Фармацевти
Контакт

<< Назад

Џудо

ноември 1, 2017

Древна вештина на самоодбранаМирко Миловановиќ

„Минимум снага, максимум ефикасност“, е мото на овој спорт уште од времето на неговиот основач во Јапонија, кој ги учел своите ученици дека со спротивставување тешко може да победат силен противник, но со избегнување на неговите напади и приспособување може да го надвладеат  

Една од најубавите легенди за настанокот на џудото е онаа за јапонскиот лекар Акијами Сиробеј Јоситакиј, кој отишол во Кина да учи борбени вештини од кинеските монаси. Еден ден, додека беснеело невреме, набљудувал како бурата го расцепува и го урнува стогодишниот даб, со дебело стебло. Во исто време, забележал витка и висока врба како еластично се витка и успешно им одолева на силните налети на ветрот. По враќањето во Јапонија, основал школа „врбино срце“, во која се изучувала борбената вештина „џиу-џицу“, што значи „нежна вештина“.

Историја

За татко на модерното џудо се смета Џигоро Кано (1860-1938), роден во јапонскиот град Микага. Кога имал девет години, по смртта на мајка му се преселил со татко му во Токио. Бил ниско, слабо и болежливо момче. Ни во дваесеттите години не изгледал подобро, имал едвај 45 килограми, па почнал да тренира џиуџицу за физички да зајакне, но поради нежниот изглед, учителите не го доживувале како сериозен ученик. Дури кога почнал да тренира кај учителот Иса Масатомов, Кано сериозно напредувал. Во 21 година добива титула шихан, и почнува да конципира нова боречка вештина на која ѝ го дава името „џудо“ (џу – нежен, до – пат), со цел преку учење на борбените техники да се развиваат и психофизичките, етички аспекти на ученикот. Во 1882 година, Кано го основа Институтот за барање патишта (Кодокан), ги проучува различните школи на џиуџицу и ги усовршува најдобрите сегменти, раководејќи се според девизата „Минимум снага, максимум ефикасност“. Почнал скромно, со 12 спортски душеци и 9 ученици, а завршил како легенда на џудо спортот.

Олимписки спорт

Прва јапонска боречка вештина која официјално станала олимписки спорт е џудото, единствен собир на пробрани техники на џиуџицу, што било заедничко име за различни боречки вештини. Конципиран како физичко, ментално и морално учење, модерното џудо вклучило и натпреварувачки елемент. Цел на борбата е противникот да се фрли, т.е. да се собори на земја, да се имобилизира и совлада со држење или да се победи со т.н. „зглобно заклучување“, односно опфаќање околу вратот. На џудо натпреварувањата ударите и притисоците со раце и стапала не се дозволени.

Натпреварувањата во џудо се одвиваат на мека подлога (татами), со големина 15x15 метри, плус т.н. „сигурна зона“ од два метра од секоја страна. Надвор од сигурната зона фрлања не се дозволени. Постојат три вида победи во џудо: со фрлање, во партер и на страна.

Со фрлање на противникот на грб натпреварувачот добива 100 бода и победува, а ако падне на некој друг начин (на рамо, задник, колк), се доделуваат 10 поени.

Победата во партер се случува кога натпреварувачот ќе го „залепи“ противникот за под и го држи 20 секунди. Во партер може да се победи и со зафат на вратот или лост на рака кога противникот три пати „тапка“ во знак на предавање.

Победата на бодови се смета кога ни еден од натпреварувачите во текот на натпреварот не успеал да го надвладее противникот. Постои и т.н. „златен бод“, кога натпреварувачите продолжуваат да се борат, а победува оној кој прв ќе добие бод, односно губи оној кој ќе добие казна.

Рангирање

Џудистите тренираат во кимоно „џудоги“ (ги-облека), кое се врзува со појас. Појасот може да биде бел, жолт, портокалов, зелен, син, кафеав, црн и црвен. Бојата на појасот директно е поврзана со знаењето џудо. Ученички (кју) има шест, а мајсторски (дан) 10. Од бел до кафеав се ученички (рокју, гокју, јонкју, санкју, никју, икју), додека црниот и црвениот појас се мајсторски. Црни има осум (шодан, нидан, сандан, јодан, годан, рокудан, шичидан, хачидан), а црвени два (кудан, џудан).

Во минатото напредните ученици од учителите на џудо добивале никој вид диплома, која била доказ за нивниот ранг. Во 1883 година оваа пракса ја изменил Џигоро Кано, така што на двајца свои ученици им дал статус „шодан црн појас“. Во 1907 година тој воведува и носење бел, односно црн појас. Појасите во други бои почнале да се користат дури откако џудото стана спорт кој се тренира и надвор од Јапонија. Историчарите на спортот велат дека ги вовел Миконосуке Каваиши во Париз, сфаќајќи дека неговите ученици така се многу повеќе мотивирани за работа.

Џудото и децата

Тренерите на џудо имаат обичај да кажат дека „џудото е повеќе од спорт“, бидејќи им помага на децата да бидат брзи, силни и вешти. Тренирајќи џудо, тие не ги учат само техниките на овој спорт, туку развиваат координација, моторика, самодисциплина, концентрација, работа во тим и емпатија кон другите. Сето ова е посебно важно во време кога децата поминуваат многу време седејќи, како на училиште, така и дома, пред телевизор или компјутер. Занимавањето со спорт е битно за психофизичкиот развој на децата.

Основач Џигоро Кано

Џигоро Кано е роден во богато семејство. Неговиот татко Џиросаку, бил син на главниот свештеник на шинтоистичкото Хијоши светилиште во префектурата Шига, а мајка му Садако Кано ќерка на сопственик на компанијата Кику-Масамуне за производство на саќе. Таткото го зел презимето од сопругата.

Џигоро Кано бил образован, студирал англиски, учел јапонска калиграфија, ги проучувал конфучијанските текстови, и од рана младост имал многу учители.

Прв учител на џиуџицу му бил Фукади Хачиносоку, сопственик на вежбалишта (доџо) со девет спортски душеци и пет ученици, кој инсистирал на техники. Кано имал уште двајца учители, Исо Масатомо (1820-1881) и Ијкуба Тсунетоши (1835-1889).

Својата школа за џудо ја основал во будистичкиот храм кој се наоѓал во шинтоистичкиот дел на Токио. Тука ги учел своите ученици како може да го победат моќниот противник. Според него, спротивставувањето резултира со пораз, додека приспособувањето и избегнувањето на нападот има за последица силен противник да ја губи силата и може да се порази. На овој начин и послаб противник може да порази многу појак од себе.

Техники

Џудото е спорт кој се заснова на техники. Техниките на фрлања може да бидат рачни (те-ваза), фрлање преку колк (коши-ваза) и ножни (аши-ваза). Техниките во партер (катаме -ваза) се делат на држења (осаекоми-ваза), зафати на врат (шиме-ваза) и лост на раце (кансецу-ваза).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>