[vc_column width="1/2"][mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2018/05/mk-casopis-intervju-naslovna-jun.jpg" group="_general" margin_bottom="0" crop="false"][vc_column width="1/2"]ПЕТАР ГРАШОКошаркар пред микрофонот
Број 52, јуни 2018.Музичката кариера ја започнал многу млад, како автор на песни за Оливер Драгојевиќ и Дорис Драговиќ, по што и сам застанал пред микрофонот, па триумфирал на „Задарски фестивал“. Се редат хитови како „Уторак“, „Ко нам брани“, „Шпорке ричи“, „Сад те се само ријетко сјетим“, „Једина“... По 15 години од издавањето на последниот албум и пет години медиумска пауза, најавува нови песни, но и серија концерти, која ја започна во Загреб, ја продолжи во Белград, потоа на Брач, во Вараждин, Задар... Ексклузивно за BETTY магазин – Петар Грашо.
Автор Далибор Мрдиќ
BETTY: По повеќегодишна пауза, конечно се враќате на сцена. Зошто толку долго се оддалечивте од музиката?
Петар: Не е тоа бегање од музиката, повеќе е тежнеење да исполнам некои свои соништа. И воопшто паузата не траеше толку колку што истакнуваат некои медиуми. Едни велат 10, други 15 години, а во суштина апстинирав од појавување некои 5 години. Никакви драматични моменти немаше. Јас во 1996 година започнав веднаш со силно темпо. Кај мене немаше некакви неуспешни обиди, борба, пробивање преку кафе-барови, свадби... Јас во петок дојдов на „Задарски фестивал“ како релативно анонимен пејач, а во понеделник веќе бев водечки пејач во Хрватска. Тоа не е никакво фалење, тоа се факти. Од тој ден па до 2009 јас бев постојано на пат. Од својата 20 до 33 година годишно имав стотина концерти. Во еден момент сфатив дека треба да запрам, да се занимавам малку со себе. Во тој период немаше интервјуа, немаше појавување во медиуми, сè што работев беше она што бескрајно го сакам ‒ патував. Покрај тоа, имам семеен бизнис во Сплит, водам еден ресторан, бев многу ангажиран околу него и ми се чини дека цел живот би можел да го работам само тоа... Што се однесува на патувањата, бев во Париз, Њујорк, Мадрид... Уживав. Јас во тие градови сум бил и претходно, но само сум настапувал и се враќав дома. Ништо немав видено. Живеев со полни гради, а, всушност, на анестезија. Токму затоа ми беше потребна пауза. Уживав во таа пауза која траеше, ќе повторам ‒ пет години, но мислам дека беше многу добра за мене, бидејќи круцијално е малку да те нема, за, всушност, константно да те има. Јас не сум тип на човек кој ги замара луѓето, излегува нонстоп со објави. Имам свои песни, ги работам најдобро што можам и секогаш сум некаде тука од страна. Тоа дефинитивно на крај резултира со тоа луѓето да те сакаат. Некогаш не би сакал таа љубов и таа доверба да ги изневерам со некои здодевни приказни...
BETTY: Дали актуелнава турнеја, на која одбележувате 20 години на сцена, ќе Ве „натера“ да снимите и нов албум?
Петар: Албумот, секако, ќе биде комплетиран во текот на оваа година. Новата песна „Ако те питају“ за само неколку дена дојде на прво место на Хрватската национална топ-листа и се задржа таму неколку недели, што е за нас многу неочекувано... Апсолутно е природно по сето тоа да дојде албум. Мислам дека е непристојно да се нема албум 15 години, како што е тоа кај мене случај. Меѓутоа, имам некои нови песни, така што мислам дека албум не е толку круцијален, но за себе и за публиката за душа ќе се обидам да ги соберам сите тие песни кои се случија во меѓувреме, од песната „Моје злато“, преку „Срце за водича“ и уште неколку нови, на еден носач на звук.
BETTY: Песната „Ако те питају“ собра многу симпатии. Се чини дека останувате на линија на песните кои ги снимавте до сега?
Петар: Јас никогаш нема да отстапам од зацртаниот пат. Имам траса по која одам и внатре во неа се разбира ќе се менувам, но никогаш нема да ја менувам насоката, бидејќи не можете некого кој трча маратон да го ставите да трча на 100 метри, како ни обратно. Знаете во која дисциплина сте најдобар и се држите до таа дисциплина. Медитерански поп е нешто што јас го сакам и нешто што мојата публика го сака. Тука се чувствувам комфорно, тука со радост создавам и пеам. Тоа е насоката во која ќе останам и со новиот албум.
