casopis-interjvu

СВЕТЛАНА БОЈКОВИЌ

ПОЛОВИНА ВЕК НА СЦЕНА

 

Број 69, ноември 2019

Кариерата ја градела со врвни улоги, пред сè, во театар, но и во серии и филмови. Многу нејзини реплики од претставите Мадам Сан-Жен, Три сестри, Марија Стујарт, филмовите Кучето кое ги сакаше возовите, Зона Замфирова, и сериите Подобар живот, Семејно богатство се цитираат и денес. Добитничка е на престижни актерски награди како признанијата Златни ќуран, Јоаким Вујиќ, Жанка Стокиќ, Бранислав Нушиќ, Добричин прстен, Златни платан и Октомвриска награда на град Белград. „Искористи го денот“ е нејзиното мото од кое не се откажува и покрај годините. Ексклузивно за BETTY – Светлана Бојковиќ

 

Автор Далибор Мрдиќ

 

BETTY: Минатата година се наврши точно половина век откако сте на театарската сцена. Дали имаше некое посебно одбележување на овој јубилеј од ваша страна?

Светлана: Не, никако. Никогаш не сум придавала на годините некое посебно внимание, ниту сум ги одбележувала датумите. Ниту триесет, ниту четириесет, па ете ниту педесет години. Се разбира, не го кријам тоа и не се срамам од тоа. Тоа  не е воопшто малку ‒ половина век актерство. Но, некако, кога ги одбележувате тие датуми, сè потсетува на некое збогување, а јас немам намера да се збогувам сè уште.

 

BETTY: Но, другите го одбележаа тој половина век. И тоа со една монографија.

Светлана:  Да, излезе монографија, втора по ред. Првата се појави кога ја добив наградата Добричин прстен, тоа беше во 2007 година, а втората излезе лани, по повод наградата која ја добив од Здружението на филмски актери на Србија. Тоа признание го носи името Павле Вуисиќ. Покрај таа награда вообичаено е да се приреди монографија за добитникот. Ја следеше и документарен филм со доста инсерти од серии и филмови во кои имам глумено, неколку разговори со мене, извлечени од архива.

 

BETTY: Кога сме кај тоа, дали ви е подрага глумата на театарските штици или пред камерите?

Светлана: Дефинитивно во театар. Тоа е жив контакт со публиката, со луѓе и тоа е нешто што е незаменливо. Глумата е глума, во секој облик ми е интересно, тоа е мојот живот впрочем, но кога снимате пред камерите, работите сегмент по сегмент, го повторувате тоа што не е добро и ја немате онаа размена на енергија која и тоа како е присутна во текот на изведувањето на претставата и која секој пат е поинаква. На крајот на краиштата, поинаква е публиката, поинаков составот на луѓе, а ни претставата не е иста, дури и кога нема импровизација. Тоа е како кога свирите некоја композиција ‒ никогаш не ја свирите потполно идентично.

 

BETTY: Кога зачекоривте во светот на актерството, пред педесет години, дали сонувавте дека ќе ви се случи кариера каква што ја имате до сега? Дали ви се оствари она за што тогаш сонувавте?

Светлана: Од детството сакав да бидам актерка и ништо друго. Никогаш не сум размислувала да бидам славна, да бидам популарна, препознатлива. Само сакав да играм. Во животот сè ми се случуваше без некој план. Имав и среќа, но и многу работев, имав континуитет во работата, но никогаш цел не ми беше достигнување на некоја популарност и таква останав до денешен ден. Секако, ви годи кога луѓето ве прифаќаат, кога ќе ве пофалат, кога ќе добиете некоја награда, тоа е многу пријатно, но никогаш тоа не ја поремети мојата внатрешна скромност. Театарската уметност е многу поголема од мене, јас само, ете, имав среќа во животот да влезам во тој свет и со тоа да се занимавам.

 

 

BETTY: Еднаш рековте дека, кога на своите родители сте им соопштиле дека сакате да се занимавате со актерство, тие биле против. Како реагиравте кога вашата ќерка одлучи да тргне по истиот пат?

Светлана: Не бев против, само бев изненадена, со оглед на тоа дека таа до тогаш не покажуваше склоност кон актерството. На почеток бев збунета и добро ја преслушав зошто сака да оди по тој пат, дали мисли дека тоа е лесна работа, а потоа ја предупредив добро да размисли за сè, затоа што животот не е денес сакам, утре не сакам. Најголемата трема во животот ја имав кога требаше да слушнам што таа подготвила за приемен. Не знаев што да очекувам. На моите примедби реагираше позитивно, поправајќи ги грешките и после тоа ја охрабрив, затоа што видов дека има и талент и желба.

 

 

BETTY: Може ли денес на овие простори да се живее од актерската работа и колку тоа може да биде тежок живот?

Светлана: Па знаете како, тој живот би бил многу тежок кога не би имало толку љубов. Таа наша љубов кон сопствената работа е движечка сила и начин сите потешкотии да се надминат. Човек се мачи додека гради улога, но тоа се слатки маки, на патот до слободата, вистински моменти кои може да ги претстави на публиката и да ја доживее таа возвратена енергија. Не само аплауз, затоа што понекогаш многу се драгоцени и тишините на кои наидуваме во текот на претставата, кога ќе почувствуваме дека публиката заедно со нас дише, заедно со нас страда.

