Речиси исти, а прекрасно различнид-р Радмила Косиќ
педијатар
Од првиот ден размислувајте за тоа дека вашите близнаци се потполно различни индивидуи кои ќе ги поврзуваат невидливите нишки од заедничкото раѓање цел живот, а дека ваша задача е да ги осамостоите во различноста како единствени личности
Постојат два вида близнаци. Еднојајчани близнаци настануваат кога една веќе оплодена јајце-клетка ќе се подели на два идентични дела и секој дел понатаму ќе се развива самостојно. Тогаш се раѓаат две деца кои имаат ист пол и имаат идентичен генетски материјал. Двојајчани близнаци настануваат од две одвоени поединечно оплодени јајце-клетки. Можат да бидат од ист или од различен пол, а генетскиот материјал им е сличен колку и кај кој било пар браќа и сестри.
Веројатноста за раѓање близнаци е поголема во некои семејства, а значително почесто се раѓаат двојајчани близнаци. Современите методи за стимулација на овулација и вонтелесно оплодување имаат за резултат истовремено создавање повеќе ембриони, па и близначката бременост и породувања се многу почести. Трудницата која носи близнаци е под будно око на лекар и таквата бременост секогаш се смета за ризична. Таквите бремености често завршуваат со предвремено породување или со планиран царски рез.
Сознанието дека ќе се родат близнаци секогаш предизвикува различни чувства. Двојната радост поради новите членови на семејството се меша со стравот од исцрпувачките обврски кои ве очекуваат. Негата и одгледувањето близнаци не се само просто дуплирање на обврските и радоста, тоа е потполна различна должност која ќе ја бара сета расположлива интелигенција, трпение, сила и издржливост.
Почнете со подготовките навреме со купување дупли работи, обезбедете и прифатете помош од останатите членови на семејството, поврзете се со мајките кои веќе имаат искуство со близнаците. Првиот месец во кој ќе се навикнувате на нови околности брзо поминува. Пред вас останува важна задача за живот да подготвите две нови суштества, така слични и така прекрасно различни.
Негата на новородените близнаци во текот на првата година не се разликува од негата на другите деца. Ретко сретнуваме мајка која успева успешно да ги дои двете деца, за среќа, постојат адаптирани млечни формули кои обезбедуваат адекватна замена. Приспособете го секојдневниот ритам на хранење, спиење и нега на останатите членови на семејството, но и на карактерот на секој од близнаците. Лакомиот ќе мора прв да биде нахранет, на другиот дозволете му спокојно да ужива во остатокот од млекото. Избањајте го прво она бебе кое нема со плачење и негодување да го вознемири братот или сестрата. Неколку недели ќе бидат доволни да го запознаете карактерот на секој од нив. Воведувањто цврста храна обично е полесно во друштво, љубопитноста во текот на заедничкиот оброк ќе ви ги олесни првите кашички.
Мајките без грешка го разликуваат своето бебе не само по надворешниот изглед туку и по однесувањето. Од првиот ден размислувајте дека тие се потполно различни индивидуи. Невидливите нишки на заедничкото раѓање ќе ги поврзуваат цел живот, а ваша задача е да ги осамостоите во различноста.
МИСЛЕТЕ ЗА СВОИТЕ ДЕЦА КАКО ЗА ЕДИНСТВЕНИ ЛИЧНОСТИ: Тие две деца се случајно родени во исто време. Дури и со идентичен генетски материјал, тие не треба да бидат само другата половина од близначкиот пар. Ако паднете во искушение себеси да си го олесните животот со купување иста облека, размислете дали би сакале вашата сестра секогаш покрај вас да биде во потполно ист фустан, или вашата најдобра другарка баш секогаш да има исти чевли. Понудете им да го изберат и да го бранат својот избор на бои, облици, звуци. Нивна голема среќа е секогаш да имаат друштво за игра, јадење, спиење, но и за кавга и неразбирање. Инсистирањето да изгледаат и да се однесуваат исто затоа што се близнаци нема долго да им биде интересно и може подоцна да има за последица изразена потреба за бегство од близначкиот пар.
РОДИТЕЛИ НА БЛИЗНАЦИ: Често имаат грижа на совест зашто имаат помалку или повеќе разбирање за едно дете. Ќе признаете дека е многу полесно да се помине ден со дете кое со задоволство зема здрави оброци, ќе спие цела ноќ, задоволно гуга играјќи си само во креветот, додека другиот близнак (а очекувате да бидат исти!) плаче кога ќе дојде времето за бањање и спиење и најголем дел од денот го поминува во вашата прегратка.
Ако се подготвите уште во бременоста да размислувате за две различни деца кои ќе ги родите во исто време, овие ситуации ќе ви бидат природни. Прифатете ги и своите потполно различни емоции во однос на секое дете, зашто родителството е создадено од емотивно земање и давање. Затоа што вашите близнаци се единствени личности секој за себе, нормално е дека во вас ќе се пробудат потполно различни емоции. Во овој вител ќе настанат двајца единствени тинејџери, потоа и две единствени возрасни личности. Тоа е и цел на секое родителство, зарем не?
ОБИДЕТЕ СЕ ДА НЕ ГИ СПОРЕДУВАТЕ! Тие го започнале својот пат во исто време и на исто место, но не мораат да одат во ист правец. Споредувањето и поттикнувањето на меѓусебно натпреварување не е добро ниту за деца кои не се близнаци. Златното правило да се пофали секој успех, а да се забележи неуспех важи и овде. Набљудувајќи го своето дете, родителот ги забележува неговите интересирања и склоности, а тие кај близнаците се разликуваат како и кај останатите браќа и сестри. Совладувањето на училишните задачи и обврските изгледа полесно: седејќи заедно во клупа, ќе си помагаат еден на друг. Проблем може да настане доколку едниот е спортски тип, а другиот, на пример, гениј за математика.
Никој не сака постојано да го споредуваат и однапред да му го одредуваат патот. Поддржете го секој од нив да има право на стил во облекувањето, на свој вид музика, избор на пријатели и место за забава. Децата полесно ќе прават самостојни и единствени избори доколку од нив не очекувате друго. Постојано потсетувајте се себеси дека не би сакале да имате две деца кои исто изгледаат и исто се однесуваат.
БЛИЗНАЦИ КАКО ИГРА НА ПРИРОДАТА: Близнаците ги заинтересирале научниците уште кон крајот на 19 век. Се покажало дека на примерот на еднојајчани близнаци кои се раздвоени по раѓањето може да ги следи важноста и влијанието на надворешната средина на идентичен генетски материјал. И обратно, двојајчани близнаци се две потполно различни лица кои растат во исто опкружување. Различните научни студии утврдиле дека заедничката генетика е нишка која ги обележува животите на близнаците, одредувајќи го нивниот надворешен изглед, интелигенција, способност и склоност. Влијанието на надворешната средина е, исто така, многу важно – исхраната и негата, но и воспитувањето, односот на родителите спрема близнаците ќе го одреди нивниот развој без разлика на генетиката. Дека постои некоја тајна врска помеѓу децата кои се зачнати заедно не е никаква тајна. Да имаш секогаш посебен другар за радост и тага е големо богатство и добра основа за пат во различноста.