Фармацевти
Контакт

<< Назад

БРЧКИ ОКОЛУ ОЧИТЕ

ноември 1, 2018

Решенија од природната ризница

 

Се појавуваат ненадејно, а ако не реагираме на време, стануваат сè поизразени. Сепак, не е сè толку страшно, затоа што, за среќа, постојат природни начини за борба против брчките.

 

Автор: Весна Марковиќ

 

Кожата околу очите е најтенкиот и најчувствителниот дел од кожата на лицето. Поради тоа е и најподложна на негативни влијанија кои водат до губење на нејзината еластичност и свежина. Иако појавата на брчки на лицето обично ја сметаме за еден од сигурните знаци за влегување во позрел период од животот, брчките околу очите можат да се појават и во раната младост.

 

Причини за појава на брчки

Наследниот фактор има одредена улога која, секако, не можеме да ја занемариме. Меѓутоа, добар дел од одговорноста за појавата на брчки околу очите припаѓа на неправилната нега и неодговорниот однос кон овој дел на лицето. Факторите кои директно влијаат на појава на брчки околу очите се: изложување на сончева светлина без примена на препарати со заштитен фактор, често користење на јака и тешка шминка, неотстранување на шминката пред спиење, миење на лицето со агресивни средства (обично сапунот припаѓа на оваа категорија), недоволна хидратација на организмот, неправилна исхрана, недостиг на сон и изложеност на чадот од цигари (активно и пасивно пушење). Напнатоста и стресот како придружна манифестација обично ја имаат намуртеноста, така што и ова е една од причините за појава на брчки. Иако понекогаш ги викаат и „брчки од смеење“, тоа не значи дека не би требало што почесто да се смееме. Смеењето е лек и сигурно нема да ја влоши ситуацијата. Еве и неколку рецепти за природни маски кои можете сами да ги подготвите дома.

 

Банани и путер

Стопете една лажица путер на собна температура и добро измешајте со една лажица згмечени банани. Со врвовите на прстите нежно натапкајте на кожата околу очите. Оставете да дејствува дваесетина минути, потоа измијте со млака вода.

 

Ленено семе

Една супена лажица ленено семе прелијте со пола шолја вода. Варете додека не се направи густа смеса. Процедете и оставете да се излади. Изладената смеса нанесете ја на пределот околу очите и оставете да дејствува 25 минути. Потоа измијте, прво со млака, а потоа и со ладна вода.

 

Благотворната краставица

Ситно изрендајте свежа краставица и процедете ја. Во добиениот сок натопете парчиња газа или вата и ставете ги на очите. Оставете да дејствува петнаесетина минути, потоа измијте со вода. Поедноставна варијанта од овој рецепт подразбира тенко сечени парчиња краставица да ставите директно на очите.

 

Масло од семки од грозје

Ова масло е богато со антиоксиданти кои помагаат во задржување на колагенот. Покрај тоа, маслото дополнително ја храни кожата и ѝ ја обезбедува потребната влажност. Нанесете го на чиста кожа со нежни движења и оставете да дејствува дваесетина минути, потоа измијте.

 

Жолчка и мед

Помешајте една лажица мед со една жолчка, лажичка маслиново масло, лажичка павлака и две лажички топло млеко. Хомогенизираната смеса нанесете ја на кожата околу очите и оставете да дејствува петнаесетина минути. Потоа отстранете ја маската со помош на вата натопена во топло млеко.

 

Авокадо и кокосово масло

Лажичка згмечено авокадо помешајте со лажичка ладно цедено кокосово масло. Смесата нежно натапкајте ја на пределот околу очите и оставете да дејствува петнаесетина минути. Потоа измијте и намачкајте кокосово масло како крем.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>