[vc_column width="1/2"][mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2015/11/Cover_dec2015.jpg" group="_general" margin_bottom="0" crop="false"][vc_column width="1/2"]
Марјана Станојковска
Би сакала да играм во мјузикл
Broj 22, декември 2015
Бојана Симоновиќ
Нејзиното име се поврзува со убавина, танц, атрактивност. Марјана Станојковска со години сигурно чекори на македонската сцена и предизвикува голем интерес кај публиката која ги следи нејзините проекти. Ексклузивно за BETTY магазин таа открива во што наоѓа предизвик, објаснувајќи дека би сакала да биде дел и од актерската сцена и да учествува во мјузикл. Марјана говори за љубовта кон својата професија, водителството, за која вели дека максимално ја исполнува.BETTY: Манекенка, модел, водителка, танчерка... Јавноста Ве има видено во повеќе светла. Во што најмногу се пронаоѓа Марјана?
Водителството не би го менувала, удобно ми е кога сум во студио и кога се одбројуваат оние 10 секунди до почетокот на емисијата, со оглед на тоа што речиси сите телевизиски проекти на кои сум работела се емитувале во живо. Би рекла дека има некоја магија во работата на телевизија и тоа можат да го почувствуваат само оние кои се занимаваат со таа професија. Исто така, морам да напоменам дека имам огромна љубов кон танцувањето и не е никаква тајна дека танцот е моја страст. А драго ми е што после моето учество во македонскиот формат Танц со ѕвездите луѓето ме доживуваат и како танчерка.
BETTY: Дали некогаш сте размислувале за актерска кариера и дали постои предизвик за Вас во таа професија?
Секако дека постои. Би рекла дека танцот, музиката и актерството се меѓусебно тесно поврзани. Кога станува збор за штиците што живот значат би сакала еден ден да учествувам во некоја наша адаптација на некој познат мјузикл.
BETTY: Колку е предност во Македонија да се биде убава жена?
Прво треба да научиме да живееме во согласност со нашата внатрешност, тогаш и нашата убавина би дошла многу повеќе до израз. Што би била убавината без шарм? А шармантен е оној кој се прифаќа себе целосно и нема потреба да се натпреварува со другите.
BETTY: Постојат ли ситуации каде убавината Ви била пречка во остварување на некоја цел?
Не сум се нашла во таква ситуација... Она што сум го имала во план да го остварам секогаш било поврзано со моите квалитети и зависело исклучиво од моите способности. Не верувам дека убавината некому може да му пречи, туку напротив може да биде само плус.
BETTY: Со Вашата професија како манекенка ја претставувавте Македонија на неколку интернационални избори. Кој можете да го издвоите како посебно искуство за Вас?
Имам освоено доста титули на интернационалните избори за убавина, но, секако, би ја издвоила победата во Кина на интернационалниот избор за убавина – Мис бикини на универзумот 2005. Посакував да се докажам како интернационална мисица и на моја огромна радост тој сон ми се исполни. Навистина никогаш нема да го заборавам мигот и чувството кога пред тој огромен аудиториум на таа импозантна сцена во Беихаи, Кина, го изговорија името на мојата земја.
BETTY: Сте биле во можност да се дружите со многу убави девојки од целиот свет. Според Вас, во што се крие убавината на жените во Македонија и по што тие се одвојуваат од останатите?
Македонската жена знае да ја носи својата убавина. Од една страна, е љубезна, грижлива, трпелива, спонтана, насмеана, а, од друга, доволно јака и силна за да се соочи со секој проблем на патот. Токму тоа и ја издвојува македонската жена.
BETTY: Како успевате да се носите со популарноста која ја уживате и дали таа некогаш Ви пречи?
Кога се занимаваш со јавна професија нормално е дека луѓето на улица те препознаваат, сакаат да се фотографираат, да ти постават некое прашање поврзано со твојот живот и слично. Ние јавните личности постоиме за нив, за нашата публика и не би требало да ни претставува потешкотија таа комуникација. Посебно ми е драго кога ми приоѓаат дечиња и сакаат да се фотографираат со мене, да ми отпеат некоја песничка или да одиграат некој танц и се трудам сите тие млади таленти да ги донесам во емисијата кај мене Во недела попладне, за да им дадам простор да се прикажат пред македонската јавност.
