Со здрава исхрана до здраво бебе
Лекарите во пракса сè почесто се среќаваат со проблеми кои ги имаат паровите кои сакаат да добијат дете. Една од причините за овој проблем е дебелината.
Автор: проф. д-р Весна Димитријевиќ Сречковиќ, ендокринолог, Клинички центар Србија, Клиника за ендокринологија, дијабетес и болести на метаболизмот
Се проценува дека 20 проценти од паровите имаат проблем со зачнување. Кај жената неплодноста има многу можни причини, вклучувајќи полово преносливи болести, ендометриоза, пореметување на менструалниот циклус проследено со дебелина, хормонски пореметувања и изостанување на овулација, непроодност на јајчниците. Може да постојат и други проблеми. Порастот на старосната доба на бремените жени е значајна причина, затоа што жените раѓаат на постара возраст, така што ризикот од неплодност расте.
Дебелина и Синдром на полицистични јајчници
Кај жените во репродуктивниот период дебелината е поврзана со зголемено ниво на машки полови хормони (андрогени) и изостанување на овулација, како што е случај со Синдромот на полицистични јајчници (PCO), како најчесто хиперандрогено пореметување. Синдромот PCO претставува збир од симптоми како што се дебелина, изостанување на менструација, зголемена влакнетост, полицистични јајчници кои се јавуваат кај 5-10 насто од жените и се најчести причини за неплодност кај жените.
Според ротердамските критериуми, дијагнозата Синдром PCO се поставува врз основа на присутност на два од три следни симптоми:
- ретка овулација или целосен изостанок на овулација
- клинички и/или биохемиски знаци на покачени машки хормони, тестостерон
- полицистични јајчници на ултразвучен преглед.
Синдромот PCO е најчеста причина за изостанок на овулација и е здружен со метаболистички пореметувања, како што е инсулинска резистенција која е присутна кај околу 50-70 насто од дебелите пациентки и претставува главен фактор за настанување на синдромот.
Хиперинсулинизам и инсулинска резистенција
Инсулинската резистенција и компензаторната хиперинсулинемија имаат важна улога во појава на зголемена секреција на андрогени во синдромот PCO и развој на изостанување на овулација. Зголемената секреција на андрогени доведува до појава на менструални пореметувања, развој на оваријални цисти, зголемена влакнетост и други последици. Врз основа на вредностите на инсулинот и гликемијата може да се пресмета HOMA индексот на инсулинска резистенција, кој во клиничката работа е корисен параметар за следење на инсулинска резистенција. Хиперинсулинизмот и инсулинската резистенција се одговорни за пореметување на гликорегулацијата (предијабетес и дијабетес), зголемен крвен притисок кај дебелите, како и пореметување на маснотиите во крвта. Хиперинсулинизам и инсулинска резистенција се во основата на синдромот на полицистични јајчници и неплодност.
Зголемен индекс на телесна маса како ризик-фактор
Ризикот од изостанување на овулација и неплодност расте со пораст на индексот на телесната маса (ITM). Индексот на телесна маса се пресметува така што телесната тежина се дели со телесната висина на квадрат и се изразува во kg/m2. Жени со ITM > 30 kg/m2 имаат приближно три пати поголема можност за неплодност во споредба со жените чиј ITM < 24 kg/m2. Познато е дека стомачното масно ткиво претставува ендокрин орган кој лачи бројни фактори на воспаленија (цитокини) и фактори на тромбоза. Под дејство на цитокинот во црниот дроб се создава Ц реактивен протеин (CRP) како лесно мерлив фактор на инфламација и показател на ризикот за повеќе хронични болести и состојби. Покачено ниво на Ц реактивен протеин во фоликуларната течност на дебелите жени е од посебна важност, бидејќи може да укаже на инфламација и зголемен оксидативен стрес, што е здружено со намален развој на јајце-клетки. Зголемен оксидативен стрес може да биде дополнителен механизам со кој дебелината влијае на квалитетот на јајце-клетките и репродуктивните последици. Редукција на телесната тежина од 5 до 10 проценти доведува до подобрувања во клиничките, метаболистичките и репродуктивните карактеристики кај жени со PCO синдром.
Медитеранската исхрана како дел од решението
Во нашето поново истражување се следени ефектите од медитеранска исхрана врз корекција на телесната тежина, намалување на инсулинската резистенција и превенција од неплодност кај жени на возраст од 20 до 30 години, со индекс на телесна маса поголем од 30 kg/m2 со синдром PCO. По шест месеци примена на медитеранска исхрана е дојдено до статистички значајни редукции на телесната тежина, со намалена стомачна дебелина и нормализирање на факторот на инфламација Ц реактивен протеин и намалена инсулинска резистенција. Значајно губење на телесната тежина и стомачната дебелина доведува до подобрување на биохемиските параметри и хормонскиот статус кај дебели жени со синдром PCO. Во анализираната група е дојдено до значаен пад на просечната вредност на шеќерот во 120 минута од орален глукозен толеранс тест на шестмесечна контрола, кој е статистички значаен. Нашите резултати покажаа статистички значаен пад на инсулинот и HOMA индексот на инсулинска резистенција, како и намалување на тестостеронот.
Со овој труд ги покажавме позитивните ефекти од медитеранската исхрана врз намалување на телесната тежина, стомачната дебелина, поправање на гликорегулацијата, факторите на инфламација и инсулинската резистенција, како и намалување на вредностите на тестостеронот, што сè заедно значајно придонесува во превенција и лекување на неплодноста.
Успех за пример
Како илустрација за значењето на правилната исхрана наведувам пример на прворотка во 44 година со PCO и метаболистички синдром која спонтано забремени по намалување на тежината за 8 килограми и обем на половината за 8 сантиметри, што условило намалување на нивото на инсулинот во крвта, поправање на инсулинската резистенција, нормализација на менструалните циклуси, кои станале редовни и овулаторни. Дошло до спонтано зачнување и раѓање здраво машко дете.