу информации кои сè уште ги дигестирам.
Искуството ме научи дека без работа, упорност и правилен пристап кон нештата и талентот и најдобрата едукација можат да бидат залудни. Сепак, комплетноста на една личност е пресудниот фактор за успех на секое поле.

BETTY: Препознатлив сте по Вашите изведби во живо кои публиката во Македонија со нетрпение ги очекува. Колку за Вас е важен контактот со публиката и вибрациите кои ги добивате од неа?
Четкар: Ги сакам сите настапи во живо почнувајќи од помалите клупски настапи, па сè до големите интернационални музички фестивали. Секаде се сведува на исто, а тоа е добрата комуникација со публиката и со бендот. Секогаш се трудам прво да се постигне одлична свирка и прекрасна синергија во составот со кој свирам, а потоа сето тоа да се пренесе и да се синхронизира со публиката. Таквите моменти се вистински благослов и секогаш колку и да сум се истрошил физички за времетраењето на концертот заминувам од сцената полн со енергија.

BETTY: Настапувате ширум светот, ќе може да ни одвоите Ваш настап од светски рамки со кој посебно се гордеете?
Четкар: Сум имал концерти во САД (во речиси сите поголеми градови), Канада, Англија, Италија, Унгарија, Јужна Кореја, Индија, Кина, Хонг Конг, Индонезија, Камбоџа, Тајланд, Малезија, Србија, Мексико итн. Навистина е тешко да се издвои мојот омилен настап, бидејќи делам толку многу емоции и сеќавања кај сите овие настапи. Сепак, би го издвоил концертот во Јужна Кореја на интернационалниот Јарасум џез фестивал кога настапив пред повеќе од 15 000 публика чии емоции и енергија беа толку силни што мене и на бендот ни се чинеше како мали цунами бранови константно да маваат на сцената. Истиот концерт го прогласија како најуспешен концерт на тоа издание на Фестивалот, а мојата песна Heavenly ја направија фестивалска химна за таа година.

BETTY: Вие живеете и работите во Њyјорк. Може ли да се спореди животот таму со животот во мирниот, природно убав Охрид?
Четкар: Секоја година сум по просек околу 5-6 месеци во Македонија, а другите месеци претежно сум во Њујорк, но и низ Азија. Каде и да патувам низ светот Охрид ми е главната станица, а чувството на спокој кое го добивам таму е незаменливо. Контрастите и разликите меѓу Њујорк и Охрид се драстични и токму затоа ја имам сета потребна инспирација да го работам тоа што го работам.

BETTY: Вашиот нов албум Going home го издадовте оваа година за јапонскиот пазар, еден од најголемите во светот, а Вашите песни се најдоа рамо до рамо со најголемите хитови на јапонските топ-листи како, на пример, станицата fm Kyoto. Како дојде до оваа соработка во Јапонија и колку сте задоволни од тоа како досега е прифатен албумот?
Четкар: Приемот, критиките и радиската поддршка која секојдневно доаѓа од јапонските медиуми ги надминаа сите мои очекувања. Песните од новиот албум се најдоа на повеќе радиски топ-листи ширум Јапонија или поконкретно во Токио, Кобе, Кјото, Нагано, Осака, но и други јапонски градови. Неодамна ме информираа од музичка куќа Пи Вајн дека сите копии од првиот принт на албумот Going Home се распродадени уште во првиот месец од неговото издавање. Ова е вистински раритет ако се земе предвид дека во денешно време продажбата на цедиња е драстично намалена. Мојата соработка со земјата на изгрејсонцето започна уште во 2014 година кога таму го издадов мојот албум Heavenly. Фактот што Јапонија заедно со САД се двата водечки музички пазари во светот и што сето ова го постигнав самостојно и со моја авторска музика ме прави особено горд.

BETTY: Што во моментов работите и што во блиска иднина би можеле да очекуваме од Вас на професионален план?
Четкар: Моментов работам на промоцијата на мојот нов студиски албум, а во блиска иднина ме очекуваат турнеи во Америка или поконкретно Детроит, Кливленд и Чикаго.

BETTY: Кој е Вашиот најголем предизвик на професионален план и што е она што досега го сметате за свој најголем успех?
Четкар: Одговорот е ист за двете прашања, а тоа е моето константно усовршување како главно мото на мојот живот и главна причина за сите мои успеси на интернационално поле.

BETTY: Колку имате слободно време и како сакате да го поминувате, што Ве исполнува приватно?
Четкар: Од кога паметам за себе колку обврски и да имам секогаш наоѓам време за дружење со моето семејство, но и за авантури кои инволвираат физичка активност.

BETTY: Колку внимавате на начинот на исхрана и во која храна најмногу уживате?
Четкар: Во зависност од тоа каде се наоѓам секогаш се трудам колку што е можно повеќе да јадам органска храна, свежи салати и овошје во обилни количини, сирења, риба и квалитетно месо.

BETTY: Ви недостига ли македонската кујна во Њујорк?
Четкар: Не само во Њујорк, секаде каде што сум ми недостига традиционалната македонска храна која веќе тешко може да се најде и во Македонија, за жал.

BETTY: Колку сте физички активен и каква физичка активност преферирате?
Четкар: Активен сум физички од кога паметам за себе. Најчесто вежбам на разбој, како и други вежби со сопствена тежина, но вежбам и фитнес, возам велосипед, пливам и пешачам.

BETTY: Порака до читателите на BETTY магазин?
Четкар: Нека бидат благородни, искрени и добри кон себеси, кон другите и кон природата… Само тоа ќе им донесе спокој и среќа.

sal-betty-teget
basketball jerseys cheap