Фармацевти
Контакт

<< Назад

БОЛНО ДЕТЕ ВО ДОМОТ

декември 1, 2018

Бидете смирени и трпеливи

 

Децата најчесто заболуваат од акутни, краткотрајни болести со лесен тек, кои во најголем број случаи завршуваат со целосно оздравување.

 

Автор д-р Радмила Косиќ

 

Децата се најздравите болни лица – вака најчесто постарите колеги ги храбрат младите лекари кои се плашат да работат со деца. Малото дете не умее да ги опише своите тегоби, додека одбивањето храна и слабото спиење влијаат на лошата општа состојба и, секако, ја отежнуваат процената на тежината на болеста. Дете со исклучително висока температура, изнемоштеност, кое притоа и непрекинато плаче и бара целосна сигурност во родителската прегратка, дава впечаток на сериозно болно лице. Советите на педијатрите и исцрпното објаснување на природата на болеста често не се доволни да ја ублажат вознемиреноста на родителите. Повеќето детски болести доведуваат до минливо нарушување во секојдневната семејна рутина – детето не може да оди во градинка, мајката ќе отсуствува од работа, нема да има време за спортски активности на постарото дете и уште многу нешта ќе се изменат. За среќа, претераната загриженост на родителите опаѓа како што им расте искуството во растењето и воспитувањето на децата. Децата ретко се загрижени за сопственото здравје, дури и тешко хронично болни деца повеќе страдаат поради тоа што го пропуштаат во играта со врсниците, отколку што размислуваат за можниот исход.

 

Негување болно дете

Грижата за болното дете малку се разликува од секојдневната нега на здраво дете. Здрава храна, многу топли напитоци, одмор во текот на денот е сето она што е присутно и тогаш кога топломерот не покажува висока температура. Понудете му ги вообичаените оброци и не ги менувајте воспоставените правила (не го „лекувајте“ лошото расположение и раздразливоста со слатки). Течноста е од големо значење кај проливи и повраќања, висока температура и кашлица. Бистра супа, малку засладен чај и вода детето би требало да ги зема во мали голтки на пет минути. Послабиот апетит е придружник на секоја болест, но неколку дена со оскудни оброци нема да му наштетат. Земањето на препишаните лекови и редовното мерење на температурата не треба да биде предмет на преговарања – ова е ретко правило во воспитувањето на дете од предучилишна возраст од кое не треба да отстапувате.

 

Умерено мирување, адекватно облекување

Децата не сакаат да мируваат во кревет. Ставовите за строго мирување се променети со изостанување од спорт и пропуштање на дружење со врсници во парк. Детето не мора да лежи, може да мирува со омилениот филм, музика, приказна или друштвена игра. Не го претоплувајте. Лесната памучна облека и проветрената соба се одличен сојузник во борбата со високата температура. Болното дете бара друштво, не изолација, затоа не му забранувајте да игра во семејното опкружување. Доброто расположение и заинтересираноста за околината се добар знак во процената колку болеста е сериозна. Доколку детето сака да легне, задолжително измерете му ја температурата и следете ги знаците на влошување на болеста (совет ќе добиете од педијатар). Високо фебрилно дете кое не одбива храна и задоволно се игра секогаш е полесно болно дете од она кое лежи во кревет. Појавата на нови симптоми, поспаност и изнемоштеност, отежнато и забрзано дишење, појава на осип по кожата значи дека детето треба да го однесете на лекар на контрола.

 

Тактики за деновите кога е болно

Негувањето болно дете бара многу трпение и самоконтрола. Не дозволувајте загриженоста да ве доведе до очај. Родителската толеранција ќе се најде на опасен испит по неколку непроспиени ноќи. Целосната промена на рутината за која толку многу сте се бореле од излегување од родилиштето ви се чини како целосен неуспех во воспитувањето. Не треба да се доведете во ситуација кога на детето, во деновите кога е болно, сè ќе му биде дозволено, но, исто така, е неразумно и очекувањето дека ќе носи најразумни одлуки додека му е затнат носот и кашлицата му го прекинува сонот. Искусниот родител ќе направи компромис – дозволете му да биде малку помало од вистинската возраст. Во рамките на тоа почитувајте ги правилата на пристојно однесување како и пред болеста. Со оглед на тоа дека нема да си игра со врсниците, денот без градинка за целото семејство ќе биде многу подолг, па треба да се смислат игри. Соберете ги играчките на кои со месеци не посветува внимание, боенки, пластелин, фломастери, ленти, искинати бисери, крпчиња, сето она што не сте го фрлиле. Во зависност од возраста организирајте целосно нова игра, како што е нижење бисери за роденденот на баба или шиење нови фустани за куклата ‒ ќе го обојат долгото попладне во домот со целосно нови бои.

 

Општи правила на домашното лекување

Да потсетиме на важите правила на домашното лекување за кои не ви е потребен преглед од педијатар. Лековите за намалување на покачена температура се дозираат според килограм телесна тежина (не според возраста!), во исто време се лекови за болка. Ќе му ги олесните тегобите со давање вистинска доза во правилни растојанија. Нема да му пречите на лекарот во поставувањето дијагноза. Давањето течности голтка по голтка на неколку минути, лесна храна и пробиотик се адекватно лекување на секој пролив и повраќање. Многу топли напитоци и растителен сируп за искашлување ќе ви бидат сојузници во борбата против болестите на дишните патишта. Можете многу да направите за малото болно дете без голема грижа и итно одење на дежурен педијатар. Наоружајте се со трпение и искуство на генерации родители кои успешно негувале болни деца во многу полоши услови. Лекарот секогаш ќе ве посоветува и ќе ве охрабри дека правилното негување на болно дете во домашни услови е најбезболен пат до оздравување.

 

 

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>