[vc_column width="1/2"][mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2017/11/betty_mk_novembar_no45-web-1.jpg" group="_general" margin_bottom="0" crop="false"][vc_column width="1/2"]Кристина АрнаудоваУживам во пишувањето музика за себеBroj 44, ноември 2017Бојана Симоновиќ
Пејачката која хуманитарната работа ја става пред музиката и најголем предизвик наоѓа во чувството да стави насмевка на нечие лице, Кристина Арнаудова, во ексклузивно интервју за BETTY магазин открива од каде ја наоѓа инспирацијата за нејзината креативна и благодарна работа. Кристина говори за тоа колку ја исполнува нејзиниот „Проект Среќа“, а објаснува и за тоа колку ѝ е важен здравиот начин на живеење...
BETTY: По подолга пауза на музичката сцена, љубителите на твојата музика имаа можност да уживаат во видеото за песната „Љубена“. Значи ли тоа дека на повидок е и нов твој албум?
Кристина: Драго ми е што на публиката ѝ се допадна „Љубена“. Доста е вртена по радиостаниците, а најсреќна сум кога слушам дека најмногу ја пеат деца, иако е далеку од детска песна. Во фаза сум на подготовка на нова музика, но за албум сè уште не сум сигурна кога би имало. „Проект Среќа“, моето здружение, во последно време некако ми се наметна како приоритет, и тоа навистина ме исполнува, па музиката малку трпи поради тоа.
BETTY: Самата си автор и продуцент на дел од своите песни, какво е чувството да имаш способност да пласираш музичко парче буквално по свој терк?
Кристина: Нема поубаво од тоа да го напишеш точно она што сакаш да го пееш. Секој за себе знае точно како сака и како треба да звучи, особено кога се работи за некој кој долги години се занимава со музика. Песните кои ги пишувам сама звучат токму онака каква што сум јас во суштина и тешко дека кој било толку точно може да го дефинира мојот музички сенс. Малкумина се оние кои сами можат да пишуваат за себе, па себеси се сметам за привилегирана и среќна.
BETTY: Секој музички изведувач има песна по која тој е препознатлив и која е репер за неговата кариера. Се чини дека најголем печат на твојата музичка кариера остави хитот „Прашина“, мислиш ли дека некоја друга твоја изведба ќе успее да го надмине?
Кристина: Па ,,Земи ме“ е тука некаде со ,,Прашина“, но „Прашина“ беше и најава за мојата музичка кариера, па претпоставувам таа е асоцијација за сето она што јас значам во музиката. Без разлика колку песни еден изведувач ќе сними во текот на својата кариера и колку албуми ќе издаде, секогаш секој има една песна која го обележува. Ете, за мене тоа е „Прашина“.
BETTY: Каде ја наоѓаш инспирацијата за твоите авторски композиции, имаш ли некој ритуал кој те поттикнува да твориш?
Кристина: Немам посебен ритуал, но има периоди кога сум особено инспирирана, и има периоди кога буквално ниту еден збор не излегува од мене. Не сум од оние кои можат да напишат 10 песни годишно. Пишувам малку, но ете се покажало дека и тоа малку е сосема доволно. Барем за мене. Јас квалитетот секогаш го ставам пред квантитетот.
BETTY: Што засега го сметаш за најголем успех во твојата музичка кариера?
Кристина: Ова е често прашање... не знам... тоа што се развив и пораснав во некој кој знае што сака да пее, некој кој сам пишува за себеси, но и за други, и тоа што тие песни остануваат... Но, сепак, најголем успех за мене е тоа што останав секогаш иста, нормална, едноставна, останав човек кој се радува на мали работи, и кој нема потреба од его моменти и многу појавувања, фотографирања и сл...
BETTY: Освен музиката, постојано си ангажирана и во хуманитарни акции преку твојот „Проект Среќа“ кој помага на граѓаните од социјално ранливите групи. Како реши да започнеш со еден ваков проект?
Кристина: Беше тоа моја желба уште од кога бев многу малечко девојче... ме правеше среќна кога можев некому да помогнам. Потоа почнав да соработувам со разни здруженија, па да организирам и самата хуманитарни настани и акции, па некако дојде време да се роди и „Проект Среќа“. „Проект Среќа“ е, после моите два сина, најдоброто нешто што во животот сум го направила. Среќна и благословена сум што имам можност да помагам на луѓе на кои им недостига среќа. Нема поубаво од чувството да ставиш насмевка на нечие лице. Нема!
BETTY: Преку твојот проект им помагаш и на децата од социјално ранливите семејства. Тие се најискрените суштества на овој свет, како е да се работи со нив?
