Фармацевти
Контакт

<< Назад

BETTY МАГАЗИН, МАЈ 2018

мај 1, 2018

[vc_column width="1/2"][mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2018/04/naslovna_intervju_betty_maj_mk.jpg" group="_general" margin_bottom="0" crop="false"][vc_column width="1/2"]TAТЈАНА СТОЈАНОВСКАИскуството те прави сигурен

Број 51, мај 2018.Татјана Стојановска пријатна, умерена, грациозна, пример за вистинска дама која секојдневно во домовите на граѓаните ги носи најновите вести од земјата и светот. Презентерката која веќе 26 години македонските граѓани ја следат на малите екрани, ексклузивно за BETTY магазин открива како од дипломиран економист станала презентер на вести, какви предизвици носи нејзината професија, во што се крие нејзиниот рецепт за професионален успех... Низ разговор дознаваме и за интересните и невообичаени ситуации кои се случуваат во студијата за презентирање вести, а граѓаните немаат можност да ги видат...

Aвтор: Бојана Симоновиќ

Фотографии: Приватна архива

BETTY: Повеќе од две децении ги красите малите екрани на македонските граѓани. Како спикерството стана Ваша професија?

Татјана: Никогаш не ни помислував дека ќе работам на телевизија и дека ќе бидам водител и презентер на вести, затоа што како ученик во средно економско, а потоа и како студент на Економски факултет, секако, плановите ми беа да работам како економист, во банка или во компанија, а, исто така, поради тоа што ме привлекуваше и професорската работа кога бев средно училиште си мечтаев да бидам и професорка по економски предмет во средно училиште. Но, по трета година средно училиште, сосема случајно по иницијатива на моите родители и мои роднини, се пријавив на изборот за Мис на Македонија и бев прогласена за Мис на Македонија за 1992. Тој настан некако судбински ми го трасираше патот, а на некој начин и ми ја предодреди оваа моја денешна професија, иако тогаш не бев ни најмалку свесна дека тоа ќе биде така и сè уште си мислев дека тоа е само нешто моментално. Веднаш по изборот за Мис добив понуда за водител во Македонска телевизија која ја прифатив. Бев четврта година средно тогаш и затоа почнав да работам само за викенди на програма, за од летото после матурата веќе ме ангажираа како водител на летна програма, а од есента 1993 станав водител на првата утринска програма Добро утро Македонијо на Македонска телевизија. Потоа по три години како водител на утринската програма добив понуда од Благоја Крстевски, доајен на македонското спикерство, да бидам дел од тимот спикери во МТВ, и оттука почнува моето издигнување и градење како презентер. Веќе 26 години сум во македонскиот етер. И покрај тоа што завршив Економски факултет, а пред 5 години и магистрирав менаџмент со човечки ресурси, останав во оваа професија. Но, сепак, економијата и претприемништвото и управувањето со човечки ресурси можеби ќе дојдат до израз некогаш, никогаш не се знае што носи животот.

BETTY: Како што споменавте пред да станете презентерка пливавте и во манекенските води. Во 1992 година триумфиравте на изборот за најубава Македонка, но потоа Вашата кариера ја насочивте кон презентерството. Задоволни сте од денешна гледна точка со изборот кој го направивте?

Татјана: Со манекенство се занимавав само краток период од нецела година, веднаш по изборот за мис. Но, затоа што ми се наметнаа многу обврски во тој период, манекенство, работа на телевизија и, секако, на прво место училиштето, морав да направам избор и, секако, тоа беше работата на телевизија. Манекенството некако не ме привлече, поточно не ме привлече односот на публиката кон таа професија. Во секој случај задоволна сум од изборот.

BETTY: Освен како презентер на вести, публиката Ве знае и како водител и модератор на многу настани. Во секоја од овие улоги одлично се снаоѓате и повторно до израз доаѓа Вашата умереност и професионалност. Имавте ли во животот пример кој Ве насочи кон сите овие Ваши особини кои ја пленат публиката?

Татјана: Да, освен работата во телевизија во текот на мојата кариера се профилирав и како модератор на настани од секаков вид. Досега имам водено илјадници настани од музички фестивали, концерти кои беа позастапени во минатото, до корпоративни настани за многу компании, настани за јубилеи на институции, имам соработка со многу факултети како модератор на свечени академии по повод јубилеи итн. На некој начин како што растев во водителството и презентерството на телевизија, растев и во водителството на јавни настани. Не би можела да издвојам некоја конкретна личност како мој идол, но, секако, секогаш сум прифаќала и прифаќам сугестии и учам постојано, затоа што секогаш може да се биде подобар, а и човек секогаш треба да внесува промени и иновации за да биде интересен и да ги следи трендовите. Искрено ги следам вестите на странските телевизии и телевизиите од регионот и на тој начин ги следам промените, но, сепак, не можеме слепо да ги следиме тие трендови, затоа што, сепак, мојата интерпретација е мој личен стил и секое имитирање може да предизвика лош впечаток. Исто така, и нашиот гледач не трпи многу нападен стил на интерпретација и сака умереност и ненаметливост. Затоа е многу важно да се најде мерката на интерпретација која е прифатлива за нашиот менталитет.

BETTY: Многу често кога ќе се спомене Вашето име следи и фразата – Тања е родена за да води вести, колку презентирањето на вестите е предизвик за Вас?

Татјана: Во секој случај некако тоа ми се наметна како професија и како вештина со која владеам на некое задоволително ниво на квалитет. По толку години, како и кај секоја професија, можеби и понекогаш ме фаќа монотонија, но гледам да не ме опфати таа монотонија до тој степен да го изгубам импулсот за работата. Секако, во оваа работа мора постојано да се одржува кондиција за читање и да се води сметка за надворешниот изглед, така што тоа е она што постојано те одржува да држиш темпо и да имаш мотив за работа.

