Фармацевти
Контакт

<< Назад

Бунда

февруари 1, 2017

Контроверзен моден гламурМарија Јоксимовиќ

Со години напаѓани како неетичко парче облека, бундите повторно се во мода, било да се од вистинско или вештачко крзно, затоа што греат и изгледаат гламурозно во секоја модна комбинација

Иако денес во светот постојат движења кои го застапуваат ставот дека бундите треба да се исфрлат од употреба и дека никој не треба да носи капути од крзно поради суровоста кон животните, факт е дека станува збор за еден од најстарите парчиња облека бидејќи крзното се користело и во прастари времиња за заштита од студ, а низ историјата често било и статусен симбол, луксуз резервиран за богатите и моќните. Модата на носење бунди била дел од гламурот на 20 век, а многу диви и славни личности се фотографирале во некое ексклузивно крзнено парче, како, на пример, Мерилин Монро, Кетрин Денев, Џеки Кенеди и Елизабет Тејлор. Холивудската мода на минатиот век покрај крзното наложувала и задолжително носење дијаманти, како и свечени тоалети, па со тоа гламурот бил уште поголем.

За шиење само на една бунда од природно крзно се потребни десетина лисици, чинчили, ракуни или видри. Аргументацијата на противниците на убивање животни поради нивното крзно е јасна: годишно повеќе од 55 милиони животни се убиваат само за индустријата на крзно да оствари профит, а љубителите на бунди да ја носат нивната кожа над својата.

Во таа работа најголем извозник е Кина, на која отпаѓа дури 85 насто од светското производство на крзно. Од друга страна, стручњаците велат дека за производство на капут од вештачко крзно е потребно 60 пати помалку енергија отколку за крзнен капут, бидејќи преработката на природно крзно изискува и користење хемикалии кои ја загадуваат атмосферата и подземните води и се загрозува здравјето на луѓето. Многу земји имаат и посебни закони за доброто на животните, извозот, увозот, и дистрибцијата на крзна од заштитени животни, а постои и Fur Free Friday, кога започнува Недела на борба против крзното.

Меѓутоа, без оглед на сите аргументи, со студените денови облеката од крзно станува актуелна, не само како одлична заштита од  ниски температури туку и како моден тренд кој постојано се враќа. Добар пример за тоа колку е тешко да се одолее на носењето бунди е супермоделот Наоми Кембел, која во 90-тите години на минатиот век беше активистка на организацијата PETA (People for the Ethical Treatment of Animals), за последниве години да ја гледаме во крзнени капути.

Бундите ги сакаат и модните дизајнери, посебно креаторите на висока мода, кои на модните ревии прикажуваат кратки и долги варијанти, задолжително елегантни, гламурозни и многу шик, во природни бои или обоени.

Карл Лагерфелд својата ексклузивна модна ревија за Fendi, на која доминирало крзното, ја нарекол  haute fourrure,  предизвикувајќи гнев кај борците за заштита на животните, но и овации кај публиката, која останала без здив, воодушевена од екстраваганцијата на бундите од скапоцено крзно, како крзно од самур, која ја потпишал славниот дизајнер. Инаку, крзно од самур денес многу тешко се набавува, бидејќи се изработува од редок вид куна која живее само во Сибир, па ништо необично што и цените на бундите од Лагерфелд се исклучително високи, дури неколку стотини илјади евра. И модната куќа Gucci го сака крзното, па оваа сезона лансира екстравагантни црвени бунди, но и торбички од зајачко крзно. Францускиот моден креатор Жан-Пол Готје, исто така, дизајнирал раскошни крзнени бунди, но и шик капути обрабени со крзно од диви мачки.

Од друга страна, модната куќа Miu Miu се определила за пастелни и нежни бои, но и за вештачко крзно, со девизата дека еко материјалите се многу квалитетни и имаат мекост, удобност и топлина на природното крзно, па дамите можат да ги носат без грижа на совест. Бундите од вештачко крзно штитат од студ, изгледаат ултрамодерно и одлично се комбинираат со различни видови облека, од свечени тоалети, до џемпери и фармерки, со високи потпетици, но и со патики.

За сезоната есен-зима 2016/2017 фаворит се еко-модели правени во пачворк техника, но и со животински принт, во апстрактни шари или еднобојни, во широка палета бои, од бела до розева, преку сите нијанси на сина и зелена до црни, сребрени и златни. Или, како што вели директорката на модното списание  Mari Kler:  „Убавината на бундите, вистински или вештачки, е во тоа што носи гламур на што било што носите.“ Слично мисли и модната директорка на магазинот Glamur, која вели: „Ако размислувате да купите нешто шик и топло, тогаш бундата е вистинска работа, или ако размислувате што да носите со фармерки и со фустан, пак одговорот е бунда.“

Како се чува бундата
Едно од основните правила е дека на вистинско крзно никогаш не се ставаат најлонски навлаки, туку платнени за да може бундата да дише.

Бундата се чува на темно место, заштитено од влага, никогаш во близина на волнени парчиња облека. Одвреме-навреме се проветрува, но никогаш не треба да се изложува на директно сонце.

Иако најефикасна заштита од молци е нафталинот, не се препорачува поради специфичниот мирис. Во ормарот во кој се чува бундата може да се стави лаванда, а вреќичките со лаванда треба да се менуваат барем два пати годишно.

Ако бундата ви накисне или се навлажни од дожд или снег, треба да се истресе и природно да се суши на закачалка, но никогаш близу топли радијатори и печки.

Не се препорачува прскање парфеми директно на крзното, како ни носење чанта преку рамо секогаш на исто место, бидејќи крзното ќе се оштети.

Дивите сакаат крзно
Иако Холивуд пред неколку години најави забрана за продажба на крзна, холивудските и светските диви не можат да му одолеат. Скапоцени бунди од вистинско крзно носат Бијонсе, Ким Кардашијан, Кетрин Зита Џонс, Џенифер Лопез, Џоан Риверс, Мери Џеј Блајџ и многу други ѕвезди, па дури и уредничката на Vogue, Ана Винтур.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>