Фармацевти
Контакт

<< Назад

BETTY магазин, февруари 2016

февруари 1, 2016

[vc_column width="1/2"][mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2016/01/Cover_feb.jpg" group="_general" margin_bottom="0" crop="false"][vc_column width="1/2"]

Парни ваљак



ПО ПРВИТЕ 40 ГОДИНИ



Broj 24, февруари 2016

Далибор Мрдиќ

Основани се далечната 1975 година. Зад нив се 18 студиски, 5 концертни албуми и 8 компилации. По повод славеничката турнеја објавија две нови песни, „Пролази све, зар не?“ и „За мало нежности“, а во годината пред нас ветуваат и нова „плоча“. Ексклузивно за BETTY, Александар Аки Рахимовски и Хусеин Хасанефендиќ Хус, алфа и омега на групата „Парни ваљак“...BETTY: Кон крајот на минатата година одбележавте 40 години кариера. Какво е чувството?
АКИ: Првите 40 години (се смее). Тоа е една многу голема цифра, респектабилни години во што било, не само во музиката. Јас сум горд на таа бројка. Благодарение на една искреност која владееше меѓу нас од самиот почеток, дојдовме до овде. Нè одржа таа човечка страна. За да се влезе во нашето семејство, беше важно да сте човек со кој може да се разговара, коментира, па на крајот, ако треба, и да се скара. И да знаете да свирите, се разбира. Имавме среќа сите оние кои беа дел од нашата приказна, покрај тоа што беа прекрсни луѓе, беа и сјајни музичари. Како што реков, тоа е едно големо семејство, кое дише заедно, дури и нашите деца меѓусебе се дружат.
ХУС: Јас живеам 24 часа за овој бенд, се будам со помислата дека „Парни ваљак“ е мојот живот и со истата мисла навечер легнувам во кревет. По 40 години работа ми се чини дека некако станавме сечии, дека сме soundtrack од многу животи на овие простори. Малку кој помлад од 50 години овде не слушнал ни една песна од „Ваљак“, а многумина знаат многу наши песни. Сметам дека детството треба да се развлече колку што може, а ние нашето го развлекуваме еве полни 40 години.

BETTY: Како денес изгледа патувањето на настапи? Какво е дружењето, за што разговарате, со што го исполнувате времето?
АКИ: Ах, во младоста тоа беше лудница. Што би рекле нашите луѓе – ни за глава ни за опашка. Морам да признаам дека на оние први 15 години се сеќавам како низ магла (се смее). Ни беше важно да освојуваме, да свириме, да патуваме, да се глупираме. Едноставно – додека си млад, гризеш со сета сила. Денес, кога сме на пат, во комбе, главно разговараме. Или за материјалот кој сме го снимиле, или за нешто што би требало да го работиме, преслушуваме демо снимки, разработуваме идеи...Секогаш само за музика.

BETTY: Кога имате можност, се враќате ли на некои поранешни албуми, кои сте ги снимиле, ги преслушувате повторно и како денес ви звучат?
АКИ: Имам неколку наши плочи и признавам, понекогаш кога сум сам дома, ќе си направам кафе и пуштам нешто од тоа. Уживам со музиката од плочите. Денес се изгуби она чувство, никој веќе не знае како е да се чека да се појави нова плоча од вашиот омилен состав. Којзнае, можеби тоа пак ќе ни се врати.

BETTY: Кога пред 10 години, „Парни ваљак“ се разиде, како се чувствувавте тогаш и дали мислевте дека тоа е дефинитивен крај на групата?
ХУС: Кога по 30 години застанавме со работа, во првиот период почувствував некое олеснување, а потоа по 10 месеци и огромна празнина. Знаев дека нема долго да издржам така. Благодарение на композиторската работа и тантиемите од странство бев растоварен што се однесува на финансиите, но ми недостигаше бина, свирка.
АКИ: Искрено, во првиот период не бев ни свесен за тоа. Јас веќе работев на свој соло албум, бев преокупиран со тоа и немав премногу време за размислување. Со мене продолжи клавијатуристот Берислав Блажевиќ Беро и тогашниот тапанар на „Ваљак“ Дражен Шолц. Маријан Бркиќ во тоа време исто издаде свој соло албум, на кој гости му беа Оливер Драгојевиќ, Нина Бадриќ, Џибони...Можеби „Ваљак“ тогаш за момент запре, но ние не. Хус замина на еден долг заслужен одмор на своето бротче, и како што кажа дури по една година почнала да му недостига свирката. Но, паузата потраја многу подолго. Речиси четири години. За тоа време Маријан со својот бенд секој четврток настапуваше во еден загрепски клуб и тогаш една вечер таму свративме Хус и јас. Понесени од добрата енергија се качивме на бина и започнавме џем-сешн. Публиката беше воодушевена, ние ја почувствувавме таа некоја хемија и одлучивме да тргнеме повторно заедно, но под еден услов: да направиме нешто ново, да не се враќаме на старите песни, луѓето да кажат – „Им снема пари па затоа се собраа“, како што беше популарно кај некои групи во тој период. Рековме – ајде да видиме има ли „Парни ваљак“ уште нешто да каже. Ја снимивме „Након свих година“ и приказната повторно тргна по својот тек.
ХУС: Ние застанавме по 30 години, бидејќи дојдовме во една ситуација каде бевме ужасно уморни. Не ја имавме таа предност
која ја имаат големите светски бендови, по секоја турнеја да имаме толку пари за да можеме да одмориме неколку години. Нас едноставно животот нè тераше некогаш да свириме повеќе отколку што сакавме. Во тој момент изгледаше дека кариерата на „Парни ваљак“ може да тргне само надолу. Кога се состанавме по 4 години, го почувствувавме она големо задоволство што повторно сме заедно на бина. Одлучивме да свириме помалку од порано, на избрани места, за повторно да не го доживееме истото презаситување.

