[vc_column width="1/2"][mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2016/08/Cover_sep2016.jpg" group="_general" margin_bottom="0" crop="false"][vc_column width="1/2"]
Никола Ристановски
Едноставноста е најтешко да се постигне
Broj 31, септември 2016
Најголемиот предизвик секогаш го наоѓа во ликот кој во моментот го толкува. Иако зад себе има огромно искуство, Никола Ристановски вели дека секој нов лик за него е нов почеток. Актерот кој долги години мами воздишки кај љубителите на филмската и театарската уметност ексклузивно за BETTY магазин говори за тоа како ги надминува пречките во животот и како се справува со предизвиците. За Ристановски патот до успехот се крие во балансот на секое полеБојана Симоновиќ
BETTY: Љубителите на уметноста можат да Ве видат во различни светла, како театарски и филмски актер. Каде Вие се чувствувате подобро, кога сте пред филмската камера или кога чекорите на штиците кои живот значат?
Cупер е што прв пат ова прашање оди на почеток на разговор, тоа е свежина. Cекој процес на откривање на сцена, вистина, однос, животна ситуација е подеднакво инспиративен и возбудлив без оглед дали тоа се прави во театар или на филм. Во суштина ми е највозбудлив оној момент кога се проба, значи потребна е проба и за едното и за другото, тој период на подготовки подеднакво ми е возбудлив и на театар и во филм, сè помалку се занимавам со она што е крајна манифестација и кај едното и кај другото, подготовката е најдрагоцено нешто, што ме интересира и кај мене буди најголемо задоволство.
BETTY: Како запловивте во актерските води, кога заклучивте дека Вашиот живот сакате да го посветите на оваа професија?
Hе знам точно, како и на многу луѓе што им се случуваат нешта, не сум имал такви планови, не живеам на тој начин да планирам што понатаму, таков момент едноставно се случи и јас просто го следев интуитивно. Hе се сеќавам точно на моментот, веројатно и оној момент кога решив да запишам академија.
BETTY: Дон Жуан, Расколников, Глембај се само еден дел од ликовите по кои сте препознатлив, кој лик за Вас беше најголем предизвик да го донесете пред публиката?
Добро е што е споменат Расколников, тоа беше лик кој многу бараше, ми се чини дека тогаш имав дваесет и нешто години, бев доста млад. Cекогаш мислам дека улогата која моментално ја работам е најкомплексна, дури и да не е јас интуитивно и потсвесно се обидувам да биде. Секогаш мислам дека последниот лик е најсложен, едноставноста е најтешка, до неа сè уште не сум дошол и неа ја барам. Помеѓу тој прв лик Расколников и последниот што го работам, ликот на Иванов, се наредија комплексни ликови кои се огромно искуство и багаж. Кај нас секогаш е како на самиот почеток. Последното нешто што го работам е секогаш најкомплексно и најсложено.
BETTY: Патот до успехот никогаш не е лесен, имало ли некоја поголема пречка на професионален план на која сте посебно горд што сте ја совладале?
Секој ден е пречка, секоја претстава е пречка, секоја проба е пречка. Можеби се гордеам со оние моменти со кои сум успеал да се ставам на второ место, тие моменти ми се драги кога успеваш за нешто да го повлечеш својот егоцентризам и да го дадеш она што ти е останато чисто во срцето. Имам објективно доста сатисфакции во работатa која ја работам, но овие ситни мали моменти каде освен лично задоволство се појавува лична толеранција ми се најдрагоцени. Сè е совладување на пречке. Секој ден е совладување на пречки од другите, од себе си, така што борбата е долга.
BETTY: Кој лик кој досега не сте го одиграле за Вас е најголем предизвик?
Нема таков, јас дури имам и вишок ликови што сум ги играл, така што јас навистина немам. Hекoи улоги кои ги играм ми се наредуваа сами космички, не сум имал ни време да посакам, дури отпосле сум сфаќал дека е дар од небото тој лик да ми се случи во тоа време, некако ретроградно заклучував дека сум го одиграл она што сум го сакал. Во моментов немам никаква желба.
BETTY: Многу често сте ангажиран на актерски проекти надвор од државава, а посебно на Балканот. Каде со најголемо задоволство настапувате?
Секаде ми е омилено место, каде што има театар, креативни луѓе, што мечтаат по некаква сценска и животна вистина, а такви места има насекаде, особено на Балканот. Сметам дека Балканот е некако сосема пристојна рамка за креативност, немам специјално омилено место и секогаш ми е омилено таму каде што вечерта ќе се собере публика, каде ќе има посебна густина на воздухот и комуникација. Тоа ме прави среќен и ми дава мотив дека сето тоа што го работам не е многу бесмислено.