BETTY: За оние кои не биле, како, всушност, изгледа еден концерт на Петар Грашо?
Петар: Сите мои концерти се, всушност, конципирани на начин тоа да бидат барем два часа чиста радост, што значи дека нема празен од. Луѓето кои ќе дојдат од мене може да очекуваат само познати песни, кои ќе ги пееме заедно. Јас на своите концерти не промовирам ништо ново, едноставно тоа е избор на најубави песни. Имам навистина одличен бенд, прекрасна продукција која веќе е уиграна за големи нешта.
BETTY: Пишувате за себе, но и за други. Колку е тешко да се разделите од песна и да ја препуштите на друг изведувач?
Петар: Последните неколку песни кои ги снимив ги напиша Тончи Хуљиќ, но јас него не го сфаќам како некој од страна, бидејќи го познавам 22 години, приватно сме исклучително добри пријатели и кога двајцата ќе седнеме, кога тој ќе почне да пишува за мене, тоа е за мене како јас да пишувам. Навистина добро се познаваме и имам чувство дека сè што ќе напише ми одговара совршено. Освен песните на Тончи, имам пеено малку туѓи песни. Тешко е да се погоди мојот сензибилитет. Песните од Тончи не е тешко да се пеат, бидејќи повеќето се најдобри можни, а мене не ми е тешко да се одвојам од некоја песна, со оглед на тоа дека никогаш не сум пишувал многу. Пишував само за драги луѓе. Тоа се Дорис Драговиќ, Оливер Драгојевиќ, Данијела Мартиновиќ... Една песна напишав и за Лепа Брена, на мое големо задоволство, бидејќи таа е врвен изведувач. Меѓутоа, не можам да пишувам по нарачка и под притисок, во тоа не сум добар.
BETTY: Дали во текот на растењето, односно на почетокот на музичката кариера имавте примери кон кои тежнеевте?
Петар: На мене многу силно влијаеја Битлси. Нив ги обожавав, како и нивниот начин на пишување, однесување со медиуми, сето тоа што го правеа. Во мојата кариера многу ме споредуваа со Оливер Драгојевиќ, јас се обидував да се оддалечам од тоа, однапред знаејќи дека мојот глас ја има таа некоја слична боја со гласот на Оливер, и дека тоа ќе биде тешко. Луѓето ме доживуваат како некој кој продолжува по патот на Оливер, тоа ми е драго да го слушнам, но не сакам никого да копирам. Ја следам трагата на медитеранскиот, италијански поп, со далматински призвук. Покрај Битлси, многу други музичари влијаеја на мене, како Питер Гербиел, групата Тото, Пино Данијел, Зденко Рујниќ. Имам многу слушано и сето тоа преку мене излегува надвор.
BETTY: Со дваесет години станавте енормно популарен. Како изгледаше да се носите со популарноста и да останете нормален во тоа „лудило“?
Петар: Јас, всушност, никогаш не се трудев да останам нормален. Тоа е работа на некое домашно воспитување и генетика. Или ќе полудиш или нема да полудиш. Сега, прашање е колку сум јас нормален. Критериумите секогаш се различни, тоа е категорија која нуди широка палета на гледање. Мојата фамилија и моите пријатели се единствена причина поради која јас не почнав да го живеам животот од весници. Кога си со дваесет години на насловна страница, кога полниш сали, кога те опкружуваат убави жени, тоа може да биде и тоа како лизгав терен на кој човек обично се распаѓа. Јас никогаш немав време за тоа, имав пријатели кои беа одличен баланс помеѓу она низ што поминувам и она што, всушност, сум и едноставно ни во еден момент не почувствував дека ја губам врската со самиот себе. Сплит на признава авторитети и ако се правите важен ‒ вие сте будала. Во Сплит на улица ќе ги сретнете и Тони Кукоч и Дино Раѓа и Иванишевиќ и Оливер Драгојевиќ... Не е тоа перчење во лимузини. Од таа страна, Сплит е прекрасна средина.
BETTY: Дали сте летен или зимски тип?
