[vc_column width="1/2"][mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2018/06/naslovna-betty-jul-2018-mk.jpg" group="_general" margin_bottom="0" crop="false"][vc_column width="1/2"]ИГОР АНГЕЛОВ Се трудам да не го изгубам детето во себе
Број 53, јули 2018.Актерот кој е миленик на децата, а со своите улоги ја освојува и почитта на возрасните, Игор Ангелов, ексклузивно за BETTY магазин открива детали за ликовите кои ги толкува, а кои се омилени за публиката. Игор раскажува интересни моменти од снимањето на филмот „Година на мајмунот“, а доловува и искуства од популарната серија „Преспав“. Глумецот кој долги години е дел од едукативната детска емисија „Пет плус“ говори и за своето задоволство од можноста да соработува со децата. Игор низ разговор открива интересни ситуации при средби со неговите најмлади обожаватели. Дознаваме и каде обожава да го поминува топлото лето... Ексклузивно за BETTY магазин – Игор Ангелов.
Autor: Бојана Симоновиќ
BETTY: Периодов сте актуелен по толкувањето на главната улога во филмот „Година на мајмунот“, во режија и сценарио на Владимир Блажевски. Како се роди приказната, ликот на чуварот во зоолошката градина, Цобе, да го толкувате Вие и колку оваа улога беше предизвик за Вас?
Игор: Јас бев повикан на кастинг, не го имав прочитано сценариото, немав никаква најава, дури режисерот спомена дека не ме планирал за главна улога туку за некоја друга, но кога сум се појавил на аудиција, едноставно му кликнало во главата и така ја добив улогата. Таа улога беше голем предизвик за мене и мислам дека ова е нешто најкомплексно кое го имам изиграно на филм. Тоа немаше да можам да го направам без поддршката на Владо Блажевски, но, сепак, за да се стигне до една ваква работа, потребен е голем тим и голема екипа која е посветена да го направи филмот. Најважно е што филмот има добро сценарио, добро е напишана улогата, има некоја топлина во ликот на Цобе, во целата таа приказна.
BETTY: Филмот се снимаше во Македонија на педесетина локации, а во него се вклучени и актери од повеќе земји, какво искуство беше за Вас подготвувањето на еден ваков проект?
Игор: Искуството беше одлично, јас имав над 50 снимачки денови, тоа беше навистина комплексно снимање, со тежина, а тоа што имаше глумци од Косово и Хрватска, тоа само ми помогна. Мајмунот кој игра со мене е актер од Англија кој работеше под костимот на мајмунот, значи шимпанзото не беше вистинско, таа соработка беше многу интересна. Работев со Марија Кон, која е многу возрасна и има над 90 години, таа игра моја тетка во филмот. Тоа беше одлично искуство за мене.
BETTY: Што може да ни издвоите како поинтересна приказна при снимањето на „Година на мајмунот“?
Игор: На пример, на колешката Марија Кон, на сред снимање ѝ беше роденден, полнеше 92 години, таа многу се радуваше на роденденот и беше како мало девојче. Инаку, многу е тешко возрасна личност да издржи вакво снимање, сепак, години се во прашање, снимавме на над 1500 метри надморска височина и патувавме, жената забораваше, се случуваше да се сврти кон асистентот и да праша: „Кој е овој висок дечко?“ Мислеше на мене, а ние сме снимале 15 дена заедно. Веројатно тоа е процес на стареењето, но сето тоа со Марија Кон излезе многу убаво.
BETTY: Кога ќе се спомене Вашето име не може а да не се поврзе со ликот на Коста од серијата „Преспав“, која предизвика големо внимание кај македонската публика. Колку треба да се вложите во една македонска серија за да го задржите вниманието на македонската публика која во последно време повеќе е навикната да следи турски серии?
Игор: Мислам дека докажавме дека сме кадарни да направиме наш производ и да бидеме горди на него, македонскиот телевизиски простор претставуваше една неизорана нива, а ние бевме тие најхрабри со „ОХО Продукција“ што се решивме да влеземе во еден таков проект и сето тоа испадна многу позитивно и успешно. Се надевам дека оставивме еден белег кој е значаен за Балканот, затоа што сега ќе одиме со прикажување на „Преспав“ во Бугарија, а можеби и во Србија, така што публиката е жедна, сака уште од нас и така што најавуваме нова сезона, продолжуваме и понатаму.
BETTY: Децата Ве препознаваат како детективот Цветко од серијата „Пет плус“, оваа едукативна детска серија која се емитува со години децата навистина ја сакаат. Колку често Ви се случува оваа најискрена публика да Ве препознае на улица и кои се најчестите реакции?
