Фармацевти
Контакт

<< Назад

Билјард

декември 1, 2017

Популарна игра за сите возрастиМирко Миловановиќ

Низ историјата билјард играле разни владетели, цареви и кралеви, Шекспир го споменувал во своите дела, го сакале Моцарт, Марк Твен, Чарлс Дикенс, Линколн и други славни личности, а планетарно е популарен и меѓу обичните луѓе ширум светот

Историјата на билјардот е долга многу векови. За неговата популарност сведочи и легендата дека шкотската кралица Марија Стјуарт (1542-1587), за која германскиот поет Фридрих Шилер ја напишал истоимената драма, побарала, кога ќе умре, нејзиното тело да биде замотано во чојата од нејзината маса за билјард. Билјард сакал и Шекспир кој оваа игра ја спомнувал во своите дела, а го фасцинирал и Моцарт, Абрахам Линколн, Наполеон, Луј XIV, Марија Антоанета, Марк Твен и многу други историски личности.

Билјардот го сакаат и обичните луѓе. Огромен е бројот на клубови, ресторани и забавни објекти во целиот свет кои се опремени со маси за билјард. Исто така, за популарноста на билјардот сведочат и многубројни компјутерски игри на оваа тема (Billiard Blitz, Blueprint Billiards, Billiards Master Pro и други), а љубителите на играта  можат да бираат дали на екранот на својот компјутер ќе играат сами, „против компјутерот“, или со некоја личност.

Историја и варијации

Кога станува збор за билјардот, за најмоќни земји во светот се сметаат Британија, Франција, САД и Русија. Постојат и различни верзии на играње, па така во Русија популарен е „американски билјард“, а во САД се игра и „карамбол“, „снукер“, односно „руска пирамида“.

 

Пред шест века, билјард во Европа се играл на едноставно оградена дрвена маса, а единствена цел била топчињата да не паднат на под и да останат на масата. Се играло со две топчиња, а постоеле и т.н „прстени“ или „обрачи“, низ кои требало да се „избуткаат“ топчињата. Во 18 век обрачите и прстените исчезнуваат, а останува маса со дупки и топчиња. Интересно е дека за многу информации за билјардот од минатите векови, всушност, можеме да им заблагодариме на сочуваните белешки за оваа игра која била популарна во кралските и царски дворци. Наводно, и Карло IV играл билјард во Бартоломејската ноќ.

Докажувањето меѓу Французите и Британците на тема „каде прво се играл билјард“ и понатаму е присутно. Така, Англичаните за аргумент го користат потеклото на зборот ball-jard, што може да се преведе како „топче-палка“. Французите велат дека кај нив за прв пат се објавени пишани правила за оваа игра во 1674 година, а општо познато е дека билјардот бил омилена кралска игра на дворот на разните Луевци, посебно Луј XIV. Тој се сметал за голем мајстор на оваа вештина, иако постојат и легенди за тоа како другите играчи, всушност, го оставале да победи, бидејќи бил владетел.

Во Русија билјардот станал познат за време на Петар I, кога се играл како на дворот така и на многу јавни места. Историчарите на овој спорт велат дека билјардот најдоцна стигнал во САД, дури во 18 век. На почетокот се играл на маси долги четири метри, со четири топчиња. Речиси во исто време, околу 1850 година, објавени се книги за правила во билјардот и во Русија и во Америка. Истата година во Детроит се игра прв турнир, а наградата за победникот изнесувала 15000 долари, што за тоа време биле огромни пари. Во тоа време почнува и производство на опрема за билјард, по која во модерното време најпозната е компанијата Brunswick Billiards.

Цел на играта и опрема

Билјард е игра која и денес се игра на специјализирана маса, така што топчињата (чиј број варира од типот на играта), се удираат со врвот на стапот со цел да удрат во друго топче, да се одбијат и да го турнат да влезе во дупката. Задолжителна опрема е маса за билјард, стапови и топчиња, иако постои и помошна опрема како што се „долг стап“, „печурки“ и сл. Должината на стапот обично е 150 мм, едниот крај му е подебел и треба добро да лежи во рака, а другиот крај е потенок и со него се удира топчето. Секој играч веднаш учи дека правило е стапот да се држи помеѓу палецот и показалецот. Антикварните топчиња обично се направени од слонова коска, додека модерните се прават од специјална пластична маса, со додаток на метал во средината, за да бидат потешки. Секогаш по завршување на играта топчињата се ставаат во специјализирана кутија, која ги штити од атмосферски влијанија. Масата за билјард обично се прави од даб или некое друго благородно дрво, додека во аглите има дупки, како и на средината на подолгите страни.  Односот на должина и ширина на масата треба да биде 2:1. Површината му е покриена со зелена чоја која мора да биде беспрекорна. Натпреварувањето во билјард може да се одвива помеѓу двајца играчи, а може да се игра и во парови.

Билјардот е друштвена игра која ја развива социјализацијата, натпреварувачкиот дух, но и моториката, концентрацијата и рефлексите. Можат да ја играат луѓе од сите возрасти, а правилата лесно се учат. Дури и кога не ги познавате играчите со кои влегувате во игра или не го зборувате нивниот јазик, билјардот ќе ја развие вашата комуникација, затоа што тоа е „јазик“ кој го препознаваат сите љубители на оваа игра на планетава.

Карамбол

Карамбол се игра со три топчиња ‒ бело, жолто и црвено. Партиите траат додека не се оствари 101 поен. Карамбол со „печурка“ се игра така што печурката ќе се стави на средината на масата, што ја отежнува играта. Може да се игра и карамбол со повеќе печурки на маса, што го прави натпреварувањето уште покомплицирано.

Снукер и билјард

Масата за снукер има димензии 3,66 Х 1,83 м, а масата за билјард  2,54 Х 1,27м. За снукер се користат дваесет и две топчиња (петнаесет црвени, плус жолто, зелено, кафено, сино, розе, црно и бело), додека во билјард се користат помеѓу 10 и 16 топчиња во зависност од видот на игра („осумка“, „деветка“, „десетка“). Победник во снукер е оној кој ќе освои најмногу поени, додека во билјардот нема поени, така што победник е оној кој ќе го уфрли црното топче.

Еден од најдобрите играчи на снукер на сите времиња е Рони О’Саливен, познат и по тоа што личните проблеми со депресија ги победил со ‒ трчање. Овој четирикратен светски првак тврди дека трчањето и денес му помага да биде во топ форма. О’Саливен првиот трофеј го освоил на 17-годишна возраст (1993), но проблемите со депресијата го натерале на првенството на Велика Британија 2006 година да го напушти мечот, па во таа прилика е казнет со одземање 900 бода и морал да плати 20000 фунти.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>