Фармацевти
Контакт

<< Назад

БРЕМЕНОСТ

септември 1, 2019

Совети за здрава бременост

 

Бременоста претставува физиолошка, но и друга состојба кај жената. Овој дуален пристап најдобро ги согледува аспектите на здрава бременост.

 

Автор д-р марија лазаревиќ-шунтов

Спец. По гинекологија и акушерство

 

Најкратко кажано, бременоста е природен процес кој започнува со всадување на оплодени јајце-клетки на соодветно место во матката и завршува со породување. Трае 40 недели од денот на последната менструација или 10 лунарни месеци. Бременоста ја следат големи промени на сите системски органи, како на физички, така и на хормонски и на емоционален план. Сите овие промени по правило се привремени. Волуменот на шуплината на матката просечно изнесува помалку од 10 мл, додека во бременоста таа се зголемува и се менува за да го прифати плодот,  постелката и плодовата вода и достигнува вредност од околу 5 литри и повеќе. Циркулаторниот систем се менува во смисла на постепено зголемување на волуменот на крв за 50 %, овозможувајќи на тој начин сигурна прехрана на плодот, како и адекватна подготовка на телото за крвавење при породување. Кај приближно 90 % од жените на кожата се јавуваат пигментни (кафени) дамки на лицето и вратот, наречени chloasma gravidarum во средната линија на стомакот (linea nigra), како и потемно обоена кожа на брадавиците и гениталниот предел. Кожата на стомакот, дојките и бутините постепено се растегнува, што понекогаш создава т.н. стрии. Зглобовите на карлицата стануваат поподвижни под хормонското влијание, на тој начин подготвувајќи го породилниот канал за поминување на бебето, а ’рбетот и рамењата на трудницата под товар се извиваат, притискајќи ги нервите на рацете, па често се јавува чувство на слабост, трнење и болки во горните екстремитети.

 

Унапредување на здравјето на мајката е директно вложување во здравјето на идното дете

Планирањето на бременоста е вистински момент да се воведат здрави навики во исхраната и да се започне редовно вежбање, ако тие навики не се веќе воведени пред бременоста. Губењето прекумерни килограми, како и регулацијата на метаболизмот со вежбање и правилна исхрана може да придонесе за побрзо забременување и подоцнежен успешен тек на бременоста. Посетата на гинеколог е важна поради комплетен преглед, пап тест, брисеви, прегледи на дојките и дополнителни совети. Фолна киселина од 400 mcg еднаш дневно во подолг временски период се препорачува како превенција на аномалија на нервните цевки. Ова, исто така, е вистински момент за посета на стоматолог. Цигарите и алкохолот докажано имаат штетно влијание во бременоста и треба да се прекине со нивно консумирање. Денешната наука тврди дека генетскиот код на плодот ги памти сите неповолни влијанија кои ги претрпел во матката и врз база на кои може да доведе до развој на некои болести и состојби кај детето, а подоцна и кај возрасниот човек. Затоа е пожелно во бременоста да се влезе со оптимално здравје, а во текот на бременоста да се продолжи со здрав животен стил.

 

Почеток на бременоста

Изостанокот на менструација е најчест симптом со кој се огласува бременоста. Најпрактично е да се направи комерцијален тест на урината кој може да се купи во секоја аптека (две розеви црти ја потврдуваат бременоста). При првиот преглед гинекологот ќе утврди дали плодот е на вистинското место, ќе ја установи неговата виталност и ќе ја предочи на трудницата понатамошната динамика на различни тестови и прегледи, одредени со протоколите на фето-матерналната медицина, кои се планираат во понатамошното следење на бременоста. Во првиот триместар често се присутни мачнина, губење апетит, како и умор. Потребно е да се јаде количински помалку и полесна храна, но затоа оброците да се почести и лесно да се хидрира организмот со мали количини вода. Да се избегнуваат слатки и индустриски сокови. Ова е период во кој се одвива органогенезата т.е. формирање на сите органи на бебешкото тело, па лекови не треба да се земаат без консултација со гинеколог. Не се препорачува ни боење на косата во овој период. Треба да се бираат техники  каде бојата не доаѓа во контакт со кожата на главата. Правилно дозирана физичка активност е многу важен елемент на здравата бременост.

 

Видливи промени, подгответе се на време

Во вториот триместар најчесто мачнините поминуваат и настапува најлесниот период од бременоста. Стомакот, иако видно забележителен, сè уште овозможува добра подвижност. Во овој период се уочува значајно преобликување на телото, пораст на дојките, па ова е момент за купување удобна памучна долна облека, градници кои се приспособени и за подоцнежно доење, како и облека и обувки посебно дизајнирани за бремени во кои може убаво да се изгледа и слободно да се движи бремената жена. Од 24 недела на бременоста гинекологот предлага пристапување кон психофизички подготовки за породување. Оваа програма е многу важна за стекнување знаења и вештини за да се препознае секоја фаза од нормалното породување и во нив активно и успешно да се учествува. Обично тогаш расте и апетитот, па важно е да се напомене дека е неточно верувањето дека во бременоста мора да се јаде за двајца. Потребите само незначително се зголемуваат за околу 300 kcal, сликовито тоа е уште една порција сладолед или еден сендвич со туна. Пожелно е да се јадат три оброци со леб и пецива од цело зрно, свеж зеленчук, немасни меса, риба, млеко и млечни производи и две ужини кога е време за свежо овошје. Оброците да не се прескокнуваат, посебно не појадокот, а гладувањето штетно дејствува на плодот. Кафето е дозволено во бременоста, но не повеќе од 2 до 3 шолји дневно. За нормален пораст на телесната маса во бременоста се смета добивање 11-15 кг. Сексуалните односи во бременоста не се забранети под услов таа да е со уреден тек.

Антрфиле

Бременоста се ближи кон крајот

Третиот триместар е само финале на бременоста, често проследено со нешто потешка подвижност, жиговина (се препорачуваат помалку обилни оброци, повеќе течности и грицкање бадеми), хемороиди (варењето на храната се регулира со рехидратација и зголемен внес на храна богата со влакна), оток на нозете (препорака е да се избегнува седење и стоење, наместо тоа да се оди и да се лежи со малку подигнати нозе и да се намали внесот на сол). Ова, исто така, е период кога семејството се подготвува за доаѓање на новиот член. Без оглед на тоа какви тегоби може да се јават во бременоста и со кој интензитет се, сепак, се минливи. На жената ѝ носат нови искуства, сознанија за сопственото тело и неговата скриена сила, нов поглед на светот во најубавата главна улога на светот, улогата на мајка.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>