naslovna-magazin-jana

ЈАНА БУРЧЕСКА

Го прифаќам предизвикот да балансирам помеѓу музиката и водителството

 

Број 64, јуни 2019

Младата, ведра пејачка која во моментов ја следиме на малите екрани како водителка, Јана Бурческа, зборува за нејзиниот нов предизвик на полето кариера. Јана признава дека постои можност нејзината водителска кариера да ја засени музиката. Како водител и музичар Јана во интервјуто ја коментира македонската музичка сцена и правецот во кој таа се движи. Низ разговор со неа дознавме и интересни детали за нејзиниот животен стил. Ексклузивно за BETTY магазин ‒

Јана Бурческа

 

BETTY: Во моментов си актуелна како водител на музичка емисија, како дојде до тоа да запливаш во водителски води?

Јана: Во водителските води запливав токму преку музиката. Долгогодишната успешна соработка со МРТ на различни музички проекти, според мене, во вистинско време вроди со плод, а плодот е мојата водителска приказна.

 

BETTY: Иако си млада, долго време си дел од македонската музичка сцена. Каде повеќе се пронаоѓаш ‒ во музиката или во водителството?

Јана: Навистина тешко прашање. Музиката е моја љубов од детството, а водителството ме привлече малку подоцна, кога преку Клубот на оратори се вљубив во јавното говорење. Во музиката секогаш оставам посебен дел од себе, додека, пак, со водителството приоритет ми е да се истакне посебниот дел на соговорникот.

 

BETTY: Сметаш ли дека водителството би можело да ја засени твојата музичка кариера?

Јана: Може сешто да се случи, мислам дека да, можно е водителството да ја засени мојата музичка кариера, но мое е да балансирам и апсолутно го прифаќам предизвикот!

 

BETTY: Имаш можност да правиш интервјуа и да те интервјуираат, што ти е поголем предизвик?

Јана: За мене поголем предизвик е да ме интервјуираат, затоа што непредвидливоста е многу поголема и, секако, голем е спектарот на приказни кои можам да ги раскажам.

 

BETTY: Позитивноста и ведроста се особини кои не можат да поминат незабележително кога си ти во прашање. Дали на сцена или во студио, колку овие особини ти помагаат во напредокот во кариерата?

Јана: Апсолутно, позитивната мисла и енергија ми помагаат низ животот, чијшто дел е и кариерата. Ова мислам дека се должи на детето во мене кое е прилично истакнато како дел од мојата личност. Покрај ентузијазмот, детето носи со себе и креативност и спонтаност, особини што во професиите со кои се занимавам се и тоа како потребни.

 

BETTY: Твојата музичка кариера ја одбележа твојот настап на Македонски идол, колку ова искуство беше значајно за тебе?

Јана: Ова прашање е реторичко, затоа што одговорот е добро познат. Многу значајно искуство, пресудно искуство. Без Македонскиот идол веројатно ова интервју немаше да се случи (се смее).

 

BETTY: Ја имаше честа да ја претставуваш Македонија на Изборот за песна на Евровизија во Украина, со песната Dance Alone. Што претставуваше за тебе ова евровизиско искуство?

Јана: Во големата слика Евровизија е една уште поголема лекција. Секојдневно се соочуваме со секакви искуства, а наше е дали и колку ќе научиме од нив. Во поглед на музиката, тоа е најдоброто нешто што ми се случило. По Евровизија моите апетити за музика се зголемија повеќе од кога било. Пронајдов нови делови од себе, но и сфатив кои делови ми се непотребни. Свесно се променив, секако, тежнеев кон подобро. Воочив какви нештата може да бидат и како да се функционира.

 

BETTY: Водиш емисија за музика и си дел од македонската музичка сцена. Дефинитивно си лице кое има право да ја коментира македонската музичка сцена, според тебе каде е сега таа и во кој правец се движи?

Јана: На нашата земја ѝ се случува вистинска музичка ренесанса! И мејнстримот и маргините се исклучително активни и нудат извонредни аудио-видеопакети. Покрај ова, забележувам прекрасна позитивна енергија и дружба меѓу музичарите, што верувам дека има удел во големиот наплив на нови звуци кој ни доаѓа оваа, но и минатата година.

 

BETTY: Која твоја песна досега отпеана те отсликува најдобро?

Јана: Dance alone. Композиторите одлично го погодија мојот сензибилитет од музички аспект, се пронајдов во пораките што ги носи текстот, а имав и најголема слобода да бидам целосно своја во презентација на песната и тоа пред огромна публика. Не само музички, туку и духовно и интелектуално.

 

BETTY: Што за тебе претставува најголем предизвик на полето кариера?

Јана: Балансот помеѓу кариерата со другите животни аспекти, предизвици и желби.

 

BETTY: Што може да очекува публиката набрзо од тебе на музички план?

Јана: Сега-засега само живи настапи, со невообичаени проекти, нови за нашето Скопје, а во блиска иднина и авторска музика.

 

BETTY: Се реализираше и во улогата на мајка, како го доживеа ова искуство, беше ли за тебе пресврт во животот?

Јана: Беше пресврт. Надополнување и проширување на мојот живот, личност, видици и поместување на безброј граници. За прв пат сум од круцијално значење за некого и тој факт и тоа како ми ги отвори очите и сите сетила! На моменти исклучително тешко, можеби би го употребила и зборот „лудило“, но сега кога веќе ги научивме сите родителски магии и трикови чувството е непроценливо.

 

BETTY: Што најмногу уживаш да правиш во слободното време, што те прави среќна?

Јана: Кога ѝ го поставувате ова прашање на една мајка прворотка веројатно и веќе знаете дека во одговорот ќе сретнете момент поврзан со нејзиното дете. Откако станав мајка станав и исклучително пребирлива во врска со тоа како го поминувам слободното време, секако, секој слободен миг го користам максимално да ѝ се посветам на Дона и ме радува секоја нова стихотворба на бебешки јазик во нејзина изведба. Се трудам да си посветам внимание и сама на себе, на сопругот, на поширокото семејство и на пријателите.

 

BETTY: Колку внимаваш да водиш здрав животен стил и кои се твоите секојдневни навики?

Јана: Во нашиот дом здравата и квалитетна исхрана се приоритет. Мислам дека тој влог во себе и во своето тело е најисплатлив на долг рок. Секојдневието ми е многу едноставно, утрата задолжително започнуваат со кафе, професионалните обврски ми се динамични, како и обврските околу Дона, па тоа ме одржува физички активна, иако морам да признаам малку забошотувам во делот на физичката активност и покрај тоа што сум свесна и мислам дека ми треба. Голем поборник сум за грижата за менталното здравје и посетата на психотерапија, затоа што и на умот и духот им е потребна нега.

 

BETTY: Порака до читателите на BETTY магазин?

Јана: Грижете се за своето физичко и ментално здравје! Бидете искрени со себе и со оние околу вас. Разговарајте, кажувајте ги мислите на глас, споделувајте ги, не се фокусирајте само на секојдневието, туку споделувајте нешта кои се многу подлабоки. Ќе се надоврзам на претходното прашање и ќе ги охрабрам читателите доколку имаат мака да посетат психолог со истата леснотија со која би посетиле оториноларинголог доколку ги боли увото (се смее).

sal-betty-teget
basketball jerseys cheap