betty_mk_mart_no49-web-1

Next Time

Најдете си мотив, а страста ќе го зачини успехот

Бојана Симоновиќ

Близнаците кои фудбалот решиле да го заменат со музика и да се посветат на популарната рок-свирка, Стефан и Мартин Филиповски, ексклузивно за BETTY магазин откриваат како започнала нивната музичка приказна. Тие говорат за својата страст кон нотите кои тие ги создаваат и во кои се вложуваат. Целата своја професионална кариера велат дека ја градат внимателно и со љубов, гледајќи напредок во секој нивни следен проект. Низ разговор ни откриваат и интересни ситуации со кои се соочуваат при снимањето на нивните видеозаписи кои секогаш предизвикуваат внимание кај публиката. Next Time живеат здраво и велат дека го сакаат спортот во вистинска смисла на зборот…

BETTY: Веќе една деценија активно творите на македонската музичка сцена, ќе може да ни кажете како се роди вашата музичка приказна?

Нашите музички почетоци се од 1995 година со појавување на детските фестивали, како Златно славејче и Си-До. Од тогаш па сè до нашата 18 година, ги поминавме сите школи на фудбалот за да сфатиме дека треба повторно да ѝ се вратиме на музиката. Да бидеме искрени, најголемо влијание имаше нашиот постар брат Филип кој беше фронтмен на хеви-метал бендот Steel Temple од Скопје. Гледајќи го него и многу познати музичари сфативме дека музиката е нешто што сакаме да го работиме во иднина. Го оформивме бендот Carwash, кој функционираше неколку години и свиреме претежно познати странски песни. Подоцна се одлучивме да одиме неколку нивоа погоре и тогаш го создадовме Next Time.

BETTY: Вие сте модерно рок-дуо кое има несекојдневен состав – близнаци. Дали можеби растевте со рок-музика, па затоа се одлучивте токму тој жанр да го одберете?

Она што ние го создаваме како музика е далеку од рок-музика, ние би го нарекле популарен рок, меѓутоа, да, точно е ние растевме со гитарите на Guns N’ Roses, Metallica, Bon Jovi, Whitesnake, Skid Row, Iron Maiden. Во тоа време не постоеја бендови како ОneRepublic и слично, од кого денес влечеме инспирација.

BETTY: Македонската публика ве памети по хитот „Не верувам во тебе“ кој го изведовте во 2008 година. Тој хит и ве лансираше на македонската музичка сцена. Кога ќе го споредите со песните кои денес ги изведувате, задоволни ли сте во кој правец се движи вашата кариера?

Од појавувањето па до денес ние го градевме нашиот пат. „Не верувам во тебе“ беше наш прв сингл по кој луѓето денес нè препознаваат. Никогаш не дозволивме а да не експериментираме кога е во прашање музиката и да навлегуваме во нови правци. Ако забележите убаво првиот и вториот албум се два различни света, што значи сме вметнале нешто ново во нашите аранжмани. Верувајте сè што правиме го правиме внимателно и со љубов.

BETTY: Овој период сте актуелни по преработки на изворни македонски песни. Прво ја направивте преработката на песната „Ја излези Ѓурѓо“, па потоа „Слушам кај шумат шумите“. Како дојдовте до идеја да работите на преработка на ваков вид композиции?

Oва што денес го правиме со овие две песни не е идеја настаната преку вечер, тоа е идеја што ја имавме уште кога бевме деца, но не знаевме дека олку добро ќе ја одработиме истата (се смее).

BETTY: Вашите песни се проследени со интересни видеозаписи, сигурно додека тие се снимаат има и интересни ситуации, ќе може да ни откриете некоја од нив?

Најдобрите ситуации започнуваат уште кога треба да се слушнеме со Огнен Шапковски (режисер) и знаеме дека ќе имаме одлична дружба. Кога станува збор за нешто што би го одвоиле како интересен момент тоа е дека Стефан за прв пат седна на коњ без никаква обука и слично. Во еден момент малку фалеше да изгубиме контрола над коњот и да паднеме, но среќа Васко Гегоски, кој беше задолжен за дресура на коњите, навреме спречи поголеми инциденти.

BETTY: Вие ја претставувавте Македонија на Евросонг во Москва во 2009 година со песната „Нешто што ќе остане“, како вие го доживеавте тоа евровизиско искуство и дали тоа ви помогна во градењето на кариерата?

Евровизија за нас беше нешто што го посакувавме уште пред да се случи. Искрено преголемо искуство за нас, имавме можност да се запознаеме со светот и со врвната продукција. Евровизија е настан  кој би им го посакале на сите артисти, ако не победите барем ќе научите нешто околу професионализам.

BETTY: Колку сте задоволни од вашата позиција на македонската музичка сцена?

Полека но сигурно нашите планови се реализираат, а тие се да се зацврстиме најгоре и да имаме ист примат како неколку други македонски уметници. Од проект во проект се надградуваме, нудиме квалитет, а публиката е таа што треба да одлучи.

BETTY: Што сметате за ваш најголем успех до сега на професионален план?

Најголем успех е тоа што веќе 10 години сме тука, но поквалитетни и позрели. Имавме време да се запознаеме како функционираат работите во музиката за денес стабилно да чекориме цврсто. Имаме два албума зад нас, два концерта, Евровизија, и најбитно проект што допрва ќе следува.

BETTY: На што работите во моментов на поле музика и што публиката може да очекува од Next Time набрзо?

Во моментов се промовира нашата нова преработка или проект за „Слушам кај шумат шумите“, ќе одлучиме што е следно за нас и за публиката.

BETTY: Што е за вас најголем предизвик за во иднина во музичката кариера?

Предизвик гледаме во надминување на самите себеси, излегување надвор од границите на Македонија и промовирање на она што ние го работевме 10 години.

BETTY: Дали имате слободно време и како најдраго го поминувате?

Се разбира дека имаме слободно време. Сакаме да шетаме и да истражуваме нови места. Знаеме да испиеме кафе со другарите и да одиграме добар фудбал со луѓето со кои делевме исти соблекувални пред да влеземе во музиката. Да посветиме време на саканите личности.

BETTY: Колку внимавате да водите здрав животен стил?

Внимаваме доволно колку што ни дозволува времето, но ќе напоменам ние сме дечки без никаков порок, го сакаме спортот во вистинска смисла на зборот.

BETTY: Колку сте физички активни и како се грижите за вашата кондиција која ви е неопходна за настапите?

Па активни сме, спортуваме два пати во неделата, знаеме да одиграме добар фудбал, фитнес центарот Синерџи е тука и ни помага за теретана и слично, а ни помага и редовното посетување на вокални часови кај професорот Владо Србиновски кој од Тетово доаѓа во Скопје за да ми обезбеди добар глас.

BETTY: Имате ли ваша девиза или, пак, мото кое ви дава поттик за напредок?

Најдете си мотив, а страста ќе го зачини успехот.

BETTY: Порака до читателите на BETTY магазин?

Бидете среќни, здрави, живи, ценете го секој момент поминат со блиските луѓе, ценете го животот, ценете се себеси и не дозволувајте никој да ви стои пред патот на вашата амбициозност, бидете трпеливи, сè што вистински сакате ќе дојде порано или подоцна, ве сакаат Next Time.

betty_mk_mart_no49-web-1app
basketball jerseys cheap