Игор: Децата се најискрена публика, кај нив не се кријат емоциите, кога ги среќавам, кога ме препознаваат го гледам восхитот во нивните лица, ја гледам нивната возбуда, среќа, тие многу пати се изненадени дека сум многу висок. За први април шетав низ парк и видов едно дете облечено како детективот од „Пет Плус“ и му пријдов од зад грб, му реков: „Извинете детективу, дали може да се сликам со вас“, тој се сврте ме погледна и тоа беше најсмешната реакција која сум ја видел, детето беше пресреќно, направивме многу слики, уживам во присуството и енергијата на децата. „Пет плус“ е еден позитивен пример како може да се влијае врз децата, ако им внесеш чесна идеја и како можеш да влијаеш на нивниот развој. Многу сум горд на тоа. Оваа година „ОХО Продукција“ прави 10 години со една благородна идеја како „Пет плус“.
BETTY: Децата знаат да постават и интересни прашања. Кое е најинтересното прашање што сте го добиле од детенце кое Ве идентификувало со серијата „Пет плус“?
Игор: Порано кога одевме на телевизија во живо добивав многу писма, добивав адресирани фотографии, слики, сега во време на дигиталнава ера и социјални мрежи и сето тоа многу полесно се стига до мене, преплавен сум од пораки од деца. На пример, интересно прашање од дете е како се станува помошник-детектив. Едно дете стигна до мене и ме праша што треба да направи за да стане помошник-детектив, тој е уверен дека детективот Цветко треба да има помошник-детектив, има многу интересни прашања од дечиња. Кога трчав на Скопскиот маратон едно дете трчаше до мене и ми велеше: „Мораш да ми дојдеш на роденден“. Убаво е кога ќе се види нивниот восхит во очите.
BETTY: Вие сте театарски, филмски и телевизиски глумец, во која од овие улоги најдобро се чувствувате?
Игор: Искрено, актер станав поради театарот, тоа ми е примарна работа и театарот е и ќе биде моја примарна љубов, сфатив дека иако 10-15 години работам во театар телевизијата како медиум има многу поголема моќ од театарот, доволно е човек да снима една реклама и станува познат, сепак, во оваа мала наша држава малку луѓе доаѓаат во театар, можеш со години да бидеш во театар и да не те познаваат. Сепак, драги ми се и телевизијата и филмот, филмот е уметност сама за себе и сосема друга приказна.
BETTY: Вие имате можност да ја споредите возрасната публика со детската бидејќи имате контакт со двете, се потврдува ли фактот дека децата се поискрени и полесно можете да видите дали им се допаѓа тоа што го нудите?
Игор: Децата не даваат аплауз поради аплаузот, не аплаудираат поради тоа што завршила претставата, поради бонтон, децата кога им е досадно им е досадно, сме играле и куклени и детски претстави и на децата кога им е досадно стануваат. Возрасната публика знае лажно да те поддржи и насочи, а децата не, но одговорноста е иста, инаку детската публика е поискрена. Јас се трудам да не го изгубам детето во себе.
BETTY: Што сметате за Ваш најголем успех до сега?
Игор: Немам некое скалило ама едноставно кога ќе се свртам зад себе гледам работи во континуитет, кога ќе видам дека 8 години работам „ Пет плус“ и дека генерации растат со ликовите од „Пет плус“ тоа ми дава храброст да кажам дека сум најистраен во тој проект, а штом работам 8 години значи сум квалитетен. Исто и со „Преспав“, се надевам и со филмовите кои ги снимам. Има и претстави кои многу малку се одиграле, а мене многу ми значат.
BETTY: Колку имате слободно време со оглед на Вашата професија и како најмногу сакате да Ви биде исполнето?
Игор: Имам слободно време и немам, кога се работи, се работи, се случува да снимам по 12 саати, тогаш нема ден нема ноќ, но затоа имам и слободно време кога не работиме, надвор сум, живееме настрана од градот, во зеленило, често сме во планина. Ми се допаѓа таков ритам.
BETTY: На што работите периодов?
Игор: Сега во моментов работам во Драмски театар претстава со Нела Витошевиќ, се вика „Странци“, а ќе се снимаат нови сезони на „ Преспав“ и „Пет плус“...
BETTY: Колку внимавате на начинот на исхрана и колку сте физички активен?
Игор: Почнав да џогирам, трчањето ми создава мир, внимавам како се хранам, сакам месо, мислам умереноста е вистинскот збор. Умерен сум во сè и уживам во сè.
BETTY: Што според Вас е клуч за здрав живот?
Игор: Баланс меѓу мир, спокојство, хармонија, да нема граници само треба да се проба сè и да се биде умерен во сè.
BETTY: Како најмногу сакате да го поминете летото?
Игор: Ќе бидам на планина во Трница, таму одморам и таму сум често, таму е Бистра, Галичник и прекрасно е, мислам дека кога ќе се пензионирам таму ќе си го најдам мирот.
BETTY: Порака до читателите на BETTY магазин.
Игор: Да уживаат во животот секој ден, да дишат длабоко, да не се плашат и да ги победуваат стравовите кои ги имаат, да прават нови работи, да бидат умни и да не се мешаат во туѓи работи.[mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2018/06/app-naslovna-betty-jul-2018-mk.jpg" image_size="full" align="center"]