Фармацевти
Контакт

<< Назад

BETTY МАГАЗИН, ДЕКЕМВРИ 2018

декември 1, 2018

[vc_column width="1/2"][mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2018/11/mkd-casopis-naslovna.jpg" group="_general" margin_bottom="0" crop="false"][vc_column width="1/2"]ЃОКО ТАНЕСКИЖивеам за моменти   

Број 58, декември 2018.Охриѓанецот чии свирки станаа заштитен знак на Охрид, Ѓоко Танески, говори за својата страст кон музиката. Пејачот кој е еден од ретките уметници во Македонија на кои музиката им е прва професија, раскажува за своите музички искуства кои на македонската музичка сцена се нижат повеќе од 20 години. Танески освен што говори за својата кариера, ја коментира и моменталната ситуација на македонската музичка сцена, а открива и детали за тоа што ужива да прави кога има слободно време... Ексклузивно за BETTY магазин ‒ Ѓоко Танески.

Бојана Стевческа

BETTY: Ѓоко Танески, охриѓанец кој својата музичка кариера ја започнал уште во средношколските денови кога учел во Кавадарци. Уште од средно училиште ја оформивте првата група со која настапувавте локално, како дојде до тоа да запливате во музичките води?

ЃОКО: Живеев во интернат во Кавадарци во 1992 година и уште тогаш почнав да откривам дека знам да пеам. Започнав да пеам заедно со еден мој пријател Роберт Пирнер, а потоа во 1994 година ја оформивме групата „Алегро“. Започнавме да свириме по локали,  а две години подоцна ја направивме нашата прва песна „Оди не го мами срцето“  и со неа излеговме на „Макфест“. Тогаш почна мојата професионална кариера, од 1996 година па наваму. „Алегро“ претрпуваше промени, бевме тројца члена, едно време и Александра Пилева пееше со нас, имаше период кога имавме и 7 члена во бендот. Имавме настапи во источниот дел на Македонија.

BETTY: Настапивте на годинешниот  „Макфест“ со песната „Јас немам ниту сон“, која иако не се закити со награда беше една од најзабележаните на Фестивалот. Како Вие го оценувате годинешното издание на „Макфест“?

ЃОКО: „Макфест“ изгледаше освежително оваа година, имаше многу млади изведувачи, имаше многу подобра продукција, имаше добри песни, можам да кажам дека сите беа добри. Мислам дека  „Макфест“ полека си го враќа стариот сјај. Во Фестивалот еден период ја вклучија и Македонската филхармонија, па сега последниве две-три години повторно е без филхармонија, јас мислам дека така е подобро, уште да се вратат и интернационалните изведувачи на „Макфест“ и тој ќе си го добие стариот сјај. Мислам дека Владимир Дојчиновски, уметничкиот директор на „Макфест“, е на добар пат и му посакувам многу среќа.

BETTY: Во 2010 година победивте на македонското национално финале за избор на „Песна за Евровизија“ и ја претставувавте Македонија на „Евровизија 2010“, одржана во  Осло, Норвешка, со песната „Јас ја имам силата“. Какво влијание имаше Евровизија на Вашата кариера?

ЃОКО:  Во секој случај е многу позитивно искуство. Секој пејач сака да ја претставува својата држава на „Евровизија“, но како непишано правило е кога ќе се вратиме од  „Евровизија“ да ни затајуваат кариерите. Тоа е затоа што до сега никој не поминал како што треба на „Евровизија“, а  македонскиот народ е малку чуден.  Ако некој друг рече дека си добар, веднаш си добар, ние немаме некои критериуми кои сами ќе ги изградиме, но, сепак настап на таква сцена со толку музичари, озвучување, организација е многу позитивно искуство.

BETTY: Вие сте еден од ретките пејачи од Македонија кои успеваат да одржат успешна музичка кариера во својот град, во случајов Охрид, без да се преселат во Скопје. Дали оваа Ваша одлука Ви носи чести патувања?

ЃОКО:  Тоа е неков вид на хендикеп, но не е убаво да зборувам за тоа што би било кога би било, сепак, успевам да се снаоѓам во оваа работа. Се обидов со моето семејство да живеам во Скопје, тогаш не беше уште родена мојата втора ќерка Михаела  и пробавме со постарата ќерка Анастасија да живееме во главниот град. Сепак, да не бидам сфатен погрешно, решивме дека не сакаме детето да го осудиме на смог и загаден воздух кога го имаме Охрид. Кога ќе се осамостојат децата ќе решат сами дали треба да го променат местото на живеење, можеби ќе студираат во Скопје, не знам, но во секој случај одлучивме да се вратиме во Охрид и да живееме тука. Функционираме и сега-засега ни е убаво.

BETTY: Ова лето заедно со единаесет музичари од Охрид и од Струга ги донесовте звуците на култниот рок состав Pink Floyd на сцената ,,Долни Сарај“ во Охрид. Како дојде до еден ваков проект?

