Фармацевти
Контакт

<< Назад

Дебелина кај децата

јануари 4, 2016

[vc_column width="1/1"]

Полесно е да се спречи отколку да се лекува

д-р Радмила Косиќ

Првата година од животот е идеално време за усвојување здрави навики во исхраната, бидејќи детето зависи само од вашиот избор на намирници и начинот на подготовка на оброците

Дебелината е појава на прекумерно таложење на масти во организмот. Дефиницијата е едноставна, но родителите на дебелите деца најдобро знаат колку проблемот е сложен. Во минатото неухранетоста била многу поголем проблем, дебелото дете било знак на имаштија во семејството, а неговата дебелина „залиха“ за борба против постојаните болести и глад кои демнеле. Поради тоа и денес некоја баба ќе ви рече дека сте се „поправиле“ доколку забележи дека имате повеќе килограми – поубаво звучи и го враќа духот на старите времиња, кога дебелината била предуслов за добро здравје.

За жал, со развојот на индустријата за храна и промена на начинот на живот, проблемот на претерано згоени деца станува сè поактуелен, а „дебелото дете“ има големи шанси да биде „дебело возрасно лице“. Дебелината носи ризик од психички тегоби, шеќерна болест, кардиоваскуларни болести, па неопходно е да се превенира нејзината појава веќе во раното детство.

МЕРЕЊЕ НА ТЕЛЕСНАТА ТЕЖИНА е најчест начин на процена на степенот на дебелина. Со споредување на референтните вредности за возраст и пол се добива релативен увид во состојбата на згоеност, бидејќи се занемаруваат разликите во телесната градба и висина на детето. Стандард за процена на состојбата на згоеност е пресметување на индекс на телесна маса (BMI), кој се добива со делење на измерената тежина во килограми со квадратот на телесната висина во метри. Овој индекс е верно мерило, бидејќи одлично корелира со вкупната количина на масти во телото, со висината на крвниот притисок и концентрацијата на масти во крвта. При процена на степенот на дебелина кај детето се користат табели на просечни BMI за пол и возраст. Ендокринолозите го дополнуваат следењето на згоеноста со мерење на дебелината на поткожното масно ткиво и обемот на половината. Сите добиени податоци служат за процена на степенот на згоеност, планирање диета и следење на загубата на прекумерното масно ткиво.

ДОЕНЧЕ кое се храни исклучиво со мајчино млеко никогаш нема да се прејаде. Доењето функционира по принципот „понуда и побарувачка“ – нема да можете да го натерате да цица повеќе отколку што тоа сака, а ако остане гладно, ќе се пробуди порано и ќе бара уште. Веќе во вториот месец најголем број бебиња цицаат на околу три часа. Детето е доволно силно да ги празни дојките, кои веднаш потоа се подготвуваат за следниот оброк. Мајчиното млеко содржи идеална комбинација на вода, масти, јаглехидрати и протеини и затоа е идеална храна за доенчињата.

Опасност од дебелеење е една од причините поради кои доењето секогаш има предност во однос на хранење со адаптирани млечни формули. Доколку детето се храни со шише, млекото мора секогаш да биде подготвено точно според упатството. Ако направите поконцентрирана формула постојано ќе биде жедно, ако ја разредите – ќе му недостига „материјал“ за нормално напредување.

Детето го добива млекото од шише со многу помалку напор, па воздржете се од желбата секој пат да го испразни! Погледот на бебе со обравчиња секогаш мами насмевки, но, за жал, кога ќе порасне никого нема да шармира.

Првата година од животот е идеално време за усвојување здрави навики во исхраната, бидејќи детето зависи само од вашиот избор на намирници и начинот на подготовка на храна. За првите немлечни оброци се советува варен, незачинет зеленчук, овошје и немасни меса. Не хранете го на сила и не инсистирајте да изеде сè што сте подготвиле.

ДЕТЕТО КОЕ ПРООДАЛО покажува многу помалку интересирање за храната, отколку за истражување на светот околу себе. Ќе троши многу од внесените калории, но и растењето ќе забави. Ако добива на тежина побрзо отколку што расте во висина, сигурно ќе се здебели. Децата во развој никогаш не се ставаат на режим на исхрана кој ќе ја намали тежината – целта треба да биде забавување на порастот на тежината со интензивен раст во висина.

Бројот на калории можете значително да го намалите, а да не му скратите ништо од корисните состојки на храната. Печениот компир има двојно повеќе, а пржениот тројно повеќе калории од варениот, парче леб има околу 70 калории, со путер 140 итн. Водата и цедените сокови нема да влијаат на дебелеењето, но газираните пијалаци и густите индустриски сокови да.

Размислувајте за скриените калории без кои не се може: грицките и благото заменете ги со сушено или свежо овошје, млечна црна чоколада, полномасно младо сирење или немасно, павлаката со кисело млеко. Дајте му можност непрекинато да се движи и да вежба преку игра, ќе има помалку шанси храната да се претвори во масно ткиво – ќе ја потроши за создавање енергија и за растење.

ДЕБЕЛОТО ДЕТЕ ОД ПРЕДУЧИЛИШНА ВОЗРАСТ веќе има усвоено лоши навики во видот и количината на храна. Најдобро ќе биде да побарате совет од педијатар, нутриционист или ендокринолог. Доколку до тргнување во училиште не преземете ништо, естетскиот проблем ќе стане извор на непријатни коментари кои ќе му го обележат школувањето.

Бидејќи на оваа возраст детето се храни заедно со останатите членови на семејството, подгответе се за „заеднички потфат“ кој сигурно на сите ќе им користи. Сетете се дека варењето и печењето без маснотија е најздрав начин на подготовка на храна – дури и крцкавата сланина со суво печење во рерна ќе изгуби дел од маснотијата. Сè што се мачка на леб не мора да биде масно – постојат млечни производи со помалку маснотија, купувајте месни преработки со помалку масти, не купувајте какао крем, мајонези, павлаки – ако ги нема дома, нема да биде во искушение да ги изеде. Се подразбира дека на дебело дете нема да му дозволите да јаде многу благи работи и храна помеѓу оброците. Сепак, вооружете се со трпение.

Бројни се причините кои предизвикуваат прекумерно внесување храна, намалена телесна активност или намалено користење на внесените калории. Склони сме за својата или за дебелината на детето да ја обвиниме генетиката, недостиг на време за подготовка на здрава храна, поевтината „брза храна“, лошо влијание од врсниците, градинката или медиумите...

Далеку најчеста причина за дебелина е преобилната исхрана, а дебелото дете е огледало на квалитетот на вашата семејна трпеза и здрави навики на членовите на семејството. Колку порано се фатите во костец со проблемот на своето дебело дете, ќе ја намалите можноста во зрела доба да заболи од хронични болести – шеќерна болест, атеросклероза, инфаркт.

Вложете време и енергија во подготовка на здрава, нискокалорична храна и секојдневна физичка активност, советувајте се со нутриционист и педијатар и резултатите во превенција и лекување на дебелината на вашето дете нема да изостанат.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>