BETTY: Колку емотивно Ве исполнува тоа што го работите на професионален план?
Ја имам таа среќа да ја работам работата која ја сакам и која ме исполнува максимално. После добро завршена емисија се чувствувам среќно и имам сила за уште.
BETTY: Што сметате за свое најголемо достигнување во кариерата досега?
Kога би направила ретроспектива на сите мои досегашни ангажмани и успеси можам да кажам дека сум презадоволна од развојот на настаните и на сето она што ми се случувало. Секој проект на кој сум работела досега има свое значење за мене. Јас сум бик во хороскоп и по природа сум доста темелна, професионална и се трудам да се внесам и посветам целосно во работата која ми е зададена, а кога имате таков пристап тогаш не може да нема и позитивен ефект.
BETTY: Кој е Вашиот најголем предизвик на професионален план?
Сакам предизвици, тоа ме мотивира, а следниот чекор поврзан со мојата кариера ќе го направам тогаш кога ќе го почувствувам вистинскиот момент за тоа, секако, ќе останам мистериозна и нема да откривам ништо пред време (се смее).
BETTY: Дали сте љубител на зимските спортови и каде планирате да ги поминете новогодишните празници?
Морам да признам дека не сум голем љубител на зимските спортови. Го сакам снегот, но онака да уживам во неговата глетка, пиејќи некој топол пијалак и дишејќи чист воздух. А за Нова година сигурно ќе бидам овде во Скопје, бидејќи со Државна лотарија на Македонија секогаш приредуваме вонредно извлекување на Ново Лото сè со цел да ги израдуваме нашите верни играчи со значително повисока премија.
BETTY: Како се грижите за Вашиот физички изглед со оглед на тоа што тој е многу значаен за професијата која ја работите?
Не знам како но во последните 10-тина години константно имам иста тежина и не варирам во тој поглед, најверојатно тоа се должи на генетиката. Се трудам и да спортувам во зависност од времето и од ангажманите кои ги имам во тој одреден период. Некогаш знам да направам и пауза од месец, два, но подоцна повторно се враќам во форма, ништо страшно (се смее).
Што се однесува до негата на моето лице и тело тоа им го препуштам на стручните лица од салонот за убавина Силуете, но морам да истакнам дека од голема важност е и домашната нега. Ова е еден рецепт кој го има употребувано мојата мајка и до ден-денес го применува, а јас го наследив. Станува збор за домашен пилинг за лице и тело кој се состои од неколку лажички мед, хималајска сол и неколку капки лимонов сок.
BETTY: Колку можете да кажете за себе дека сте спортски тип и кој спорт можете да го издвоите како омилен?
Не сум се занимавала активно со некој спорт, меѓутоа во основно училиште посетував часови по ритмичка гимнастика. Во последните години доста сум физички активна и сакам да го одржувам моето тело во фит-форма. Неодамна зедов и дозвола за официјален зумба инструктор, па ете на некој начин ги споив танцот и вежбањето. Исто така, практикувам и пилатес, кик-бокс и фитнес. Инаку, доста следам спорт, посебно кошарка и уметничко лизгање.
BETTY: Колку внимание посветувате на грижата за своето здравје и колку јавната и динамична професија Ви дозволува да водите здрав живот, да спиете доволно и да се храните здраво?
Се трудам да посветам што поголемо внимание на сето тоа, иако спиењето некогаш знае да биде и помалку од оние стандардни 8 часа. А кога станува збор за начинот на исхрана неизбежни ми се свежо цедените сокови од овошје, како и свежата салата која ја јадам за ручек и вечера како надополнување на оброкот, кој се состои од ориз, риба или пилешко. Консумирам и овес, јаткасти плодови, разни семки, но морам да признам дека никако не можам да одолеам на слатките и во денот морам да изедам некое чоколадо.[mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2015/12/App_MK_cover_dec_2015.jpg" image_size="full"]