Фармацевти
Контакт

<< Назад

Чувајте го здравјето

февруари 1, 2017

Важни лекарски прегледи во текот на годинатад-р Алекса Живковиќ

Здравствените проблеми стануваат сè почести со годините, што ни укажува на исклучителната важност на раното откривање на симптомите и знаците на болестите со цел подобрување на квалитетот на животот во иднина, па свеста за важноста на зачувувањето на здравјето и вложувањата во сопственото здравје мора да бидат на највисоко ниво

Се знае дека во зависност од полот и возраста постои одредена склоност кон одделни групи болести. Иако тие различности не се фиксни, често доведуваат до забуни и погрешно сфаќање на пациентите дека не мораат да прават испитувања кои не се однесуваат на нив. Таа неинформираност ја зголемува зачестеноста на заболувањата и сериозноста на напреднатите стадиуми на болести до кои можеби не би дошло ако интеракцијата меѓу пациентот и избраниот лекар е добра и редовна во текот на годината.

Во примарната здравствена заштита (лекар по општа пракса), на која пациентите прво се упатени, голема важност игра превентивата, иако многу совети и препораки од избраните лекари на пациентот му се чинат преопширни и оптоварувачки. Со самото тоа едукацијата на пациентите е еден од приоритетите на здравството. Тоа го правиме на повеќе начини, преку средствата за јавно информирање и лично, во контакт со пациентот. Подигнувањето на свеста на популацијата за важноста на навременото инвестирање во здравјето е ставено на прво место, пред дијагностицирањето и лекувањето.

Во текот на годината пациентите најчесто посетуваат лекар заради редовна хронична терапија, претходно ординирана врз основа на дијагностицирана болест. На второ место по зачестеност се посетите заради неодамнешна развиена клиничка слика на болест која бара рутинска дијагноза во установа и лекување или упатување на пациентот на дополнителни анализи и прегледи на секундарно ниво. На крај, тука се веќе предвидените (закажани) контроли кај хронични состојби и болести (во драстично помал број отколку што е препорачливо). Меѓутоа, она што по зачестеност би требало да го зазема првото место а дефинитивно пациентите за тоа не се свесни во доволна мера, е превентивниот преглед еднаш во годината.

Превентивни прегледи за жени
Битно е да се напомене дека превентивните прегледи  се подеднакво важни и за жените и за мажите, и тоа во секоја возраст. Имајќи го тоа предвид, може да се направат некои поделби. Па така, кога зборуваме за превенција и вложување во здравата иднина на жените, првенствено треба да се обрати внимание на следните прегледи по старосна доба:
– Помеѓу 18 и 35 години неопходни се редовни гинеколошки контроли (и ултразвучна дијагностика), контроли на дојките, ултразвучен преглед на стомакот и штитната жлезда, како и основни лабораториски анализи;
– Помеѓу 35 и 50 години, во однос на претходниот период, посебно би требало да се обрне внимание на хормоните на штитната жлезда, општ преглед и ултразвучна контрола на крвните садови на нозете; неопходни се следење на состојбата на дојките (самопреглед) и ултразучна дијагностика (преглед на јајчниците, јајцеводите и матката);
– По 50-тата година поради хормонални пореметувања во менопауза доаѓа до промени во повеќе органски системи – поради промени на штитната жлезда неопходно е лабораториско и ултразвучно следење, као и следење на кардиоваскуларниот систем (промени на крвниот притисок, пулсот и состојби на периферните крвни садови). Потребно е и гинеколошко следење поради престанок на циклусот, опаѓање на функцијата на јајчниците и матката. Исто така, битен е и ултразвук на стомакот поради можни промени на внатрешните органи со текот на годините. По 55-тата година неопходно е да се испита и FOB тест на изметот поради зголемен ризик од карцином на дебелото црево.

Превентивни прегледи за мажи
Кога зборуваме за зачувување на здравјето на мажите, постојат две категории:
– Помеѓу 18 и 40 години се посветува внимание на кардиоваскуларниот систем (рана појава на крвен притисок, пореметување на ритамот на работата на срцето) и на рани промени во лабораториските анализи. Кај работно активната популација можни се проблеми со ՚рбетот и поголемите зглобови;
– По 40-тата година неопходна е ултразвучна и лабораториска контрола на простатата, FOB тест по 55 година, проверка на кардиоваскуларниот систем.

Рутински превентивни прегледи
Од рутински превентивен преглед кај лекар по општа пракса пациентите би требало да очекуваат следно: општ преглед – преглед на анатомијата и евентуални деформитети на главата, вратот, ՚рбетниот столб и градниот кош, екстремитетите, преобоеност на видливите слузокожи и еластичност на кожата, со стетоскоп се испитува дишниот шум на белите дробови, како и ритмичност, тонови, постоење евентуални шумови на срцето и адекватна работа на цревата.

Со мануелен преглед треба да се испита болната чувствителност на цревата, напнатост на мускулатурата и можно зголемување на одредени органи во стомакот. Потоа на ред доаѓаат одредување крвен притисок, и пулс. На крај со прости тестови се добива информација за состојбата на сетилата и невролошкиот (на пр., рамнотежа, рефлекси...) и психичкиот (на пр., депресија, стравови...) статус.

Како дополна на ова, според неопходност се вклучуваат анализи надвор од ординација: ЕКГ, одредување гликемија од прст на празен стомак. Важно е да се советува пациентот за самопрегледот на дојки, хигиено-диететскиот режим и за значењето на физичката активност. Под најнеопходна ставка во контрола на здравјето минимун еднаш годишно, а по можност и почесто доколку има ставки кои отстапуваат од нормала и кои бараат следење во пократки временски рамки, е лабораторија, под која ги подразбираме следните анализи: крвна слика со леукоцитарна формула, седиментација, уреа и креатинин (параметри на бубрежната функција), ниво на шеќер во крвта, AST и ALT (параметри на функцијата на црниот дроб), седимент на урина, холестерол и триглицериди (ниво на масти во организмот), електролити.

Тука се и тримесечен шеќер (HbA1c), кој претставува просечно ниво на шеќер во крв во претходниот тримесечен период и кој е важен  за следење на ефикасноста на терапијата за шеќерна болест; проверка на лабораторискиот статус на хормоните на штитната жлезда, PSA анализа од крвта за проверка на состојбата на простатата, FOB како тест за постоење крв во изметот на секои две години, а по 55-тата година е ран тест за откривање карцином на дебелото црево. Еднаш годишно, исто така, треба да се прават и специјалистички контролни прегледи во рамки на установа, како, на пример, офталмолошки, гинеколошки, ултразвучен преглед (стомак, штитна жлезда, простата, дојки).

Со навремена и редовна шестмесечна и годишна рутинска контрола ќе инвестирате во своето здравје не само во тој момент туку и во иднина, бидејќи раното откривање и пријавување на симптомите или знаците на болести или состојби ќе придонесе за полесна дијагностика и лекување од страна на избраниот лекар и специјалист на секундарно и терцијарно ниво.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>