Фармацевти
Контакт

<< Назад

BETTY магазин, октомври 2015

октомври 1, 2015

[vc_column width="1/2"][mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2015/09/Cover_oct2015.jpg" group="_general" margin_bottom="0" crop="false"][vc_column width="1/2"]

ЕСМА РЕЏЕПОВА



Младоста ми ја даваше храброста



Broj 20, октомври 2015

Бојана Симоновиќ

Првата пејачка во светот која отпеала ромска песна на ромски јазик, Есма Реџепова, ексклузивно за BETTY магазин открива како е да се биде Кралица на ромската музика. Жената со силни вокални способности за која знае целиот свет, говори за почетоците на својата кариера, за своите најуспешни настапи, како и за својата хумана страна по која е позната. Есма, која има настапено на над 10 000 концерти, објаснува од каде ја црпела храброста за да изгради долгогодишна успешна кариера.BETTY: Важите за кралица на ромската музика во светски рамки, какво е чувството да бидете долги години носител на една ваква титула?
Секако дека е убаво чувството да сте Кралица на ромската музика. Оваа титула ја добив во 1976 година во градот Чандигар, Индија, каде што се одржуваше Првиот фестивал на ромска музика. Имаше ромски претставници од 16 земји во светот и жирито одлучи дека музиката и песната, што во тоа време ги изведуваше Есма и Ансамбл Теодосиевски, од Југославија, се најблиску до оригиналната ромска музика, која потекнува од областа Пенџаб во Индија. Таа е причината поради која ми е доделена оваа престижна титула.

BETTY: Вашата активна кариера ја започнавте на 13-годишна возраст, се сеќавате ли на првите настапи и какви емоции тие сега будат кај Вас?
Моите први настапи беа секако на училишните приредби. Првиот официјален настап ми беше на манифестацијата „Микрофонот е Ваш“, која во 1956 година се одржуваше во Скопје, во организација на Радио Скопје, каде што се бираа млади таленти. Јас победив, и, всушност, тој настан го одреди мојот живот како пејачка, живот кој и денес го живеам. Секако дека на тој настан секогаш ќе се сеќавам. Како што реков, од тој ден животот на едно 13-годишно девојче потполно се смени, од малата Есма, која си играше со своите врсници, наеднаш станав популарната Есма Реџепова, која насекаде ја дочекуваа со воодушевување.

BETTY: Колку Вашиот сопруг Стево Теодосиевски и неговото семејство придонесоа Вие да станете тоа што сте?
Мојот сопруг Стево Теодосиевски е најзаслужен што денес светот ја има Есма Реџепова. На почетокот на мојата кариера тој беше мој професор и ментор, човек што се грижеше за поставување на мојот глас, за техниката на пеење, кој компонираше многу песни за мене, додека неговата мајка, која подоцна ми стана свекрва, Параскева, 13-годишното девојче го прифати како свое дете и ме подучуваше на сите домашни работи.

BETTY: Кога Вие станавте дел од естрадата многу малку роми беа вклучени во естрадниот живот, на некој начин направивте револуционерен потег. Од каде ја црпевте храброста за сето тоа?
Историски гледано, јас сум првата пејачка во светот која отпеала ромска песна на ромски јазик, додека, пак, Радио Скопје е првото радио во светот кое во етер пуштило ромска музика. Точно е тоа дека во тој период многу малку Роми беа вклучени во естрадниот живот. И тие што беа на естрадата беа мажи, музичари, но јас бев првата девојка која запеа на својот мајчин јазик. Ме прашавте од каде ја најдов храброста, можеби младоста ми ја даваше таа храброст, а да бидам искрена и добро бев прифатена од постарите колеги, кои можеби ми даваа дополнителна храброст.

BETTY: На кој концерт од Вашата младост со радост се сеќавате?
Имам настапено на над 10 000 концерти и навистина не би знаела да ви кажам кој концерт можам да го издвојам. Секаде бев дочекувана многу топло, така што ако издвојам некој концерт можеби нема да бидам еднакво благодарна кон мојата публика, која доаѓаше и сè уште доаѓа на моите концерти.

