Фармацевти
Контакт

<< Назад

Деформитети на стапалата

октомври 28, 2015

[vc_column width="1/1"]

Здравствен и естетски проблем

унив. проф. д-р по медицински науки Иван Бутковиќ
спец. ортопед и трауматолог

Стапалата се склони на повреди, инфекции и бројни заболувања, а секој петти пациент кој доаѓа кај ортопед на преглед, доаѓа поради тегоби на стапалата и на скочниот зглоб


Стапалото со скочниот зглоб формира восхитувачка целина која овозможува стоење, балансирање и одење. Во споредба со шаката, кортикалната зона на големиот мозок која е надредена на стапалата е релативно мала, иако е покажано дека нивната невромускулна контрола може енормно да се развие, што се гледа во грацилноста и умешноста на балерините, односно вештината на лицата со инвалидитет на горните екстремитети кои можат да сликаат, да пишуваат и да изведуваат повеќе активности кои по природа на нештата се врзани со шаките, со долните екстремитети. Најчести деформитети на стапалата се искривување на палецот и различни степени на пореметувања на статиката на сводовите на стапалата, кои по правило постепено се појавуваат и бараат подолго лекување.

ИСКРИВУВАЊЕ НА ПАЛЕЦОТ (hallux valgus): Покрива повеќе различни деформитети. Почетна фаза е израсок на внатрешниот дел на базата на палецот. Во следна фаза доаѓа до блага ротација на палецот (т.н. пронација), така што површината на нокотот на палецот повеќе не е паралелна со подлогата.

Палецот во своето поместување може да го потиснува вториот прст, да се подвлекува под истиот, или да го надјавне. Последица може да биде делумно исчашување на вториот прст или појава на болен плускавец на неговиот горен дел. Палецот полека ја губи функцијата на одраз, па делот од тежината на телото се пренесува на главата на другата коска на стапалото, каде е можна појава на болен плускавец.

Деформитетот е прогресивен, кај секој пациент има свои особености и не мора кај секого да дојде до нагласен деформитет. Може да се запре на почетниот облик и да не покажува никакви знаци на прогресија.

ПРИЧИНИ: Бројни се причините за негова појава, најчесто се наследни (60-90 %), зголемена телесна тежина и носење неадекватни обувки. Дебелината доведува до слабеење на лигаментарните врски и мускули кои ја одржуваат архитектониката на стапалото, што предизвикува спуштање на медијалниот надолжен како и на предниот попречен свод на стапалото. Научните студии покажале дека 33% од оние кои носат обувки имаат искривувања на палецот, додека тој процент кај оние кои не носат е само 2%. Почест е кај жените, а главна причина е носење неадекватни обувки, кои со големината и обликот не го следат обликот на стапалото, при што високата потпетица префрла поголем дел од тежината на телото на предниот дел на стапалото, кое во тесен и неудобен простор се деформира. Тоа не значи дека секој кој носи тесни чевли со висока потпетица ќе има деформитет, но шансите се значително поголеми во однос на оние кои носат комотни и удобни обувки.

ДИЈАГНОЗА: Дијагнозата е лесна, но прогнозата на напредувањето е тешка. Кај поблаги деформитети најчест совет е носење комотни обувки во предниот дел, бидејќи тесни обувки го помагаат напредувањето, но може да доведе и до механички иритации на меките ткива во нивото на искривувањето на палецот, со можна појава на инфекција на стапалата. При нагласени деформитети се советува рендгенско снимање на предниот дел на стапалото, по што со мерење на некои медицински агли може точно да се утврди степенот на прогресија на деформитетот и потоа, по 6-12 месеци со повторно снимање да се регистрира евентуална прогресија и нејзиниот степен.

Ако деформитетот е нагласен, мој совет е, ако многу не пречи како функционално така и естетски, деформитетот да се следи, со задолжителна корекција на обувките. Она што не смеете да го дозволите е инфекција на стапалата. Во спротивно советувам оперативно лекување. Денес се опишани над 200 оперативни техники кои даваат многу добри резултати.

