Фармацевти
Контакт

<< Назад

ЧИЧОК

октомври 1, 2017

Благотворен за гастритис и проблеми со кожатаArctium lappa L. – чичок

(фамилија  Asteraceae)

проф. д-р Радиша Јанчиќ

 

Чичокот е една од најважните билки кои ја стимулираат детоксикацијата, а се користи во фитотерапија како на Исток, така и на Запад. Коренот, листовите и семето се употребуваат во лекување акни, исип и модринки, против првут и опаѓање на косата, а благотворни се и како диуретик и диафоретик

 

Чичокот е двогодишна билка со месест вретенест корен. Стеблото е високо 1-2 м, исправено, црвеникаво, а гранчињата се волнести. Приземните листови се многу големи со лиска до 50 см, лисната дршка е над 30 см. Листовите се сè помали кон врвот на стеблото. Цутовите се топчести, 3-3,5 см во пречник. Листовите кои ја обвиткуваат основата  на цутот  (involukrum) се голи, зелени, на врвот со жолтеникави куки со кои целиот цут се закачува за крзното на животните и така се пренесува. Цветното венче е пурпурноцрвено. Плодот е ахенија црна и 6-7 мм долга. При основата на плодот се наоѓаат остри долги влакненца (papus) кои може сериозно да ја оштетат слузокожата на устата или хранопроводот на животното кога ќе ја изеде. Цвета во јули и август, а расте на запуштени места богати со азотни соли, во подрачја со умерена клима ширум Евроазија. Многу е корисна билка и ценета во фитотерапијата, а се употребува коренот, листовите и семето.

 

КОРЕН: Коренот на билката (Lappr radix) содржи инулин, шеќери, слузи и етерични масла, а се вади во есен. Свежо исцеден сок се користи за лекување акни, поткожни чиреви и изгореници. Исушениот корен е благотворен како диуретик  и диафоретик. Мацериран корен од чичок е составен дел од некои козметички шампони. Коренот се користи и како зеленчук во Кина и Јапонија, а некогаш, во средниот век, бил дел од исхраната на Европејците. Денес го употребуваат макробиотичарите.

 

ЛИСТОВИ: Од младите листови се прави чај кој е корисен во лекување гастритис и подуеност, а добро е средство и против разни исипи, чиреви, гнојни рани и ранички во уста. Згмечените листови или декокт од коренот се користи за миење за кожата да се исчисти и освежи.

 

СЕМЕ: Од семето се добива чичково масло кое е многу добар лек против перут и опаѓање на коса. Чичковото масло се добива така што ситно исечкан корен се става во бадемово или маслиново масло.

 

Во народната традиција постоело верување дека кога  запросувачи ќе фрлат чичок на момче „девојката ќе се залепи за него“.

 

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>