[vc_column width="1/2"][mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2018/10/mkd-intervju-gigovska-novembar.jpg" group="_general" margin_bottom="0" crop="false"][vc_column width="1/2"]АНТОНИА ГИГОВСКАНатпреварувањето ми е во крвта
Број 57, ноември 2018.Малата ѕвездичка која со својот моќен глас пред две години го освои жирито и публиката на „Пинкови ѕвездички“, Антониа Гиговска, говори за својата кариера по настапот на познатото шоу кое ѝ ги отвори вратите на музичката сфера. Младата македонска музичка надеж сега сигурно чекори на музичката сцена, издава нови песни и реди успешни фестивалски настапи. Посебен печат на фестивалските натпреварувања Антониа годинава остави на фестивалот „Макфест“ каде успеа да го освои првото место, во конкуренција на многу искусни музички имиња. Младата пеjачка која освен на фестивалски натпреварувања низ Македонија настапува на и фестивали низ светот, во разговор објаснува дека сака да учествува на вакви манифестации поради нејзиниот карактер и желбата за пријателство и дружба. Оваа година таа на евровизиската сцена настапи како придружен вокал, но открива и дека еден ден сака на големата сцена да настапи во прв план. Од средношколката за која допрва ќе се слуша добивме интересни одговори, а го дознавме и нејзиниот најголем предизвик на музички план...Ексклузивно за BETTY магазин Антониа Гиговска.
Бојана Стевческа
BETTY: Пред 2 години Антониа блесна на сцената на „Пинкови ѕвездички“, тогаш твојот глас ги освои слушателите, а твојата кариера постојано оди во нагорна линија. Колку настапот во ова шоу ти го сметаш за отскочна штица во музичките води?
Антониа: Можам слободно да кажам дека тоа шоу го обележа стартот на оваа моја кариера и навистина ми е мило што луѓето ме запознаа токму на тоа шоу, а, секако, и песните кои ги отпеав и на кои им дадов свој печат (се смее).
BETTY: Како се роди твојата љубов кон музиката, што ти даде поттик да се занимаваш со пеење?
Антониа: Неодамна видов клипче на кое јас на шест-седум години, играм и пеам, а не сум знаела за тој клип. Уште од малечка кај мене постоеше љубовта кон музиката. Јас како малечка бев одбрана од градинка да настапам на фестивалот „Поточиња“, но тогаш сум била многу плашлива и срамежлива, тотално спротивно од темпераментот и личноста што сум сега и не сум излегла на бина... Очигледно долго време поминало и ништо од музика. На 11 години повторно таа желба и страст кон музиката се појави. Брат ми е оној кој прв ме слушна и ме откри, па да не го заборавиме...(се смее).
BETTY: Со оглед на тоа што учиш гимназија, а активно се занимаваш со музика, значи ли тоа дека има можност да продолжиш на факултет да студираш музика или музиката ќе ти остане хоби?
Антониа: Музиката ми е живот, радост, среќа, она што ме исполнува кога сум среќна или тажна. Никогаш нема да дозволам да биде хоби, ќе биде на прво место. А што се однесува до факултетот сигурно ќе биде нешто сосема друго... Можеби психологија со оглед на тоа што многу сакам луѓе, разговори, сè што е поврзано со психа и живот.
BETTY: Ти се соочи со музичката сцена многу млада и успешно се развиваш на истата, како се справуваш со тремата или таа е непозната за тебе?
Антониа: Па, досега имам 2 операции. Едната од нив е „ТРЕМА“ (се смее).
BETTY: Освен на „Пинкови ѕвездички“ ти имаш настапувано и на други фестивали во земјава и странство, а меѓу нив е и „Макфест“. Значи ли тоа дека имаш натпреварувачки дух и конкуренцијата ти дава поттик од тебе да излезе најдоброто на сцената?
Антониа: Моето име значи „подготвен за борба/натпреварување“. Тоа ми е во крвта, сакам сè што е натпревар, шоу, дружба, пријатели и нови познанства. Поради тоа и се фестивалите тука, за нови пријателства. Досега сум била во Русија, Летонија, Литванија, Италија, Португалија (Евровизија), Босна, сум настапувала и на неколку фестивали во Македонија, меѓу кои и „Макфест“ три пати.
BETTY: Песната „Ванила“ која ја изведуваш со Панчо од ДНК, која се промовираше летово, има симпатии кај слушателите, во спотот има многу интересни кадри кои носат свежина во топлите летни денови. Како помина снимањето и колку си ти задоволна од финалниот производ?
Антониа: Снимањето помина супер, многу е полесно кога имаш со луѓето околу тебе разбирање и компромис, па сè оди во најдобар ред. Незаменливиот Даниел Јовески како режисер и снимател, мојата стилистка Викторија Бурсач, мојот брат „во криминалот“ Даниел Николовски, кој беше задолжен за шминка и фризура, дечките од Битрикс заедно со кореографот Леонардо Хусеини, Вила Масита како локација и, секако, на самиот крај шлагот на тортата моите незаменливи Лазар и Ена Цветкоски кои ги обележаа сите досегашни песни како и оваа (освен двете од Макфест) и мојот драг Панчо кој приватно го обожавам и многу ми е мило што сосема спонтано излезе овој дует. После ова мислам дека е јасно колку сум задоволна од финалниот производ (се смее).
BETTY: Оваа година настапи заедно со „Ај Кју“ на евровизиската сцена како придружен вокал, какво искуство беше тоа за тебе?
Антониа: Преубаво... не се опишува, тоа се доживува... многу голема сцена, луѓе професионалци, адреналин, пријатели и искуство за цел живот. Да можев да останам 1 месец наместо 15 дена во Португалија немаше да размислам ни минутка... (се смее). Дина, Валери, моите драги колешки, Марија и Бојан од „Ај Кју“ и целата екипа. Пак да се споиме и да одиме некаде, тоа би било одлично!!!
BETTY: Дали еден ден ти самостојно се гледаш на евровизиската сцена како македонски претставник?
Антониа: Дај боже, искрено многу би сакала, но никогаш ништо не очекувам, што треба да биде ќе биде, ако треба да биде. Таков е и животот, не знаеш што носи утре.
BETTY: Дали имаш некој пример од странската музичка сцена кој претставува инспирација во твојата музичка кариера?
Антониа: Да, меѓу нив се Бијонсе, Адел, Рита Ора, Дуа Липа и Шон Мендес.
BETTY: Што за тебе претставува најголем предизвик на музички професионален план?
Антониа: Хмммм... Х ФАКТОР!
BETTY: На што работиш во моментов, што може да очекуваме од тебе во иднина?
Антониа: Не би открила... никогаш ништо не откривам. Бидете подготвени (се смее).
BETTY: Колку внимаваш да имаш здрав животен стил?
Антониа: Со оглед на тоа што слаба страна ми е храната, полека, полека се одвикнувам од многу работи и почнувам нов здрав начин на живеење (се смее). Како што е редот (се смее).
BETTY: Кои се твоите омилени активности со кои го пополнуваш слободното време?
Антониа: Инстаграм, друштво, одбојка понекогаш. Карти, ризик итн...
BETTY: Колку си физички активна и дали Антониа е спортски тип?
Антониа: Играв и ракомет и одбојка. Повеќе сакам одбојка, но искрено кажано не ме влече теретана или трчање. Повеќе сум за одбојка (се смее)
BETTY: Порака до читателите на BETTY магазин?
Антониа: Бидете секогаш позитивни и насмеани (се смее).
[mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2018/10/mkd-intervju-gigovska-novembar-app.jpg" image_size="full" align="center"]