BETTY: Имате ли омилен помеѓу албумите на „Парни ваљак“?
АКИ: (се смее) Сега оди онаа изрека – сите албуми се како наши деца. Секој албум е една слика од нашето созревање. Јас секогаш кажувам дека последниот албум ни е најдобар. Овие денови издадовме два сингла „За мало нежности“ и „Пролази све, зар не?“ и се надевам дека ќе им се допаднат на нашата публика.
ХУС: „За мало нежности“ слободно може да кажеме дека е наша автобиографска песна, зборува за некој кој зад себе има километража. Зборува за луѓето кои кога ќе ги изгубат соништата, ги губат и мотивите. Крајот носи една позитивна порака и верувам дека ќе заживее кај публиката.
АКИ: Јас имам желба од последните 8-9 албуми на „Ваљак“ да издвојам песни кои останале во сенка, за кои сметам дека навистина вредат и да ги обединам на една плоча. На пример, песната „Пусти нек траје“, не исплива веднаш, туку дури една година по излегувањето на албумот, од кој прво се издвои „Ухвати ритам“. Денес „Пусти нек траје“ е задолжителна на нашиот концертен репертоар и можам слободно да кажам дека стана евергрин. Има уште
доста такви песни на „Ваљак“кои останаа некаде во сенка.

BETTY: Аки, за време на работата со групата „Парни ваљак“, но и во текот на соло кариерата, имавте доста дуети. Постои ли некоја неостварена желба на тој план?
АКИ: Има, да...Соништата секогаш се остваруваат, само мора да бидете упорни. За среќа, ја испеав со Тоше „Јесен у мени“, и тоа ми е денес особено драга снимка. Исто така, горд сум на соработката со моите Македонци, браќата Тавитјан. Проектот „Македонското срце чука во 9/8“ собра доста голем број музичари. Гаро и неговите деца се неверојатни. Гаро е музичар во сите насоки, а неговите синови, на страна тоа што студираа на Беркли, го имаат тој македонски ген за музика, кој освојува. Мене ми е драго што во таа приказна се вклучија Жељко Јоксимовиќ, Јосипа Лисац, Сергеј Ќетковиќ, Јелена Томашевиќ, Оливер Драгојевиќ, Масимо, Хари Варешановиќ, Горан Бреговиќ, Жељко Бебек, Нина Бадриќ и многу други, да не набројувам. Тоа е убавината на музиката. Во прашање се стари изворни македонски песни, на кои им дадовме некој нов живот.

BETTY: Дали имаше идеи да се обидете и на странскиот пазар?
ХУС: Да, како не. Ние многу рано, всушност, прерано, имавме прва епизода со албумот на англиски јазик, за „CBS“. Велам прерано, бидејќи во тој момент не бевме голем бенд дури ни во сопствената земја, па некако желбата да успееме во тогашна Југославија беше поголема од желбата за светска кариера. Ни тие преводи на песните не беа најсреќни, главно тоа не беше онака како што ние замислувавме. А тогаш имавме една сериозна варијанта и писмо на намера од компанијата „Warner Brothers“, кои нè забележале и ни понудија светска кариера, но беше предоцна, бидејќи овде бевме толку етаблирани, што ни беше незмисливо да тргнеме од почеток. Ако некаде на средина на кариерата ни се укажеше таква можност, можеби повеќе ќе загризевме, вака остана на тој прв обид...

BETTY: Како најдобро се одморате од обврските?
ХУС: Јас во ова време од годината одам на скијање, тоа го обожавам, таа акумулирана нова енергија, на тоа многу се веселам. Исто така, имам среќа што многу рано ја пронајдов жената на мојот живот, Далматинка, се навлеков на морето, одамна купив бротче, така што на него го поминувам летото. Без телефон, без сметки, во некој залив, далеку од сè.
АКИ: Јас готвам. Тоа ме опушта на посебен начин.

BETTY: Претпоставувам тогаш дека знаете да направите ајвар?
АКИ: Е, тоа е веќе деликатна работа. Луѓето велат – ма, тоа е едноставно: испечеш, излупиш, ставиш во тегли и готово. Е, па – не! Сè има свое како и зошто. И не само ајвар, туку сите тие домашни традиционални јадења. Не залудно денес најскапа е таа еко-храна. Некогаш луѓето не биле во можност да многу филозофираат околу подготовката на храна. Го јаделе тоа што го имале. Сè се подготвувало на едноставен начин, со малку зачини и додатоци. Во тоа е убавината.

BETTY: Дали сте повеќе филмофили или љубители на книги?
АКИ: Преферирам филмови. Трилери, авантури, акции. Неодамна бев на премиера на новиот Џејмс Бонд. Одличен филм. Ќе прочитам и некој добар книжевен наслов, но во последно време очите не ме служат најдобро, така што ќе морам да посетам офталмолог и да набавам соодветни очила, за да читам повеќе.
ХУС: Јас сакам да читам и со секоја прочитана книга како да проживуваат барем уште еден живот. Не сум од оние кои позајмуваат книги, туку уредно ги купувам, така што веќе имам сериозен проблем – каде да ги ставам (се смее).

BETTY: Што најмногу Ве нервира во работата со која се занимавате?
ХУС: Искрено, фотографирање за албум, снимање спотови и бескрајни разговори со новинарите. Не е проблем да се разговара, но просто не можете да избегнете по неколку пати да ја зборувате истата работа. Се надеваме дека овој пат бевме интересни соговорници и дека вашите читатели нема да кажат – ех, ова веќе го имаат кажано, се повторуваат (се смее).[mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2016/02/App_MK_cover_feb_2016.jpg" image_size="full"]

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>