 

 

BETTY:  Се подготвува продолжување на серијата Шифра Деспот во која имате забележитилна улога. Каде публиката ќе има прилика да ве гледа во наредниот период?

Светлана: Играм и во новата сезона на серијата Кучињата лаат ‒ ветерот носи од Радоша Бајиќ. Добив предизвикувачка улога, потполно поинаква од сè што сум играла до сега. Синиша Павиќ подготвува серија Подобро минато во која, исто така, ќе играм. Во серијата не се појавуваат Попадиќи, нема врска со Подобар живот, само што насловот е асоцијација на таа серија.

 

BETTY: Познати сте како некој кој го вели тоа што го мисли, колку и да му пречи тоа на некој. Дали тоа е опасно денес, овде?

Светлана: Едноставно, таква сум. Без разлика дали е опасно или не, тоа е многу здраво. Ме нервира кога ќе видам дека кај голем број луѓе стравот одлучува по кој пат ќе тргнат. Се покоруваат, го губат достоинството, се откажуваат од сопственото мислење.

 

BETTY:  Горлив проблем на Балканот во последните години е заминувањето на младите. Дали некогаш сте се нашле пред предизвик – да отидете некаде?

Светлана: Никогаш. Прво, не би можела да живеам никаде освен во Србија, па треба да се земе предвид и мојата работа, јазикот на кој зборувам. Дури и да се занимавам со некоја друга работа, мислам дека тоа не би ми паднало на памет. Едноставно, не би се чувствувала пријатно да живеам во некоја друга средина.

 

BETTY: Спомнавме награди на почетокот на приказната. Колку тие ве обврзуваат со секоја наредна улога да бидете еднакво квалитетни како и до тогаш, ако не и подобри?

Светлана: Со наградата не завршува вашата кариера, но секоја награда сè повеќе обврзува, ве тера да бидете подобри.

 

BETTY: Дадовте интересна дефиниција на својата работа: Глума е кога луѓето не забележуваат дека глумите!

Светлана: Така се вика и еден филм: Глума е кога не се гледа. Тоа е, всушност, врв на нашата уметност, кога почнувате само да постоите на сцена. Сè што се гледа дека е глума, макар таа да е и многу вешта, тоа е некое правење. Тоа никогаш не е до таа мерка вистинско да може да се воспостави контакт со публиката како кога едноставно ќе излезете на сцена и ќе бидете она што сте.

 

 

BETTY: Постојат ли моменти во минатото кои би ги промениле да можете да се вратите на почеток?

Светлана: На целиот свој живот, и приватен и професионален, јас сум многу горда.   Никогаш не размислувам за тоа дека нешто драстично би променила. Сè што животот ќе ви донесе морате да го поднесете, во убавите моменти да уживате, лошите некако да ги надминете и да живеете. Невозможно е животот на кој било,  па и мојот, да биде идеален. Треба да се прифати како таков, што и да ви донесе.

 

BETTY: Имате ли книги кои ги читате повеќе пати, кои ве инспирираат?

Светлана: Кога правев пауза во актерската работа и престојував во Финска, имав повеќе време за читање и тогаш повторно се вратив на Андриќ. Во тој период повторно ги прочитав Војна и мир, потоа книгите на Булгаков и уште многу.

 

BETTY: Кога денес имате слободно време, како го поминувате?

Светлана: Во Белград тешко го наоѓам, но кога ќе фатам некој слободен момент, гледам да го поминам со драги луѓе. Имам многу широк круг на пријатели, повеќето не се од театарот и ги сакам дружењата со нив. Од друга страна, често одам и гледам претстави на своите колеги, ме интересира тоа.

BETTY: Кога сме веќе кај тоа, има ли млади актерски имиња кои сте ги запаметиле по талент и квалитет?

Светлана: Сметам дека сме многу талентирана нација за актерство. Сè повеќе има млади актери, одлично се снаоѓаат со оглед на тоа дека тешко можат да се вработат во некој од театрите. Тие играат во хотели, домови на култура, наоѓаат свој простор. Во тоа им помагаат и социјалните мрежи, на кои се рекламираат. Гледав неколку одлични камерни претстави со нови млади актерски имиња.

 

BETTY: Каква музика сака да слуша Светлана Бојковиќ?

Светлана: Тешко прашање. Слушам сè освен новокомпонирана. Сакам изворна музика, класична, исто така… Завршив средно музичко училиште, така што сум писмена што се однесува до тоа. Сакам и шлагери, џез, евергрин…

 

 

BETTY: После 50 години на сцена што е тоа што ве турка напред?

Светлана: Како што вели латинската изрека: Nula dies sine linea ‒ Ни еден ден без црта. Ни еден ден човек не треба да дозволи да му помине залудно. Што и да правите тој ден, добро е, само да не го поминете туку така.

 

 

sal-betty-teget