Кристина: Како што кажав, нема поубаво од чувството на создавање моменти на среќа на луѓе, особено на деца со кои животот бил суров и ги ставил во тешки животни ситуации уште од многу мали нозе. Јас ги обожавам децата, а љубовта е заемна! Со децата кои беа на летниот камп кој го организирав, „Шарено лето“, постојано сме во контакт и се допишуваме. Децата се како рендген за душа, точно знаат кој каков човек е, и дали намерите му се искрени и чисти. Затоа скоро сите мои проекти во „Проект Среќа“ се врзани за децата и градење подобар свет за нив! Среќна земја се гради само ако следната генерација која доаѓа е генерација на среќни и добри луѓе. Некако тоа го заборавивме, дека најважно од сè е од децата најпрво да направиме добри и среќни луѓе, а се фокусиравме на тоа да се добри ученици, да се занимаваат со милион активности, освен основната, да ги сакаат другите луѓе и да бидат добри и љубезни! А на тоа можеме само ние да ги научиме. Децата не учат од зборови, децата учат од пример! И затоа апелирам до сите родители да бидат добар пример за своите деца.
BETTY: Можеш ли да ни одвоиш некоја ситуација од „Проект Среќа“ на која си посебно горда, која имала попозитивен исход од очекуваното?
Кристина: На летниот камп „Шарено лето“, децата последниот ден ми напишаа писма со кои сакаа да се заблагодарат... плачев со денови од нивната едноставна искреност и чиста душа. Тоа беше мојот најголем успех. Нивната среќа! Тоа што почувствуваа дека бев таму со сето мое срце.
BETTY:Ти си дел и од кампањата „Среќно матуранти“ која има за цел да помогне и да овозможи облека за дел од матурантите кои тоа не може да си го дозволат. Како се развива овој проект?
Кристина: ,,Среќно матуранти“ е мојот прв проект, моја идеја и реализација. Оваа година се одржа по втор пат. Облековме 120 матуранти, а секоја година одиме на поголем број. Со голема помош на мојата пријателка и координаторка на проектот Весна, но и со помош на сите донатори, компании и физички лица, успеавме да усреќиме многу матуранти, апсолвенти и полуматуранти. Тој проект, како и останативе кои веќе ги знаете, вклучувајќи го и Среќна школска година, ќе бидат традиционални и ќе ги реализираме секоја година.
BETTY: Што во иднина може да очекуваме од тебе на професионален план?
Кристина: „Проект Среќа“ да стане синоним за среќа и насмевки, а мојата музика да ве радува. Немам поголеми желби од тоа професионално.
BETTY: Како го поминуваш слободното време кога го имаш, што те исполнува?
Кристина: Слободното време е посветено само на моите деца и моето семејство. Сакаме да се дружиме често и со пријатели, па се трудиме барем неколку пати месечно да направиме дружба низ дебармаалските улици, кафулиња и кафеани, или на некој убав викенд на планина или море. Патувањата ми се пасија и голема желба, па му се радувам буквално на секое излегување од Скопје.
BETTY: Дали внимаваш на исхраната и што најчесто е дел од твојата трпеза?
Кристина: Внимавам, и мислам дека секој современ човек мора да биде свесен за значењето на здравиот начин на живеење, и здравата и правилна исхрана. Наутро пијам сок од лимон, па појадувам овошје, за ручек сакам да изедам голема свежа салата, со риба или некое убаво месо, а вечера избегнувам секогаш кога можам. Неколку пати во текот на денот пијам свежо цедени сокови, и се трудам тоа да го пренесам и на моите деца како навика. Љубител сум на морски плодови, па секогаш кога можам уживам во нив.
BETTY: Колку време посветуваш на физичката активност, со оглед на тоа што твојата професија бара добра физичка подготвеност за на сцена?
Кристина: Пред да станам мајка многу време посветував на тоа, но сега слободно време имам сè помалку, и денот секогаш ми е прекраток. Се трудам многу да се движам, но се трудам и да се вратам во вежбачка рутина. Никогаш не сум задоволна од тоа како изгледам и барам повеќе од себе, па и сега знам дека можам да изгледам многу подобро, и дека нема оправдувања. Ветувам дека повторно ќе се вратам во теретана, од понеделник (се смее).
BETTY: Ти дозволуваат ли секојдневните обврски да водиш здрав животен стил?
Кристина: Нема животен стил кој може да те спречи во она што навистина го сакаш. Единствена мана, порок која ја имам се цигарите и кафето. Не пушам многу, па така се тешам, но ете, се надевам дека еден ден, ќе ми светне нешто во главата и ќе престанам да пушам. За жал, тоа до сега не се случило уште...
BETTY: Порака до читателите на BETTY магазин?
Кристина: Сакајте се себеси, бидејќи само среќни, здрави и добри сте добри и за своето семејство и за околината. Секогаш може подобро, и животот е прекраток за да го потрошиме на разни оправдувања и обвинувања на некој друг за сопствените неуспеси. Дајте сè од себе, секој ден!
[mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2017/11/betty_mk_novembar_no45-web-1app.jpg" image_size="full" align="center"]