Фармацевти
Контакт

<< Назад

Чадор

ноември 1, 2016

Романтичен, ексцентричен и практиченНекогаш статусен симбол на богатите, а денес корисен додаток достапен на сите, за кој се поврзува и суеверие дека никогаш не треба да се отвора во домот, чадорот доживеа и холивудска слава како важен реквизит на Џин Кели во мјузиклот Да пееме на дождот

Иако првата асоцијација за чадор обично е таа дека станува збор за едноставен, практичен предмет кој нè штити од дожд, факт е дека неговата „постара сестра“  – сонцобран бил со векови неизоставен и заводлив додаток на дамите кој не дозволува отмениот бел тен на госпоѓите случајно да потемни.

Кога би се пишувала неформалната историја на чадорот, во неа, секако, би биле забележани разни чудни чадори и нивната уште почудна употреба. На пример, во популарната американска серија Семејството Кременко (The Flintstones), во продукција на Хана и Барбера, чадорот, всушност, беше тркало од камен ставено на стап. Во класичниот мјузикл Да пееме на дождот (Singing In The Rain) од 1952, Џин Кели пее и шлапка по барички, држејќи го чадорот така импресивно, што таа сцена и денес е една од планетарно најпопуларните. Во антологискиот комичен стрип за Астерикс од 1959, кој и денес се смета за најпопуларен француски стрип на светот (текст Рене Госини, цртеж Албер Удерзо), главните јунаци Астерикс и Обеликс мислат дека Британците носат чадори за небото да не им падне не глава. Исто така, легендата вели дека Никола Тесла, кога бил дете во родниот Смиљан, скокнал од покривот на својата куќа со отворен чадор за да провери дали може да функционира како падобран.

Од друга страна, чадорите имаат и своја мрачна страна. Историјата на најпознатото шпионско оружје вели дека т.н. бугарски чадор бил многу опасна и популарна направа, бидејќи имал пневматски механизам кој со леснотија уфрла куршум со рицинус во жртвата. На тој начин е погоден и бугарскиот писател Георги Марков во 1978 на мостот Ватерло во Лондон. Почувствувајќи остра болка во ногата, Марков наводно погледнал околу себе, но не видел ништо необично, само човек со чадор кој поминува. Умрел три дена подоцна, а бугарскиот чадор како тајно оружје на шпионите влегол во историјата и филмските заплети. Тоа не е сè. Оваа година протестите во Хонг Конг против објавување на контроверзниот недемократски план на Пекинг за избори во 2017 година се наречени „чадор револуција“, бидејќи демонстрантите делеле чадори какао симбол на побуна.

Но не сите чадори се така опасни ни поврзани со политика. Минијатурен коктел чадор  направен од хартија и чепкалки, е незаобиколен естетски детаљ на коктели и десерти. Прв пат е искористен за украсување пијалаци во Сан Франциско 1932 година во ресторанот Трејдер Викс и од тогаш не излегува од мода. Наводно првобитната идеја била да го штити ледот во коктелот од сонце и дожд. Тоа многу брзо се покажало како нефункционално, но затоа естетскиот ефект преживеал.

Суеверие
За чадорите се поврзуваат и различни суеверија, како, на пример, дека никогаш не треба да се отвора во домот, бидејќи тоа носи несреќа. Се претпоставува дека ова суеверие датира од 18 век, од времето на викторијанска Англија, кога чадорите и сонцобраните  биле тешки и големи, па нивното отворање во затворен простор навистина можело да повреди некого. Според друго толкување, ова суеверие настанало за време на раното христијанството, кога некоја жена наводно отворила чадор во мала, трошна куќа, па таа се урнала. Како и да е, верувањето дека чадорот во домот мора да биде склопен бидејќи во спротивно привлекува несреќа се одржало до денес во многу култури во светот.

Статусен симбол
Налик на печурка, украсен со реси, ѕвончиња и бисери, чадорот во минатото во Индија, Кина и Египет бил статусен симбол, но и штител од сонце и дожд. Во древна Персија смееле да го користат само кралевите, за што сведочи и фигура од теракота во облик на раскошна двоколка со сонцобран која ја влечат 4 коња, најдена во гробница од 210 година пред н.е. Прекрасно насликаните и лакирани сонцобрани наводно во Европа ги донеле Грците и Римјаните од Кина и Јапонија, користејќи ги како заштита од дожд, па така го смениле и името и намената.

Во 18 и 19 век чадорите и сонцобраните стануваат статусен симбол на богатите. Во тоа време било незамисливо дама да излегува надвор без овој додаток од тантела и свила, а како тоа изгледало може да се види на сликата „Дамата со сонцобран“ од Клод Моне од 1875 година.

Првиот расклоплив чадор е роден во Англија во 1850 година, така што Хенри Холанд ги смислил челичните жици, а Самјуел Фокс ги унапредил. Според друга верзија, изум е на Жан Маријус во почетокот на 18 век и го нарекол paraplue brise. Во 20 век чадорите влегуваат во широка употреба, поевтини се и достапни, а изумот за индустриски произведен чадор на склопување уште повеќе придонесува за неговата популарност.

Чадор за двајца
На крајот на 20 век полека се губи и професијата поправач на чадори, бидејќи поевтино е да се купи нов отколку да се поправа стар, иако модерните варијанти полесно се кршат и уште полесно се губат. Модерните чадори се прават во разни бои, понекогаш со неверојатни шари, може да бидат целосно проѕирни или со необичен облик, дизајнирани како строги, ексцентрични и романтични, од кои веројатно најинтересен е т.н. чадор за двајца или за вљубени.

Меѓутоа, иако индустриското производство преовладува, сè уште може да се најдат конструктори како Французинот Мишел Ертол, кој има титула мајстор на уметност и чии креации на чадори се продаваат за повеќе илјади евра. Неговата париска работилница на ексклузивни чадори привлекува богати од цел свет, како принцезата од Катар, која својот уникатен чадор го платила 8000 евра. Кој сака да се издвои со единствен чадор, мора кај овој мајстор да плати женски чадор 250 евра, а за машки 490 евра, и тоа се најевтините.

„Чадорите се моја омилена играчка, бев фасциниран со  нив, на чудење на мојата мајка“, вели уметникот и објаснува како ги расклопувал и од два правел еден. Шик работилницата на Ертл специјализирана за чадори се наоѓа во источен Париз, поседува алати стари повеќе од еден век, па ништо необично што го ангажираат костимографи и филмски работници. Тој прави уникатни сонцобрани и чадори за потребите на филмската индустрија, па така направил и сонцобрани за филмската верзија на Пепелашка.

Рефлектирачки чадор
Денес речиси е невозможно да се замисли фотограф кој во студиската работа не користи сребрен рефлектирачки чадор, кој служи светлото да се насочи на објектот на снимање. Овој чадор може да го менува аголот под кој светлото паѓа на објективот, како и интензитетот на светлото по зафатената површина која се снима, па затоа се вели дека служи за манипулација на светлото, мекост (дифузност), насоченост и покривање на површината на снимање.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>