BETTY: Дали може да ни направите споредба во развојот на македонскиот театар во однос на Вашите искуства во странство?
Во Белград баш зборував на оваа тема, многу е тешко да се генерализира, тешко е да се зборува за генерална културна слика и многу често моето чувство не се поклопува со главните текови, ниту може да се прават споредби. На Балканот како за сè работите се сведуваат на инцидент, многу ретко нешто се доведува до систем, а можеби тоа за театар е и добро, затоа што системот претставува калкулација за секоја улога или претстава. Мислам дека имам инстинкт да ги насетувам условите, секогаш да бидеш дел од бран кој е покренат од сериозни пориви и енергија на одреден број луѓе во тој момент. Звучи како формула од физика, но јас верувам во законите на физиката и астрофизиката, така што не гледам зошто така не би звучело. Не споредувам, креативните луѓе се креативни и креативната ситуација или постои или не постои.
BETTY: Со кој актер или актерка од светски рамки би Ви било чест и би сакале да бидете дел од ист проект?
Има толку даровити луѓе секаде. Во мојата фела има мал милион актери на кои им се воодушевувам и просто немам таква самодоверба да се поставам во корелација со нив. Гледам најрастоварено не мечтаејќи за ништо. Како и во сè друго главниот катализатор на оваа работа е размена на енергии. Светот е пребогат со луѓе кои ја поседуваат, ако некој се пријави бујрум, јас не можам да изберам во моментов.
BETTY: Како успевате на правите баланс со семејните и актерските обврски?
Баланс е клучниот збор, јас верувам во баланс во која била смисла, балансот е клучен, јас длабоко интуитивно верувам во тоа нешто, не верувам во крајности и верувам дека помеѓу голем напор секогаш треба да има некакво опуштање, верувам дека помеѓу голема среќа и задоволство мора да има некогаш некаква тага. Да, успевам, не знам како.
BETTY: Како најмногу сакате до го поминувате Вашето слободно време?
Во слободно време гледам да не ги запоставам оние мали најобични нешта кои за мене се големи обични нешта, сè што има потреба и му причинува задоволство на кој било човек ми претставува задоволство и мене. Многу често поради интензивните ангажмани човек се лишува од тоа, но знам да надоместам апсолутно, тоа е, всушност, животот, а ова другово е нешто друго или дел од животот, но за да се комплетира мора да постојат тие работи. Сакам континуитет на тие работи и многу ми е важно. Ме прави среќен она што ги прави среќни и многу други, нема тука некоја голема филозофија.
BETTY: Што може да очекуваме од Вас во блиска иднина на професионален план?
Имам доста претстави на репертоар, следната премиера е во Белград, сега во септември, тоа е текст на Чехов, „Иванов“ се вика. Би напоменал дека штотуку заврши Сараевскиот филмски фестивал, на кој учествував со еден копродукциски проект во кој, за жал, ја нема Македонија, но ме има мене како претставник, се вика „Игла испод прага“. Овој месец се играат претставите „Мајсторот и Маргарита“, „Животот е прекрасен“, ќе има репертоари и во Белград, така што може да очекувате континуитет.
BETTY: Колку Вашата професија Ви дозволува да живеете здраво?
Прашање е што е тоа здраво, јас веднаш го полемизирам, јас сум човек наречен дилема, јас мислам дека и мојата професија е здрава, по мојот начин на кој ја работам ми се чини дека и таа може да биде лековита, покрај сите напори и стресови. Hо, добра мисла и отворено срце се клучна работа во таа тема здравје. Ми фали сон, тоа е факт, а сè друго повторно го ставам во фајлот баланс.
BETTY: Дали сте љубител на спортот и дали сте физички активен?
Сум љубител на спортот, мојата професија подразбира и доста сериозна физичка активност, спортот е моја стара љубов, многу сериозна љубов, планирам да му се вратам доколку обезбедам слободно време, јас сè уште живеам во заблуда дека би можел активно да се вратам во некој спорт, се разбира дека не би можел, но можеби ќе се обидам. Нема да откривам, но ако се вратам ќе се вратам сериозно, годините нема да ме спречат.
BETTY: Вашата порака до читателите на BETTY магазин?
Сфатете го ова што го кажав како моја размисла и така сфаќајте ги работите како нечии размисли и немојте да ги примате како пораки. Пораките составувајте ги и пронаоѓајте ги сами.[mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2016/08/App_cover_sep2016.jpg" image_size="full" align="center"]