Книгите како прва помош во решавање на проблемите
Стручњаците сметаат дека многу проблеми можеме да ги решиме со промена на начинот на размислување и дејствување, читајќи литература за самопомош втемелена на когнитивно-бихевиоралната терапија, како и дека self-help книгите даваат позитивни резултати во сузбивање на анксиозност и депресија, без користење антидепресиви.
Автор м-р Весна Кнежевиќ
Во најширока смисла зборот библиотерапија вклучува книги кои може да нè расположат, насмеат или содржат некои патокази и поуки кои може да ни помогнат во одредени животни моменти. Тоа се најчесто класичните литературни дела како оние на Толстој, Чапек, Твен, Шекспир, Томас Ман, Џејн Остин и други великани на книжевноста. Некогаш тоа се книги кои веќе сме ги читале и на кои со радост се навраќаме, бидејќи нè инспирираат и во нас предизикуваат позитивни чувства. Корисно е и кога ќе ни ги препорачаат пријатели, со кои по читањето имаме и тема за разговор, што само по себе е добро.
Стручњаците испитале, а читателите на книги потврдиле, дека кога сме во ситуации кои нè вознемируваат, односно кога се соочуваме со чувства како грижа и несигурност, невозвратена или изгубена љубов, односно кога се бориме со некоја болест, болка или загуба, влегувањето во светот на фантазијата на писателот и соочувањето со фиктивните ликови, всушност, помага. Протагонистите на литературното дело може да имаат проблеми слични на нашите, но и не мора, но, секако, може да нè инспирираат да донесеме некои добри одлуки, како и да се одлучиме на некои корисни промени во својот живот. Книгите со зборовите може да бидат навистина најдобар пријател, но и издувен вентил.
Книги за самопомош
Луѓето отсекогаш сакале да живеат подобро, поубаво, поуспешно, да бидат сакани, посреќни, помудри, поздрави и да имаат доволно пари. Брзината и модерниот начин на живот, кој не остава доволно време за занимавање со себе, створија цел еден писателски жанр кој најчесто се нарекува водичи за самопомош, или self-help литература и веќе долго се наоѓаат на топ-листите на најбарани, најчитани и најпродавани книги. Во овој вод прирачници, но и на јутјуб каналите, читателите и слушателите може да научат како да си помогнат себеси во сферата која најмногу ги мачи или ги интересира. Теми има толку што е речиси неможно да се набројат, а едни од најпопуларните се слабеење, здрава исхрана, младешки изглед и виталност, градење самодоверба, љубов кон себе, финансиска успешност, а присутни се и други теми.
И како што во секое жито има какол, така и во поплавата на наслови кои нудат најразлични формули на успех и мотивациски пораки не е злато сè што сјае. Ако се прашувате како да го препознаете она што не чини, за почеток избегнувајте ги т.н. автори кои ви нудат разни решенија преку ноќ, чудотворни еликсири и морални поуки кои не се со согласност со вашата културна и духовна средина или ставови.
Патот по кој поретко се оди
Еден од апсолутните класици со кој никако не можете да погрешите во изборот е психолошката книга Патот по кој поретко се оди од Скот Пек напишана 1978 година, преведена на над 20 јазици, продадена во повеќе од 7 милиони примероци и повеќе од деценија се наоѓа на листата на бестселери на Њујорк тајмс. Животот е тежок, долготраен пат на духовно созревање, вели Пек на почетокот од оваа книга, која на читателот му помага да ја разликува зависноста од љубовта, да го открие сопствениот идентитет и да стане почувствителен родител.
Како да се здобијат пријатели
Бројни корисни совети на тема воспоставување и одржување успешна комуникација, тема се на книгата Како да се здобијат пријатели. Продадена е во над 16 милиони премероци ширум светот и се смета за добар водич за напредување, како на деловен, така и на приватен план. Ја напишал Дејл Карнеги, познат на читателската публика и по делата Психологија на успехот и Како да се заборават грижите и да се најде задоволство во животот.
Среќата не зависи од тоа кој сте и што имате, туку првенствено од тоа како размислувате. Затоа, започнете го денот размислувајќи за нештата поради кои би требало да сте благодарни, порачува Карнеги и објаснува: За разлика од ласкањето, афирмацијата подразбира некого точно да го процениме за да почувствуваме што треба да се афирмира, доволно да го запознаеме за да сфатиме што навистина му е важно. Карнеги нè учи дека во комуникацијата не постои неутрална размена и вели дека по разговорот луѓето се чувствуваат или малку подобро или малку полошо, а најдобрите меѓу нас ги оставаат другите во малку подобро расположение.
Помош од стручњаците
Иако книгите за самопомош опфаќаат најширок спектар на животни теми, нудат рецепти и стратегии за решавање на проблемите, мотивациски пораки, па дури и приказни како некој друг успеал да реши животен проблем во кој сме заглавени, тие не се секогаш доволни за да излеземе од психолошката состојба во која не се чувствуваме добро, туку е потребна и помош од стручњаци. Пократкиот начин на работата на себе, како добри совети од книги, не функционираат секогаш, често и поради тоа што не сме подготвени на промени. Токму во тоа ни помагаат психолозите и терапевтите, да бидеме подготвени да се менуваме, да работиме на себе и да ги разбереме своите проблеми. Тие се и добри советници за избор на книги кои на тој пат може да ни помогнат.
Индустрија на самоподобрување
Формулите за успех и самопомош се нарекуваат и индустрија за самоподобрување, бидејќи покрај книгите и аудиовизуелните изданија вклучуваат и придружни семинари, презентации, тренинзи и советувања. Само во САД оваа нова индустриска гранка вреди околу дваесет милијарди долари на годишно ниво.