ПОРЕМЕТУВАЊА НА СВОДОВИТЕ НА СТАПАЛАТА: Стапалото има 4 анатомски свода: внатрешен надолжен, преден, надворешен надолжен и заден. Ако  дојде до спуштање на надолжниот медијален свод на стапалото зборуваме за рамни стапала, додека сводот е повисок кај т.н. издлабено стапало. Првиот деформитет е почест и е последица на општа мускулна слабост (заздравување после болести, нагло растење, тешка траума), нагласен замор (долго стоење и одење), кај нагло зголемување на телесната тежина, носење неадекватни обувки и наследно. Овие лица имаат специфично круто одење, без фаза на одраз, при што петиците се криват а внатрешните лигаменти на скочниот зглоб се многу истегнати. Во поодмината фаза можни се болки во колената, колковите, ’рбетот, па и во тилот.

ДИЈАГНОЗА И ТЕРАПИЈА: Се потврдува со клинички преглед, но вистински  (нумерички и визуелен) увид во деформитетот се добива со прегледот бароподометрија. Лекарот диференцира т.н. ригиден од флексибилен деформитет. Помал деформитет не бара лекување и пациентите треба да се насочат кон нормална спортска активност.

Повеќето автори сметаат дека методот на избор во лекување на овој деформитет е носење комотни обувки со широк преден дел, со носење индивидуални ортокинетички влошки според мерка, кои можат да го искоригираат валгусот на стапалата, да го подигнат надолжниот медијален лак и со рамномерна дистрибуција на оптоварувањето да доведат до корекција на положбата на изместениот центар на гравитација на стапалата, со што пренесувањето на телесната тежина на тлото е порамномерно. И материјалите од кои се прават влошките имаат способност на превиткување (антишок ефект), па луѓето ги сакаат, бидејќи помалку се заморуваат и по правило имаат помал степен на други тегоби. Кај пациенти со нагласен деформитет кој сериозно ја загрозува статиката и динамиката на стапалата се применува хируршко лекување.

НОКТИ: Зараснатите нокти по правило се последица од лошо сечење, кога рабовите на ноктите премногу се сечат, а меките ткива тогаш се поставуваат пред работ на нокотот, кој со растење ги повредува, што се комплицира со локална инфекција на меките ткива.

ТЕРАПИЈА: Ноктите да се сечат така што нивниот крај да биде под прав агол во однос на надолжната осовина на прстот. Меките ткива околу работ на нокотот  внимателно да се потиснуваат во страна со вата, така што тие се поместуваат и овозможуваат нормален раст на нокотот и никогаш не треба да се сечат. Во случај на чести рецидиви се препорачува оперативно лекување.

Златни совети на ортопедот при купување чевли

– Чевлите не треба да се купуваат според бројот, туку според големината и обликот на стапалата
– Да се мерат двете стапала, бидејќи едното по правило е подолго и до 1см, па треба да се пробаат чевлите на поголемото стапало
– Да се пробаат чевлите на крајот од денот кога поради циркулаторниот оток стапалото е најголемо
– При пробување чевли треба да се стои, тогаш стапалото е подолго
– Важно е предниот дел на стапалото да биде комотен
– Потпетицата мора да биде со таква висина за одењето да биде стабилно, а тежината рамномерно распоредена на предниот и задниот дел на стапалото
– Задолжително треба да се прошета со обуени чевли, водејќи при тоа сметка да се носат чорапи (нивната дебелина е важна) кои најчесто ќе се носат со тие чевли
– Не треба да се купуваат чевли кои со текот на времето ќе се растегнат
– Изборот на висината на потпетицата зависи од повеќе фактори. Кај босо лице 60% од тежината на телото се пренесува преку задниот дел на стапалото, а 40% преку предниот. Со подигање на потпетицата за 2 см тој однос е 50 наспроти 50%. Со натамошно подигање на задниот дел на стапалото тежината на телото се префрла на предниот дел на стапалото, па кај жените кои носат потпетици од 11 см практично целата тежина се пренесува преку предниот дел. Од анатомска гледна точка највисока дозволена висина на потпетицата е до 5 см, при што е пожелно да биде широка и полна.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>