Фармацевти
Контакт

<< Назад

Бенигна хиперплазија на простатата

март 1, 2018

Терапија од природатаРастителните препарати на база на семки од тиква, африканска слива и тестереста палма, комбинирани со суплементи од цинк и витамини Е и Б6, покажале дека се ефикасни во смирување на хиперплазија на простатата

Душан Гољиќ

м-р по фармација

Бенигната хиперплазија на простатата (БХП) е неканцерозно зголемување на простатата, предизвикано со раст на нови клетки. По својата природа специфична е за мажите и почесто се јавува кај постари лица. Кај мажите на старост помеѓу 31 и 40 години се јавува во 8 насто од случаите, помеѓу 51 и 60 година до 50 насто, а кај постари од 80 години тој процент е уште поголем. Кои се најбитните информации кои треба да се знаат кога е во прашање бенигната хиперплазија на простатата?

СИМПТОМИ: Субјективните и објективните симптоми кои се јавуваат при мокрење се нарекуваат, со едно име, простатизам. Постојат два вида простатизам. Иритативните симптоми опфаќаат ноќно мокрење, неконтролирано мокрење и ургентно мокрење. Опструктивните симптоми се слаб уринарен млаз, испрекинат млаз, мокрење во капки и впечаток на неиспразнетост на мочниот меур. Со оглед на тоа дека присуството на бенигна хиперплазија на простатата значително влијае на квалитетот на живот на пациентот, тераписките пристапи постојано се унапредуваат.

ЛЕКУВАЊЕ: Лекувањето на БХП може да биде медикаментозно и оперативно. Само 10 насто од пациентите го задоволуваат критериумот за операција, па повеќето се лекуваат со неинвазивна терапија. Лековите за простата може да се поделат во две групи: хормонски (финастерид, дутастерид) и нехормонски (доксазосин, теразосин). Се применуваат и антибиотици, доколку БХП е поврзана со воспалителен процес. Лековите се земаат со години, а секое пропуштање на дозата на лекот може да ги влоши симптомите.

Покрај терапијата е потребно да се почитува хигиено-диететскиот режим кој подразбира умерен начин на живот и исхрана. Не се советува консумирање големи количини течности, солена и зачинета храна, ниту долготрајно седење и лежење, како и голем физички напор при работа.

РАСТИТЕЛНИ ПРЕПАРАТИ: Во аптеките постојат низа препарати на растителна база кои се покажале ефикасни како самостојна терапија или поддршка на конвенционалната терапија на лекови. Меѓу нив  по ефикасност се истакнуваат препаратите на база на семки од тиква, африканска слива и тестереста палма, кои содржат безбедни, растителни стероиди, кои го намалуваат врзувањето на метаболитите на тестостерон во простатата и ја намалуваат хиперплазијата. Земањето суплементи на цинк, витамини Е и Б6 дополнително ја подобрува метаболистичката активност на простатата, со време олеснувајќи ги иритативните симптоми на БХП.

Растителните производи се ефикасни во намалување на зачестеноста на симптомите на БХП, а покрај споменатите растенија често содржат и умерени диуретици како што се коприва, коњско опавче, брусница или лист од магдонос, кои ја подобруваат нормалната функција на мокрењето. Овие производи со диуретици никако не треба да се консумираат во текот на вечерните часови, за да се избегне ноќно мокрење.

Со оглед на тоа дека функцијата на простатата е поврзана со еректилната функција на мажите, препаратите кои лекуваат БХП можат директно да доведат до зголемено либидо и еректилна функција. За секоја состојка на овие препарати, како и за нивната употреба, потребно е  да се консултирате со вашиот фармацевт.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>