Петар: Јас сум од брегот, така што дефинитивно преферирам лето и море, меѓутоа ја сакам и планината. Секоја година посетувам некое планинско одморалиште. Оваа зима бев на Јахорина. Таму имам доста пријатели, но и убави спомени ме врзуваат за оваа олимписка убавица. Имено, таму сега веќе во далечната 2011 со Горан Бреговиќ и Тончи Хуљиќ го снимав албумот „Ка’ на шашишу“, на групата Madre Badessa. Всушност, станува збор за албум чиј автор е Тончи, Брега го продуцираше, а јас бев задолжен за вокалите. Беше тоа прекрасна година и половина, додека снимавме, имав можност постојано да патувам, да пеам некои песни кои не се мои, и, всушност, да бидат пејач на бендот, што никогаш претходно не сум бил, а веројатно ни во иднина нема да бидам. Тончи е мој семеен пријател и кога ми рече дека тоа го работи беше во потрага по некој пејач од Медитеранот кој требаше да испее некои вокални делови. Интересно е како дојде до тоа јас да бидам пејач на тој албум. Имено, Тончи ми ги пушташе песните кои Горан веќе ги испрограмирал, ми рече „тука ми треба тоа, овде тоа“... „Тука би сакал некој Португалец, овде Италијанец, но никој нема сензибилитет што ќе го спои сето тоа, плус нота на далматински емоции“... Тогаш јас почнав да ги пеам тие песни онако како што ги доживеав и ги слушнав, тој ме гледа и ми вели: „Како е можно јас една година барам некој по Европа, а имам пријател која сето тоа може да го отпее како што сакам“. И така сосема случајно јас на мојот драг пријател Тончи Хуљиќ му бев вокал. Дел е сниман на Јахорина, дел во Белград, дел во Загреб, и тие денови ги паметам како навистина прекрасни, бидејќи секогаш е убаво да се работи со луѓе кои се големи во својата работа, а Горан и Тончи се дефинитивно, секој во својот жанр, го одбележаа своето време.
BETTY: Го споменавте Вашиот ресторан во Сплит. Како се снаоѓате во кујната и каква храна преферирате?
Петар: Искрено, по 25 години работа, мислам дека сум навистина поткован со знаење што се однесува на гастрономијата. Се дружам многу со готвачи, дури повеќе отколку со музичари. Знам добро да готвам, но немам премногу време за тоа. Кога секоја половина година ќе дојдам дома, една од задачите ми е да подготвам вечера. Мајстор сум за месо и за риба, но не би сакал тоа да излезе како фалење, хахаха. Јас би можел, да кажеме, цел живот да живеам на пица Маргарита. Тоа за мене е идеален оброк. На пуст остров, во вселената, во ресторан со три ѕвезди, ако некој ми даде парче пица, јас сум среќен човек. Се разбира, сакам и друга храна, сакам добро сирење, добро маслиново масло... Дури и произведувам маслиново масло. Тоа просто ме радува, ме прави среќен.
BETTY: Вашиот татко беше кошаркар, Вие, исто така, сте многу високи, дали го трениравте тој спорт?
Петар: Осум години тренирав кошарка, тоа не беше пробување, туку професионално занимавање со спорт, паралелно со музичкото училиште. Стигнав до првиот тим на „Југопластика“, добив понуда од Универзитет во Чикаго таму да ја продолжам кошаркарската кариера, меѓутоа во тоа време се случи соработката со Оливер Драгојевиќ, кој испеа некои мои песни, јас тогаш имав 18 години, и тоа на некој начин одреди да продолжам во музичките води.
BETTY: Дали некогаш сте се покајале поради тоа?
Петар: Никогаш. Нема поубава работа од оваа. Не знам што друго би можел да бидам и што би можел да работам, освен можеби угостителство. Музиката е она во што сум добар, каде најдобро се снаоѓам, во што имам свои очекувања, свои стравови, сето она што го прави човекот жив, така што не би променил ни една минута од својот живот.
BETTY: На што најмногу се посветувате со слободното време? Има ли простор за филмови, за книги..?
Петар: Сакам да читам, но во последно време ретко имам време за тоа, повеќе сум со i-Pad. Филмови ретко гледам, почесто следам некои серии, сакам да имам некоја константа кога веќе ќе се посветам на нешто, така што знам да гледам и по две-три сезони од иста серија едноподруго. Тоа ме релаксира додека одморам, или додека трчам на лента.
BETTY: Мото кое Ве движи?
Петар: Никогаш не сум имал мото, едноставно не успевам да го ставам својот живот во една-две реченици. Не сум толку совршен, а ни безгрешен... Го знаете она: живеј чесно, биди добар, почитувај ги другите. Тоа не е мото, тоа е нормално. Живеј и пушти ги другите да живеат. И тоа е нормално. Јас сето тоа го живеам. Веројатно многу пати не сум направил како што сум рекол, сум лажел за некои ситници, така што никој од нас не може да живее според некое мото. Важно ми е да ми биде пријатно со луѓето кои ме опкружуваат, но и ним да им биде пријатно со мене.[mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2018/05/mk-app-casopis-intervju-naslovna-jun.jpg" image_size="full" align="center"]