Емоционален проблем кој се лекуваМарина Брашиќ, спец. педагог и психотерапевт по ОЛИ интегративна психодинамска психотерапија
Депресијата е сложен емоционален проблем кој се одразува на телото и расположението на личноста, нејзините размислувања, чувства, друштвени односи, волја и однесување. Животот на депресивната личност и нејзините блиски е нарушен и губи на квалитет
Денес депресијата е сè почесто присутен емоционален проблем. Светските истражувања укажуваат дека нејзината зачестеност е сè поголема, како кај адолесцентите, така и кај возрасните лица. Иако депресивната личност и нејзините блиски се соочуваат со тежок проблем, и понатаму се присутни предрасуди на непризнавање на нејзиното постоење и се избегнува стручна помош. Понекогаш симптомите на депресија не се препознаваат, па се поврзуваат со неповолните животни околности, а лицето чека проблемот да се намали и сам од себе да помине. Ваквото однесување води до продлабочувања на депресијата и отежнато надминување.
СИМПТОМИ: Може да бидат слаби и интензивни, индивидуални се и треба да траат подолго од две недели за да се констатира депресија. Постојат повеќе облици на депресија, така што не постои правило дека сите симптоми ќе бидат со ист интензитет кај секого.
Во подолг временски период личноста чувствува тага и внатрешна празнина, губи интересирања за животните задоволства, се чувствува безнадежно во поглед на сегашноста и иднината и се повлекува од работните и друштвените активности. Присутно е беспричинско чувство на вина, ниска самодоверба и самопочитување, страв, чувство на осаменост и беспомошност. Сите овие чувства се придружени и со други проблеми: проблем со спиењето (прекумерно, недоволно или со прекини), проблеми со апетитот и исхраната, физичка исцрпеност, безволност, чувство на преоптовареност и напнатост, намалена физичка активност, а чести се и мачнини, вртоглавици, главоболки, проблеми со варењето и др.
ТАГУВАЊЕ И ДЕПРЕСИЈА: Депресијата се разликува од здравиот процес на тагување. Ако сме доживеале некое разочарување, загуба на блиска личност или материјална загуба, здравата емоционална реакција на таквата животна ситуација е тага и тагување. Кога ќе се соочиме со загубата, влегуваме во процес на тагување кој е проследен со нерасположение и намалени интересирања. Меѓутоа, иако чувствуваме тага, не ја доживуваме целосно негативно сегашноста, себе и сопствената иднина. Не се чувствуваме безнадежно и не се обвинуваме себеси без причина. Чувствуваме различни степени на тага, но не се повлекуваме во подолг временски период. Се грижиме за себе, за своите блиски и за своето физичко здравје.
Кај депресијата, начинот на размислување е променет, личноста често не гледа можност дека некој може да ѝ помогне или нејзината состојба може да се измени. Кај процесот на тагување личноста прифаќа помош и поддршка од околината, не се дистанцира од блиските лица. Личноста која е во процес на тагување ги препознава своите непријатни чувства и ги канализира така што ќе продолжи да биде функционална во иднина. Кај депресивните лица иднината предизвикува страв, доживување дека никој не може да им помогне, дека ништо не може да се измени, па често размислува и за смртта. Ако процесот на тагување е отежнат, ако личноста не може да се носи со чувствата кои го придружуваат тагувањето, или ако бира неадекватни начини на справување со тагата, постои голема шанса дека здравиот процес на тагување ќе прерасне во депресија.
СТРУЧНА ПОМОШ: Депресијата не е минливо нерасположение, не поминува сама од себе и бара стручна помош. Се случува и личноста да ги извршува секојдневните обврски, наизглед функционира добро, но препознава дека тешко се концентрира, лесно се откажува, раздразлива е, плачлива, вознемирена, мисли лошо за себе и за животот, а секојдневните обврски ги извршува со тешкотија. Често има проблем да заспие или наутро рано се буди. Своето нерасположение го поврзува со стресот и недостигот на време за одмор. Ваквата состојба може да потрае подолг временски период додека личноста не се обрати за помош при појава на некои физички тегоби кои може да бидат придружни симптоми на некој облик на депресија.
ПРИЧИНИТЕЛИ И ФАКТОРИ: Лицата кои се депресивни често се прашуваат што ја предизвикало нивната депресија. Ретко се случува само еден фактор да биде причинител на депресија. Акутната оптовареност и стресот, загубата или смрт на сакана личност, разочарувања и понижувања, тешки приспособувања на нови животни околности (венчавка, селидба, заминување во пензија, проблеми со здравјето), тешки животни искуства (злоставувања, здравствена и физичка загрозеност), како и генетска предиспонираност може да бидат причини за депресија. Најчесто се случува лицата во текот на долгогодишен период да биле изложени на стрес и само една случка придонела „капката да ја прелие чашата“, по што дошло до бурна манифестација на депресија.
ТЕРАПИЈА: Поради секојдневната изложеност на стрес и брзиот начин на живот, потребно е одвреме-навреме да застанеме и да се одмориме. Релаксација во природа, дружење со пријателите или промена на секојдневната рутина може да дадат енергија за секојдневните животни активности и околности. Запознавањето на себе, своите емоции и начинот на реагирање се од значење за воспоставување внатрешен баланс и превенирање на депресивно расположение.
Благовременото откривање на симптомите на депресија во многу го олеснува нејзиното надминување. Поддршката на семејството и стручната помош се два колосеци по кои би се движел воз кон надминување и спречување на повторно враќање на депресијата. Психотерапија, понекогаш земање антидепресиви, се најдобар начин за надминување на депресијата. Лековите ќе ги регулираат хемиските процеси во организмот, додека низ процесот на психотерапија ќе се охрабрува личноста и ќе развива соодветен механизам на носење со емоциите и доживувањата кои се јавуваат. Со оглед на тоа дека депресијата е тесно поврзана со начинот на размислување, во рамките на психотерапијата се работи и на промена на обрасците на мислење кои ја продлабочуваат и ја одржуваат депресијата.
Ако вие или некој ваш близок има ваков проблем, немојте да чекате расположението да се промени само од себе. Побарајте стручна помош, бидејќи тоа е сигурен пат кон успешен, среќен и задоволен начин на живот.