Фармацевти
Контакт

<< Назад

Блејзер

септември 28, 2016

Женствен, заводлив и удобенМарија Јоксимовиќ

Постојат работи кои никогаш не излегуваат од мода, како што се фармерки, бела блуза и Шанел сако, кој претставува еден од симболите на стил, рекол славниот Карл Лагерфелд, германски моден дизајнер и уметник кој живее во Париз и тврди дека модата, а не фудбалот е најважна споредна работа на светот

Иако првично креиран само за мажи како поопуштена верзија на сако кое лежерно се носи со панталони од друг материјал, дезен и боја, блејзерот многу брзо ги освои срцата и влезе во гардеробата на жената како неизбежно парче облека кое мора да се има, нешто како салонки и мал црн фустан.

На жените им го „подарила“ револуционерната модна креаторка Коко Шанел уште во 20-тите години од минатиот век, потресувајќи ја модната сцена со креации кои се инспирирани од машка облека. Така е родено прочуеното сако од твид, комбинирано со памук, свила и волна и оттогаш е евергрин на женската гардероба зашто прилега на сè и може да се носи во секое време од денот и ноќта, без разлика на модните трендови. Го носат и млади девојки и дами во зрели години, со кратки и долги, широки и тесни здолништа и фустани, како и со панталони од сите облици и должини, со накит или без него, со ешарпи и марами ноншалантно врзани околу вратот или префрлени како шал, во комбинација со чевли на висока потпетица, но и со салонки, сандали со отворени или затворени прсти и пети, како и чизми.

Модните аналитичари се согласуваат дека во блејзер секоја жена изгледа беспрекорно, женствено и многу шик, како и дека ова совршено парче гардероба ја разрешува вечната дилема што да се облече, зашто со блејзер просто не може да се згреши.

Култното црно сако Коко Шанел, удобно и едноставно, покрај блејзер од твид, исто така, е избор кој е добар за секоја прилика, како за работни така и за опуштени варијанти, кога се носи со џинс и лелеави фустани. Во почетокот резервирано само за елита, ова прекрасно сако Коко Шанел денес живее сто животи, зашто различни верзии од ова парче гардероба прават и брендови кои не се претерано скапи, како H&M, Манго и Зара.

Одличен за работа
Велат дека славната Коко Шанел најмногу сакала да работи облечена во сако, па ништо необично што модните советници го предлагаат како совршено за работа. Еднобоен блејзер одлично може да се комбинира со кошули со различни бои и дезени, но и обични маици, па жената која го носи секогаш изгледа поинаку, но секогаш ненаметливо и елегантно.

Изворниот блејзер Коко Шанел без јака го истакнувал вратот и имал потреба од накит. Го прославиле модните икони од 20-тиот век Џеки Кенеди, Одри Хепберн и Грејс Кели. Во 70-тите години го носеле и Бјанка Џегер и Дајана Китон, а го обожавале и филмските костимографи, особено кога имале задача со облека да го истакнат карактерот на жената со стил.

Во меѓувреме, креаторите ги лансирале и многубројните верзии со најразлични решенија за ревери, а изборот е толкав што секој може да избере она што најмногу му одговара. Ралф Лорен, на пр., бил инспириран од строги школски униформи, додека Ив Сен Лоран повеќе се наслонувал кон префинета женственост. Дали ќе се одлучите за блејзер со рамен крој или струкиран, пократок или подолг, е личен афинитет.

Неформален и универзален
И според модните трендови за 2016/17 година блејзерот е неизоставен, без разлика дали е класичен црн смокинг, или „navy“ од тантела, со циркони, исечен во половината, сошиен од материјал кој потсетува на излетничко ќебе или од свила, штиркан, со качулка, без ревери, на закопчување или врзување со лентички.

Со најразлични кроеви, бои и дезени, блејзерите како да се сè поубави, поинтересни и поинспиративни. Ни практичната страна на блејзерот никогаш не му била оспорена. Во пролет и есен тој глуми јакна, во лето е воздушест, од памук, свила или тантела, во зима се носи под капут, а по дожд под мантил. Помалку е формален од сако, блејзерот е поелегантен од обична јакна и толку универзален што во него можете и да се омажите по највисоките стандарди на висока мода, секако, ако одберете верзија од бел сатен и свила.

Машка мода на 20 век
1920:
Во мода е фрак со штиркана бела кошула, полесно се пробиваат поопуштени варијанти на одела.

1930: Сакото има прерамки за да се нагласат рамениците и торзото, почнуваат да се носат блејзери со необични бои, како зелена и боја на тутун.

1950: Се носат и сакоа со кадифени јаки и блејзери со пинк кошули.

1960: Најхрабрите облекуваат шарени сакоа и во силни бои, останатите се приклонуваат на класични варијанти во кои царуваат сите нијанси на сива.

1980: Се носи сè, а многу е популарно коженото сако во комбинација со маица со кратки ракави или кошула.

Парче историја и парче уметност
Во втората половина од 19 век жените носеле горни делови на облека од машки тип, како жакет и реденгот, но овие парчиња облека просто се изгубиле од вид затоа што госпоѓите во тоа време изгледале потполно „тапацирано“, носејќи неверојатна количина драперија, плус кринолин, како и огромна количина на ткаенина која служела само за украс и го зголемувала телото од половината надолу.

Неколку децении подоцна Коко Шанел дефинитивно ги ослободила жените од вишок украси, па и жакетот дошол до полн израз во својата едноставност. Денес, во 21 век не се вели случајно дека ако во својот орман имате некое сако, блејзер, жакет, имате повеќе работи, но и „парче историја и парче уметност“.

Од кога е измислена, оваа „јакничка“ Коко Шанел не е многу променета, таа има тркалезен отвор околу вратот, нема јака, ивиците се обрабени со гајтан или сечени така да се добијат реси. Во оваа класична варијанта се шие од волнен материјал и има златни копчиња слични на оние на воените униформи.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>