BETTY: Колку се подготвувате за тоа што ќе го изнесете на малите екрани да изгледа така како што изгледа?

Татјана: Подготовките се секојдневие и рутина. Искуството те прави сигурен и ти овозможува да се снајдеш во секаква ситуација. Излегуваш на екран и имаш одговорност затоа што во живо те гледаат илјадници гледачи. Секој проблем од техничка природа кој може да се јави треба да го покриеш колку можеш и да се снајдеш во одредени такви ситуации. Тоа е умешноста. Исто така, да внимаваш на интерпретацијата, да внимаваш на дикција, акцентирање, на граматички грешки кои можат да се провлечат затоа што некогаш се нема време да се погледнат вестите во целост, па додека читам во живо и лекторирам и коригирам грешки. Понекогаш можеби и ќе се провлече некоја грешка поради тоа што не си имал можност да ја видиш, е тогаш ми е најкриво и се обвинувам себеси затоа што почитувањето на правописот и литературниот јазик ми е на прво место.

BETTY: Речиси секојдевно сте во етерот, колку Ви годи тоа што Ве препознаваат на улица, кои се позитивните, а кои негативните страни тука?

Татјана: Јас сум веќе долго време на екран и ме знаат многу генерации гледачи. За овие 26 години веќе се научив да се носам со товарот што го носи јавноста. Секако дека ми годи кога ме препознаваат луѓето и искрено од срце ми упатуваат позитивни коментари и пофалби за мојата работа, што е огромен поттик да дадам сè од себе за да бидам подобра и подобра и да опстојам толку многу години во оваа професија. Гледачите се оние за кои ние работиме и кога добиваш од нив позитивна оценка тоа е најголемата сатисфакција.

BETTY: Вестите се емитуваат во живо, секогаш кога програмата е во живо има интересни ситуации, која можете да ја одвоите и да ја споделите со нас, некоја ситуација на која кога ќе се сетите Ви изнудува насмевка?

Татјана: Имало секакви ситуации, и комични и непријатни. Сè поминало низ годиниве... Еве ќе издвојам една од пред 4-5 години кога во студиото на Канал 5 имавме маче кое си влегло од надвор, и во вечерните вести во 23 часот ми дојде многу блиску до мене додека во живо ги читав вестите и многу силно мјаукаше, а јас морав да останам мирна како ништо да не се случува и зборував погласно за да го покријам мјаукањето да не се слушне во етер. Тука беше и стравот да не ми скокне одненадеж, така што како ги завршив вестите и сама не знам. Но, тоа е професионалноста да ги апстрахираш сите работи во околината и да ја завршиш работата како ништо да не се случува. Исто така, пред две години кога беше посилниот земјотрес во Скопје во 15 часот и 10 минути јас бев во студио и водев вести. Во тој момент имаше прилог така што мојата реакција не се виде, но затоа подоцна кога продолживме со вестите повторно тресеше, но јас си ги водев вестите најпрофесионално.

BETTY: Што може да очекуваме од Вас во блиска иднина на професионален план, ќе нè изненадите ли со некој нов проект ?

Татјана: Останувам во презентирањето на вестите и немам во план некоја промена. Се надевам дека тоа е и на задоволство на гледачите.

BETTY: Секоја работа бара посветеност и пожртвуваност, медиумската работа е една од оние кои бараат повеќе, колку време Ви остава професијата за уживање во животот?

Татјана: Јас работам и за празници и за викенди, но затоа пак може да имам слободен ден во сред недела кога сите работат. Така што така работам цел мој работен век и веќе сум навикната на тоа темпо. Имам слободно време претпладне, затоа што веќе 15 години работам само попладне и навечер. Си ги планирам работите и наоѓам време за сè.

BETTY: Како најмногу сакате да го поминувате слободното време кое го имате?

Татјана: Во читање книги и прошетка во природа.

BETTY: Колку вашата професија Ви дозволува да живеете здраво, имате ли време за тоа?

Татјана: Професијата нема врска за тоа дали човек ќе избере да живее здраво. Тоа е наш избор и зависи од тоа колку ни е важно здравјето и колку сме свесни за тоа да се заштитиме. Внимавам колку што можам, но и сум гурман и знам понекогаш, иако знам дека нешто не е здраво, да се почестам. Затоа што тоа што е вкусно не е здраво, како благо и тесто од бело брашно.

BETTY: Колку сте физички активни и има ли некој спорт кој посебно Ви се допаѓа и во кој уживате?

Татјана: Се трудам да бидам физички активна, но не сум многу истрајна во некоја активност. Ќе почнам нешто да вежбам, но најмногу два месеца издржувам и се откажувам. Сега од пред еден месец почнав да вежбам повторно и се надевам дека ќе одржам континуитет во подолг период.

BETTY: Вашата професија бара да внимавате многу и на Вашиот физички изглед, на кој начин во тоа успевате?

Татјана: Со постојана нега на лице, тело и коса. Ја доверувам таа работа на професионалци и применувам третмани за одржување.

BETTY: Имате ли некое мото или, пак, мисла водилка која Ве движи низ животот?

Татјана: Секогаш биди позитивен и истраен и не се откажувај доколку започнеш некоја работа, тоа е карактеристика на слабите, а ти не си таков.

BETTY: Што би им препорачале на читателите на BETTY магазин?

Татјана: Да го чуваат здравјето, духот и љубовта и семејството. Тоа се најважните работи.[mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2018/04/naslovna_intervju_betty_maj_mk_aplikacija.jpg" image_size="full" align="center"]

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>