Фармацевти
Контакт

<< Назад

БОСИЛЕК

мај 1, 2018

Зачин и лек

Aвтор: проф. д-р Радиша Јанчиќ

Ароматичниот босилек е нараскинливо поврзан со бројни народни верувања и обичаи. Првата пишана трага за оваа билка е стара околку четири милениуми, и потекнува од стариот Египет. Римјаните, исто така, имале големо почитување за него, и верувале дека симболизира љубов и верност.

Ocimum basilicum L. - босилек

(фамилија усноцветни – Lamiaceae)

Своето потекло босилекот најверојатно го има од Индија, откаде, како билка која се одгледувала, се раширил по медитеранските земји уште во античко време. Во земјата на потекло е сметан за симбол на добредојде, а се применува и во ајурведската медицина. Името на оваа билка потекнува од грчкиот збор „баселиус“, која значи „крал“. Се работи за едногодишна билка, со карактеристичен пријатен мирис. Има разгрането голо стебленце високо од 20 до 45 см, со мирис на балсам. Листовите се ромбоидни, со цел или назабен раб, сместени на дршка. Брактеите се многу помали од листовите, зелјести се и често имаат црвеникава боја.

На кратките цветни дршки се наоѓаат цветови, кои се по шест наредени во прешлени приближени на врвот на стебленцето. Чашката е јајцевидна, двоусна, зелена. Цветното венче е црвеникаво или бело; горната усна е широка и тупа, поделена во 4 резени, додека долната е подолга, испапчена. Плодот е со јацевиден облик, со темна боја. Босилекот цвета во период од јуни до октомври.

Изданоците во цвет (Basilici herba) се сечат и сушат во тенок слој. Исто така, може да се врзат и да се остават закачени на места со провев, додека не се исушат. Хербата содржи до 0,45 % етерично масло, танини, флавоноиди, сапонини и други активни материи. Покрај горниот дел од билката во цвет, во фармацијата се употребува и етеричното масло од оваа билка.

Етеричното масло содржи метилхавикол, линалол, пинен, оцимен и поседува антисептична и антхелминтична активност, па се користи против некои цревни паразити. Се употребува и во парфимериската и козметичката индустрија.

Низ историјата, па сè до денешни дни, оваа билка е составен дел на обредните ритуали. Во медицинска употреба може да биде користена како средство за смирување, за регулирање на менструацијата, против подување и тегоби во органите за варење. Исто така, се користи и како чај кој се пие по јадење. Иако босилекот поседува одредени лековити својства, неговата примена денес е почеста во секојдневната кујна.

Свежите листови од босилек се многу ароматични, горлчиви, лути, дејствуваат освежително. Се додаваат на салати, чорби, варива, риби, месо, сирење и маринади. Особено е популарен како додаток на сок од домат.

Босилекот е една од клучните состојки за подготовка на песто сос, со пињоли и пармезан. Италијанците свежите листови од босилек често ги комбинираат со моцарела и домат, со неизбежното маслиново масло.

За да се сочува аромата во текот на зима, се препорачува свежи листови да се стават во фин вински оцет. Шишето со оцет и листови босилек би требало да стои на сонце околу еден месец, покриено со крпа, потоа содржината се цеди и се става во масло.

Во текот на лето саксии со засаден босилек красат многу прозорци, а се верува и дека неговиот мирис ги одбива комарците.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>