Фармацевти
Контакт

<< Назад

ЧИР НА ЖЕЛУДНИК

август 1, 2018

Симптоми и лекување

 

Болка во горниот дел од стомакот и намален апетит се сигурни знаци дека е време да посетите гастроентеролог.

 

Автор д-р Немања Биџиќ

спец. абдоминален хирург, Клинички центар Србија

 

Улкус или чир претставува оштетување во гастроинтестиналната слузокожа настанато како резултат на неможност на епителните клетки да се спротивстават на дејството на хлороводородната киселина и пепсинот присутни во органите за варење. Улцерациите хистолошки се дефинираат како изумрен дел од слузокожата кој продира низ мускулниот слој кон сероза.

Зачестеноста на улкусната болест не може со сигурност да се одреди поради понекогаш нејасни причини и асимптоматски тек на болеста. Мажите почесто заболуваат од жените. Желудочниот улкус почесто се јавува кај постара популација.

 

Етиологија ‒ причини за настанок на чир

На развојот на улкусна болест влијаат етиолошки фактори од генетско потекло и од животната средина. Стресот, алкохолот, лековите против болка и инфекции со бактеријата Helicobacter pylori спаѓаат во фактори на околината кои влијаат на настанок на улкусна болест.

 

‒ Истражувањата покажуваат дека емоционалниот стрес не е доволен за предизвикување улкусна болест, туку само во комбинација со други фактори на околината, нестероидни инфламаторни лекови, инфекција со Helicobacter pylori.

‒ Познато е дека пивото и виното го поттикнуваат излачувањето на хлороводородна киселина.

‒ Пушењето е ризик-фактор за улкусна болест и компликации, неповолно влијае на зараснување на улцерациите, а може да доведе и до враќање на болеста.

‒ Аналгетици, како што се нестероидни антинфламаторни лекови и салицилати, ја оштетуваат гастроинтестиналната мукоза со локални и системски ефекти.

‒ Бројни други лекови предиспонираат пептично оштетување: 5-флуороурацил, блокатори на калциумските канали, таблети со калиум хлорид, антидепресиви и бифосфонати.

‒ Се смета дека присуството на Helicobacter pylori е најраспространета инфекција и дека над 50 насто од постарата популација се инфицирани со неа.

 

Симптоми

Најчест симптом на пептична улкусна болест е болка во горниот дел од стомакот. Започнува често во текот на внесување храна со чувство на притисок или подуеност на стомакот по јадење. Се одликува со периодичност, ритмичност и често повторување. Се јавува во вид на жарење, горење, тиштење, кубење, чувство на тежина, притисок или чувство на глад. Болката не поминува ни по земање храна, туку се засилува. Доаѓа до загуба на телесната тежина и апетитот е намален, бидејќи пациентите избегнуваат да земаат храна поради засилен интензитет на болка. Така болката на желудочниот улкус се разликува од чир на дванаесетпалечно црево (дуоденален улкус). Често се јавува жиговина и ретростернална болка. Мачнина, гадење и повраќање почесто се јавуваат кај дуоденален улкус.

 

Желудочните улкуси често се асимптоматски или нетипични, така што може да имитираат симптоми на иритабилен колон.

Најчеста локализација на улкус на желудник е во хоризонталниот дел на овој орган, многу почесто е на помалата отколку на поголемата кривина. За разлика од улкус на желудник, болките кај дуоденален улкус се манифестираат на празен желудник од час до три часа по оброк. Карактеристична е појава на болки по полноќ, обично пред зора кога болките го будат болниот од сон. По земање храна или лекови болките се намалуваат. Често се јавува мачнина, гадење и повраќање на кисела содржина. Апетитот кај дуоденален улкус е зачуван, а тежината е непроменета.

 

Дијагноза

За откривање на улкус се користат радиографски (бариумско испитување) и ендоскопски методи. Ендоскопија е најсензитивна метода за дијагноза на улкус и таа овозможува директна визуелизација и биопсија на слузницата (укажува на тоа дали е во прашање малигнитет или инфекција со Helicobacter pylori). За докажување инфекција со Helicobacter pylori покрај ендоскопија се користат и неинвазивни тестови: уреаза ‒ тест на дишење, тест за детекција на антигени во изметот и серолошки тест.

Заболувањата кои дијагностички треба да се исклучат се хроничен панкреатитис, карцином на панкреасот, заболувања на билијарниот тракт, неулкусна диспепсија, хијатус хернија, синдром на иритабилен колон. Најважна е диференцијалната дијагноза помеѓу желудочен улкус и улцериформен карцином.

 

Компликации

Компликациите кај улкус се крвавење, перфорација, пенетрација и стеноза. Малигна алтерација може да се јави кај чир на дванаесетпалечно црево. Крвавење е најчеста компликација која се јавува кај 15 насто од пациентите постари од 60 години. Една од водечките причини е зголемена употреба на нестероиди антиинфламаторни лекови (ибупрофен, диклофенак).

 

Терапија

Лекувањето улкусна болест зависи од причините за појава, од тоа дали се работи за иницијален или рекурентен улкус (чир кој повторно се појавил), како и дали постојат дополнителни компликации. Терапијата има за цел отстранување болка, зацелување на улкусот, превенција на рекурентен улкус и намалување на компликациите и се спроведува со строга контрола на лекар.

Фармаколошката терапија се базира на примена на инхибитори на протонската пумпа ‒ омепразол, пантопразол, есомепразол. Се применуваат и блокатори на H2 рецептори. Со цел отстранување на болката овие пациенти треба да земаат парацетамол.

Улкусите отпорни на терапија во траење подолго од 6 месеци се лекуваат хируршки.

 

Helicobacter pylori ‒ главен виновник

Најважна улога во појавата на чир на желудник има инфекција со бактеријата Helicobacter pylori и примена на нестероидни антиинфламаторни лекови. Посебен ризик за појава на улкус претставува комбинација на нестероидни антиинфламаторни лекови и кортикостероиди. Целосно искоренување на Helicobacter pylori бара повеќекратна терапија.

 

Поздрави навики ‒ помал ризик

Нефармаколошките мерки подразбираат намалување на стресот, престанување со пушење, прекинување на примена на нестероидни антиинфламаторни лекови, избегнување лута храна, кофеин и алкохол. Бројот на дневни оброци би требало да биде од 5 до 6, со избегнување доцен вечерен оброк.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>