Фармацевти
Контакт

<< Назад

ЏЕМПЕР

ноември 1, 2019

Елегантна топлина

 

Лид Ова е уште еден од оние делови од гардеробата кои, едноставно, го пронаоѓаат патот до модните писти од сезона во сезона, без оглед на актуелните трендови.

 

Автор Милица Ѓокиќ

 

Приказната за џемперите почнува приближно во исто време кога и приказната за припитомувањето на животните. Сè уште не е јасно дефинирано дали овците станале предмет на интересирање на нашите предци поради месото или поради материјалот за облека, но најверојатно во прашање била комбинација од двете причини. По првобитното огрнување во непреработено руно е откриена постапката за изработка на филц. Техниката на изработка на филц останала речиси непроменета со милениуми, но дури откритието на можностите за предење на волнените влакна во нишки довело до вистински напредок. Генерации вешти плетачки својата вештина ја пренесувале од колено на колено сè до појавата на машинското плетење. Умешноста на изработка на рачно плетени предмети за облека денес е повеќе хоби отколку професија, иако постои пазар за нив. Посебно висока цена достигнуваат џемперите рачно плетени од волна од органско потекло.

 

Волна идеален материјал

Крзното на некои цицачи е составено од фини влакна кои со обработка може да се претворат во тенка нишка со висок квалитет. Најчесто се користи овча волна, и тоа онаа добиена со острижување на руното. Во употреба се и влакна добиени со чешлање на ангорски зајачиња, кашмирски кози и уште некои видови животни. По својот хемиски состав волненото влакно главно е  составено од протеини, со мал процент на липиди и релативно висока содржина сулфур. Влакната се пресвлечени со слој ланолин, а карактеристично за секое влакно е дека 85 % од неговиот волумен во суштина е воздух. Ова е особина која е пресудна за добрите термоизолациски способости на облеката од волна.

 

Втора карактеристика на природната волна е што, иако ја одбива водата со својот површински слој благодарение на ланолинот, секое влакно може да впие количина на вода до 33 % од својата тежина, притоа не покажувајќи својства на влажност. Поради тоа и ден-денес волната е омилен материјал на планинарите и на сите останати љубители на активен престој во природа. Поради еластичноста на влакната волнените материјали не се туткаат, а уште една особина која е исклучително важна за модната индустрија е одличното прифаќање на различни средства за боење. Доколку волнените влакна не се обработени на правилен начин, при носење може да се јави карактеристично чувство на гребење, што денес се случува ретко, единствено во ситуации кога волната е рачно предена.

 

Што е, всушност, џемперот

Овој збор сме го презеле од англискиот јазик, а во зависност од тоа во кој дел од светот се наоѓате, може да означува различни делови од облеката. Кај нас најчесто се однесува на плетен дел од облеката кој се облекува преку глава, без закопчување. Англичаните овој дел од облеката го нарекуваат sweater, додека терминот кардиган е резервиран за џемпер на закопчување. Пуловер е уште еден англицизам и кај нас обично се однесува на џемпер без ракави, иако и тоа зависи од крај до крај. Постојат и плетени елечиња, но зборот џемпер главно ги опфаќа сите споменати предмети во секојдневниот говор.

Женските џемпери може да бидат и продолжени кога, всушност, претставуваат вид фустан, а некои се кроени така што се носат стегнати со појас, кој може да биде и составен дел од плетивото. Џемперите во машката гардероба претставуваат посебен сегмент и укажуваат на тоа колку некој, всушност, води сметка за своето облекување. Изборот на добар елегантен машки џемпер зависи од повеќе фактори. Ќе ги наведеме само најбитните: кројот (елегантен џемпер не смее да изгледа како да е позајмен од некој кој е покрупен од моментниот сопственик, т.е. мора совршено да лежи на вашата фигура), финоста на предивото од кое е сплетен, нема видно истакнат логотип на произведувачот, доколку е со закопчување не се  користат патенти туку копчиња и, секако, не е подложен на создавање топчиња од волна.

 

Како џемперот се вовлекол во високата мода

Од класична работна облека на рибарите на британските острови џемперот полека во текот на 19 век станал дел од униформата на британската морнарица. Пресврт донеле 20-тите години на минатиот век. Коко Шанел вовела револуција во женската мода ослободувајќи ги жените од вишокот ткаенина и давајќи им прилика да ја истакнат својата фигура. Трикотажата била како создадена за тоа. Паралелно со тоа Принцот од Велс во 1921 се појавил во јавноста носејќи џемпер добиен од Шкотска. Ова било знак за припадниците на високото друштво да го следат неговиот пример. Во текот на таа деценија писателот Ноел Кауард за свој заштитен знак го направил џемперот со рол-крагна, што, иста така, имало многу модни следбеници. Во наредните години џемперите се носеле интензивно, и така ги вовеле во секојдневната мода познати мажи како Ерол Флин, Кери Грант, Стив Меквин, Мајкл Кејн и Мик Џегер. Британската манекенка Твиги,  исто така, била заслужна за дел од таа популарност.

Сепак, и независно од познатите љубители на џемперот овој дел од облеката сигурно би доживеал подеднаков успех. За тоа се заслужни многу позитивни особини. Да почнеме од финоста на влакната. Најфините влакна од волна од мерино овци се потенки од 12 микрони (речиси 3 пати потенки од човечкото влакно). Технолошкиот процес на обработка на влакната толку е напреднат што предметите од вака добиеното предиво имаат нестварна мекост. Можностите за добивање различни текстури во зависност од техниката на плетење, исто така, се речиси бесконечни. Да ги додадеме на тоа сите бои на светот и шари кои од нив може да настанат и ќе го сфатиме делот на магијата на џемперите.

Совети за претстојната сезона

Трендот на монохроматски изглед продолжува и оваа зима без оглед на тоа дали сте се одлучиле за пастелни нијанси или за силни бои. Џемперите се идеални за поборниците на слоевита мода. Доколку под џемперот имате кошула и вратоврска, слободно ќе можете да се раскомотите ако ви е претопло без страв дека деловниот изглед ќе ви биде нарушен. Враќањето на модата од 80-тите години на минатиот век на модната писта ги носи џемперите со ремени. Паралелно со тоа патиките, јога-панталоните и велосипедските шорцови не се откажуваат од својот дел на модниот пазар, а џемперите може совршено да се вклопат со нив. Здолништата, исто така, се враќаат во голем стил. Природно е дека се следени со соодветен џемпер. Удобноста е збор кој доминира со современата модна сцена. Она што добар џемпер ви нуди е токму неверојатното чувство на пријатност, постигнато без оној изглед на вреќа кој го има гардеробата шиена така што не ви ги ограничува движењата. Покрај тоа, волната се сврстува во обновливи суровини, што е од посебно значење за еколошки освестените љубители на модата. Поедноставно кажано ‒ нема зима за џемперите, а ни со нив.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>