BETTY: Кој настап во Вашата досегашна кариера го сметате за Ваш најголем успех?
Можеби настапот во „Олимпија“, театарот во Париз, затоа што тоа е еден престижен театар, каде што настапуваат естрадни уметници од највисока класа. Од просторите на поранешна Југославија во тој театар сме настапиле само Тереза Кесовија и јас. Мислам дека овој податок доволно зборува за каков престиж се работи.

BETTY: Познати сте и по Вашиот уникатен изглед на сцената. Дали зад тие интересни креации стоите лично Вие?
Зависи за кој стил ме прашувате. Ако мислите за сценската гардероба што ја носам, да, за мојот сценски изглед се грижи еден бутик од Скопје, додека, пак, за секојдневната гардероба се грижам сама. Сакам едноставни и комотни работи, кои најчесто ги купувам додека сум на патувања по светот.

BETTY: Кога ќе се спомене Вашето име не може да не се поврзе со Вашата хуманитарна работа. Колку хуманоста Ве исполнува?
После пеењето, хуманоста е мојата втора љубов. Сакам да помогнам, сакам да подарам, сакам да сочувствувам со тој што нема. Старите велат „Раката што дава, не се суши“. Тоа е точно, но моето животно мото е „Ако имаш две, едното подели го со тој што нема“.

BETTY: Познато е дека иако немате свои сте одгледале 47 деца. Колку од нив запловиле во музичките води?
Сите мои деца се музичари, но уште поинтересен е податокот што и нивните деца, моите внуци, покажуваат интерес и љубов кон музиката. Добар дел од моите внуци се одлични, школувани музичари, кои се успешни на сцената исто како и нивните татковци.

BETTY: Сте пееле пред многу познати личности меѓу кои е и маршалот Тито, либискиот лидер Муамер Гадафи... Какви се искуствата од ваквите настапи?
Да се пее пред вака реномирани имиња, прво, секако, дека е голема чест. Тие настапи се обично за многу мал број луѓе и тоа дава уште поголема тежина, затоа што сите очи што ве гледаат во исто време ги чувствувате, но, секако, дека тоа е и голема привилегија, затоа што беше мал бројот на уметници кои можеа да се пофалат со настапи пред Тито и пред останатите државници, кои беа негови гости.

BETTY: Вашата песна Чаје Шукарије е светски хит и е преработена многупати. Колку точно преработки доживеа оваа композиција и која Ви е најдрага?
Искрено да ви кажам не знам колку преработки има Чаје Шукарије. Мојот менаџерски тим ја има таа евиденција, затоа што тие водат сметка дали е добиена дозвола да се прави обработка на песната и сите останати работи, кои се во делот на авторски и механички права. Ако мене ме прашате која е најдобрата верзија, секако дека ќе кажам првата снимка, таа што ми ја донесе популарноста.

BETTY: Што може да очекуваме од Есма во иднина?
Набрзо треба да се појави нова песна и нов спот. Оваа песна е субвенционирана од Фондот за поддршка на Македонското музичко творештво и некаде до крајот на октомври, почетокот на ноември, мојата публика ќе има можност да ја чуе мојата нова песна, за која ќе има и видеозапис.

BETTY: Како Есма најдобро се опушта и релаксира од стресот?
Стрес? Не знам што да кажам. Можеби тоа е поим повеќе познат за помладата популација. Јас живеам еден редовен, смирен живот, така што и не чувствувам некој посебен стрес. Се релаксирам со добро друштво, гледам филмови (моја страст уште од младоста), сакам да прочитам добра книга.

BETTY: Кој е омилениот оброк на Есма?
Во однос на храната генерално не сум пребирлива. Јадам сè, но секако дека предност ѝ давам на здравата храна, а секој мој оброк содржи многу свеж зеленчук и свежо овошје.

BETTY: Како Вие се грижите за Вашето здравје?
За здравјето се грижам со редовни лекарски контроли и почитување на советите на лекарите, но морам да признам дека само еден нивни совет не слушам, а тоа е да пешачам и да сум повеќе на свеж воздух. Инаку, не пијам, не пушам, што се предуслови за добро здравје.[mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2015/10/App_MK_cover_oct_2015-1.jpg" image_size="full"]

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>