ЃОКО: Тоа е една од моите посебни гордости кои сум ги остварил изминатиот период. Идејата беше на гитаристот Наумовски, кој свири со мене, да направиме трибјут на Pink Floyd,  јас со задовоство прифатив,  ја склопивме екипата пополека, додававме и членови и придружни вокали, имавме 11 члена на сцена. Се подготвувавме 7-8 месеци кога решивме дека можеме да го истуркаме овој проект кој се вика „Numb“  и закажавме термин во „Долни Сарај“ каде неочекувано дојде публика од 2000 луѓе. Нашите очекувања беа 500-600 луѓе, но ги надминавме сите очекувања. Публиката беше презадоволна, беа  отсвирени околу 14 теми, сега го подготвуваме материјалот, видео и аудио, пред крај сме да го пуштиме на Youtube луѓето да го видат, да видиме може ќе излеземе и надвор од државата.

BETTY: Дали имате музичка инспирација од странската музичка сцена која ви е пример?

ЃОКО: Мене матична група ми е Whitesnake  и Дејвид Кавердејл, сум пораснал со нив и сум ги слушал и сè уште ги слушам и се потпирам на пеењето на Дејвид Кавердејл и светската музика, особено постариот рок. Обожавам да го слушам постариот рок. Денешната музика и тоа  како има влијание не само на моите настапи туку едноставно музиката отиде толку напред човек да се плаши да направи нова песна, бидејќи не знаеш во кој правец ќе те однесат емоциите, дали ќе згрешиш или не. Нашата естрада, односно македонската музика е на некое пониско ниво, бидејќи сè уште лутаме, мислам дека треба продуцентите да ја земат во рака таа проблематика да ги решаваат тие прашања, да нè однесат напред,  македонската сцена да ја кренат на повисоко ниво.

BETTY: Вие сте најпознат по Вашите квалитетните свирки кои станаа заштитен знак на Охрид. Колку сте задоволен  како публиката реагира на нив?

ЃОКО: Со оглед на тоа колку години свириме не само низ Охрид туку низ цела Македонија, задоволен сум што сè уште има публика која сака да ме слуша. Свирам во Cubalibre преку 2 недели, во Kadmo во среда, два пати во месецот. Јас сум презадоволен затоа што има публика која ме слушала одамна уште во 1995 година свиревме низ Охрид и која сè уште доаѓа да ме слушне. Немам друга професија, живеам од музиката и сè додека може да се живее од музика ќе се посветам на неа.

BETTY: Што работите во моментов на музички план? Што може да очекуваат слушателите од Вас?

ЃОКО: Чекаме да се доработи материјалот од проектот  „Numb“, од проектот за Pink Floyd, веќе ја чекаат таа понуда во Германија, се надевам дека ќе продолжиме и успешно ќе го сработиме тој проект, сите сме фокусирани на тоа.

BETTY: Во која Ваша песна најмногу се пронаоѓате?

ЃОКО:  Јас имам еден единствен мој текст кој сум го напишал и се вика „Јас сум само твој“, таа песна ја изведов 2015 година на „Скопски фестивал“, тој текст можеби бидејќи јас го напишав, ми остава некој белег,  инаку  песната „Никогаш доста“ има најголемо влијание оставено во мојата кариера и е најслушана моја песна. Така што ќе ја издвојам и неа како најдрага на мојата публика.

BETTY: Каде се крие Вашиот најголем предизвик на поле кариера?

ЃОКО:  Како одминува времето се намалуваат и тие видици и се кратат и патиштата и полето има сè помалку квадратура, сега сакам да се фокусирам и фокусиран сум на моето семејство и оставам музиката и кариерата да течат како што течат, живеам за моменти. Во Македонија предизвик е „Евровизија“, кога ќе се постави прашањето што е врв на македонската естрада одговорот „Евровизија“, после тоа е прашањето каде? Надвор од Македонија успеваат народни песни, со нашата музика никој не излегол надвор, освен Тоше Проески кој пееше и на српски и хрватски јазик, искрено ретко кои песни поминуваат на македонски јазик.

BETTY: Колку имате слободно време и како го поминувате? Верувам дека прошетките на охридското крајбрежје Ви се неизбежни...

ЃОКО: Тоа е, секако, така, да, кафе покрај езеро задолжително, спортски активности практикувам, постарата ќерка игра тенис, исто и јас, во зимски услови играме пинг-понг и имаме некои  активности во теретана, Охрид во принцип преку зима е пензионерски град, имам доста слободно време кое го користам за семејството. Летно време сакам пливање, не толку страсно, но сакам да запливам малку.

BETTY: Порака до читателите на BETTY магазин?

ЃОКО:  Мотивација е секогаш амбицијата да се постигне нешто во животот и кој на што ќе се фоксура зависи и од тоа кој во што ужива. Во секој случај сè што се прави треба да се прави со љубов, а кога ќе дојде ред треба да се посветите на фамилијата и да оставите добар пример за вашите деца и да не ги разочарате. Секогаш се паметат делата и енергијата која сте ја дале, треба да бидете со позитивна енергија и да ја насочувате на убави работи и да размислувате позитивно.

[mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2018/11/mkd-casopis-naslovna-app.jpg" image_size="full" align="center"]

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>