casopis-intervju-martija-naslovna

МАРТИЈА СТАНОЈКОВИЌ 

САМА ГО КРЕИРАМ СВОЈОТ ПАТ КОН УСПЕХОТ

 

Број 67, септември 2019

Младата перспективна пејачка Мартија Станојковиќ со своите 15 години е една од предводниците на новата генерација млади уметници кои ги освојуваат симпатиите на младата, но и на повозрасната публика. Голем дел од својот живот Мартија била посветена на модерниот танц, но нејзината љубов кон пеењето преовладала. Какво искуство за неа се музичките натпреварувања на кои учествувала, кој сè има влијание на нејзината кариера, какви се нејзините планови за интернационална кариера, дознајте во интервјуто со новата надеж на македонската музичка сцена. Ексклузивно за BETTY магазин ‒ Мартија Станојковиќ.

Бојана Стевческа

 

BETTY: Твојата младешка енергија донесе бран свежина на македонската музичка сцена. Ја претставуваш новата генерација на млади талентирани музичари кои сè повеќе го привлекуваат вниманието на публиката. Со твоите 15 години сигурно запливуваш во музичките води, чувствуваш ли дека си на вистинската патека?

Мартија: Како минува времето, сè повеќе добивам одлични резултати кои ми ја одобруваат досегашната работа. Но, веќе како созревам почнувам да ги гледам работите од друг аспект. Станува сè посериозно и подготвена сум за вистински предизвици.

BETTY: На своја 7-годишна возраст ја имаш снимено првата песна „Пејачка ќе станам“. Значи ли тоа дека музиката била твоја љубов од најрана возраст?

Мартија:  Јас речиси 8 години бев посветена на модерниот танц и бев многу успешна во тоа сè до моментот кога се пријавив на талент шоу за пеење. Како и да е, целото детство ми помина на сцена низ игра и песна. Единствено одлучив да се префрлам од балетот кон пеењето поради тоа што бев посигурна во тоа. Музиката претставува моја љубов од најрана возраст.

BETTY: Твоите пејачки квалитети беа одлично испромовирани на регоналното натпреварување кое се одржа во Белград во 2015 „Пинкови ѕвездички“, каде го освои второто место. Како ова натпреварување влијаеше на твојата кариера и што за тебе претставуваше ова искуство?

Мартија:  Тогаш, всушност, започна мојата кариера. Таму научив да се борам за тоа што навистина го сакам, стекнав огромен број пријатели од скоро сите држави на Балканот и ми помогна да бидам личноста која сум денес, свесна за љубовта кон пеењето и посветена на него.

BETTY: Во 2016 ја претставуваше Македонија на детскиот избор на „Песна за Евровизија“ во Малта со песната Love will lead our way. Веќе си запознаена со чувството кое го носи евровизиската сцена, дали Евровизијата за возрасни претставува предизвик за тебе?

Мартија: Доколку имам прилика, сигурно нема да ја одбијам. Евровизија за еден изведувач претставува искуство кое ги зголемува амбициите и бара многу работа и посветеност. Кога бев на детската Евровизија сфатив дека ми беа потребни многу труд и енергија, па Евровизијата за возрасни претставува вистински предизвик за мене.

BETTY: Зад себе имаш и неколку песни на англиски јазик, дали тоа значи дека планираш кариера надвор од границите на Македонија?

Мартија:  Се надевам дека ќе успеам во тоа да ме слушнат што повеќе луѓе и да уживаат во мојата музика. Мојата цел е многу очигледна, единствено што барам е ваша поддршка за да успеам надвор од границите на Балканот.

BETTY: Постои ли музичар од македонската или странската сцена кој те инспирира и има влијание на твојата кариера?

Мартија: Конкретно немам некој омилен артист. Влијание на мене имаат само добрите работи од сето тоа што го читам за познатите ѕвезди и сама го креирам свој пат до успехот.

BETTY: Пред извесно време заедно со Стефан Рашковиќ-Стефонатор објавивте заедничка песна насловена „Шо праеш“. Песната има значителен број прегледи на Јутјуб и предизвика голем интерес кај помладата публика. Колку сте задоволни вие од тоа како оваа песна е прифатена?

Мартија:  Песната беше идеја на Стефан. Ми понуди соработка и искрено од тогаш ми пристигнаа многу пораки со пофални зборови од помладата популација. Бројот на прегледите сè уште се зголемува, што нè радува мене и Стеф.

BETTY: Летото е на самиот крај, кои се твоите планови во блиска иднина, на што планираш да работиш на музичко поле?

Мартија: Без разлика на тоа што е лето и сите одмораме, јас во меѓувреме работев на песни кои набргу ќе бидат објавени. Во иднина, секако, следуваат уште песни, спотови и интересни проекти за кои сè уште нема да откријам ништо.

BETTY: Твојата посветеност на музиката од мали нозе е твој заштитен знак, каде го гледаш својот најголем предизвик во музичките води?

Мартија: Би сакала да соработувам со светска продукција и можеби ако имам среќа и со некој познат артист. Исто така, имам огромна желба да настапам на некој познат настан, на пр., концерт на некој познат пејач или некоја позната емисија.

BETTY: Како успеваш да балансираш помеѓу училишните обврски и музиката?

Мартија: Паралелно ги работам обврските и во пеењето и во училиштето. Иако музиката е мојата љубов, многу ми е важно образованието кое на некој начин ми помага да успеам во својата кариера.

BETTY: Колку имаш слободно време и како го исполнуваш, кои се твоите омилени активости?

Мартија: Со почетокот на  летото имам доста слободно време. Најчесто сакам да се дружам со своите најдобри другарки Марта и Нина. Исто така, премногу сакам да поминувам време со моето семејство. Понекогаш ако не сум расположена за друштво, гледам филм, серија или, пак, читам книги.

BETTY: Колку ти како тинејџерка внимаваш на исхраната, што најмногу сакаш да јадеш?

Мартија: Најмногу сакам да јадам брза храна, иако во последно време се трудам да готвам сама нешто поздраво. Исто така, многу сакам да јадам тестенини во сос од брокули и пилешко.

BETTY: Колку си физички активна и кој спорт е најатрактивен за тебе?

Мартија: Искрено, не обожувам физичка активност, иако тоа е лоша особина. Се трудам да вежбам, да трчам и да се движам што повеќе. А кога станува збор за спортот, навистина не сум адекватна личност да коментирам на таа тема, за жал (се смее).

BETTY: Што те прави најсреќна?

Мартија: Најсреќна сум кога сум со најблиските и кога поминувам време со моето куче Бела.

BETTY: Порака за читателите на BETTY магазин?

Мартија: Животот најдобро функционира кога сè што правиме, правиме со љубов.

sal-betty-teget
basketball jerseys cheap