Причини и лекувањеНевена Кесер
Пределот на колковите многу е чувствителен и подложен на различни промени, кои најчесто се манифестираат со чувство на болка. Долготрајно седење (канцелариска работа), лежење (поради болест, повреди), стоење (работа на фризер, забар) или повторувачки активности (работа на фабричка лента, интензивен спортски тренинг), може да предизвикаат болка во пределот на колкот.
ПРИЧИНИ: Болката во колкот може да биде предизвикана од многу причини ‒ инфективни, трауматски, остеоартритични, генетски, нервни. Дебелината, недвижењето, но и повторувачки микроповреди кои се јавуваат при тешки физички работи и кај спортисти, исто така, може да предизвикаат проблем со колковите. Проблемите може да се јават веќе во детството, како и во зрелата доба и во староста, па затоа многу е важно да се посети лекар на време, кој ќе ја открие причината и ќе одреди адекватна терапија.
СИМПТОМИ: Знаци кои укажуваат на проблем со колкот може да бидат болка која трае неколку дена, или само ноќе, во текот на одмор. Болките може да бидат проследени со проблеми со одењето, стоењето, станувањето, отоци, покачена телесна температура и треска, црвенило.
БОЛКА И ЖИВОТНА ДОБА: Болката во колкот кај помлади луѓе често е предизвикана од седечкиот начин на живот со минимална физичка активност, но може да биде предизвикана и од интензивна спортска активност и пренапрегање. Во првиот случај помага континуирана рекреативна физичка активност барем три пати во неделата (одење, пливање, групни спортови), додека во случај на пренапрегнување на мускулите се советува мирување, додека кај посериозни повреди, како фрактура на колкот, лекар специјалист ја одредува терапијата.
Кај постари лица причини за болка може да бидат артритис, дискус хернија, ишијас, трохантеричен бурзитис, тендинитис, остеонекроза, скршеница на колкот. Штом пациентот ќе ги забележи првите проблеми (болка во колкот или препоните при одење или мирување, ограничена подвижност), важно е да се јави во надлежна здравствена установа, каде што ќе биде одредено лекување. Лекувањето може да вклучи лекови против болки, физикална терапија и оперативен зафат.
РИЗИК-ФАКТОРИ: Еден од основните ризик-фактори се годините, односно животната доба, и на тоа не можеме да влијаеме, како ни на генетската предиспозиција. Меѓутоа, во ризик-фактори се вбројуваат и вишок килограми, неадекватна исхрана (сиромашна со витамини и минерали), седечки начин на живот и отсуство на физичка активност, а на тоа можеме да влијаеме.
САМОПОМОШ: Ако имаме болки во колкот важно е одморањето, како и внес на калциум и магнезиум. Кај акутни повреди, првите два дена по траумата за намалување на отокот може да се користи мраз. Кај хронични проблеми за поттикнување на циркулацијата се користат топли облоги. Во некои случаи помага истегнување. Консултација со лекар е задолжителна, како и со физикален терапевт, кој ќе ви одобри и ќе ви покаже одредени вежби.