Фармацевти
Контакт

<< Назад

ДИЈАБЕТЕС

ноември 1, 2016

БОЛЕСТ НА МОДЕРНОТО ВРЕМЕд-р Билјана Беговиќ Вуксановиќ
епидемиолог

Превенцијата е можна кај дијабетесот Тип 2 и се состои во почитување на здравиот стил на живот, бидејќи здравата исхрана, непушењето и физичката активност значително го намалуваат ризикот за појава на болеста, односно може да ја одложат

Дијабетесот е болест која ја карактеризира зголемено ниво на шеќер, односно глукоза во крвта. Телото со помош на инсулинот, хормон кој се создава во панкреасот и овозможува глукозата да влезе во клетката, ја користи глукозата како извор на енергија.

Кај заболените од дијабетес продукцијата на инсулин е недоволна или тој не се користи како што би требало, што има за последица пораст на нивото на глукоза во крвта. Хипергликемија, односно зголемена вредност на глукозата во крвта, доколку се одржува со текот на времето, доведува до промени на крвните садови, што го зголемува ризикот за болести на срцето, бубрезите, ризик за губење на видот, како и  гангрена на ткивата.

Според проценките на Меѓународната федерација за дијабетес (International Diabetes Federation - IDF), 285 милиони луѓе во светот имаат дијабетес. Бројот на заболени расте со неверојатна брзина и доколку таквиот тренд продолжи за 20 години бројот на заболени ќе се зголеми на повеќе од 430 милиони.

Светскиот ден на дијабетесот се одбележува на 14 ноември во над 160 земји-членки на Обединетите Нации, под заштита на Меѓународната федерација за дијабетес. Цел на светската кампања е свртување на вниманието на проблемот со дијабетес во светот. Логото на Светскиот ден на борба против дијабетесот е син круг, усвоен како глобален симбол против дијабетес во 2007 година, кој симболизира живот и здравје. Сината боја е боја на небото и на знамето на Обединетите Нации и ги претставува сите земји обединети во борбата против пандемијата од дијабетес.

Два облика на дијабетес
Болеста се јавува во два облика. Дијабетес Тип 1, порано нарекуван инсулин зависен дијабетес, јувенилен, или дијабетес кој се јавува во детството, ги погодува младите лица и сочинува околу 5 насто од сите дијагностицирани случаи на дијабетес и дијабетес Тип 2, порано нарекуван инсулин независен или дијабетес кој се јавува кај возрасни.

Гестациски дијабетес може да се дијагностицира кај 2-10 насто од трудниците, кој доколку не се лекува може да го загрози здравјето на мајката и бебето и да го зголеми ризикот за појава на дијабетес Тип 2 во иднина, како кај трудницата така и кај детето.

Други специфични типови дијабетес со 1-5 насто зачестеност може да се јават во склоп на некои генетски синдроми, при користење некои лекови, по операции, инфекции и неухранетост.

Дијабетес Тип 1
Причината за дијабетес Тип 1 е непозната, но појавата на болеста се поврзува со инфекција или некој друг фактор од надворешната средина, по што лицата со генетска склоност развиваат невообичаен имунолошки одговор насочен кон сопственото ткиво. Резултат на оваа автодеструкција е оштетување на ткивата на панкреасот и недостиг на инсулин. Овој тип на дијабетес обично се јавува ненадејно. Превенцијата и покрај постоечките медицински сознанија сè уште е  неможна, иако се работат истражувања за факторите од надворешната средина кои може да го покренат механизмот на деструкција на клетките на панкреасот.

Дијабетес Тип 2
Дијабетесот Тип 2 се развива како последица на неефективното користење инсулин кај лица со прекумерна телесна тежина и физичка неактивност. Симптомите не се така изразени како кај Тип 1 и обично се доцни со дијагноза, односно во моментот на дијагностицирање веќе се развиени најрани компликации на болеста. Како резултат на нездравиот животен стил, лошата исхрана и физичката неактивност, од неодамна овој тип на дијабетес не се јавува само кај возрасните туку е во пораст и кај децата. Ризиците, освен споменатите, се: постара животна доба, постоење на заболувањето меѓу членовите на семејството, претходен гестациски дијабетес.

Симптоми
Најважни знаци и симптоми на болеста се: зачестено мокрење, изразена жед, губење на телесната тежина, слабост во рацете и нозете, постојано чувство на замор, сува кожа, инфекции почести отколку што е вообичаено. Сите наброени симптоми, секако, треба да бидат сигнал за посета на лекар.

Дијагноза и терапија
Дијагнозата на болеста се поставува врз основа на клиничка слика и едноставно одредување на нивоата на глукоза во крвта. Терапијата подразбира инјекции со инсулин за дијабетес Тип 1, т.е. лекови кои се земаат орално, понекогаш и инсулин кај дијабетес Тип 2. Во двата случаја од исклучителна важност е здравата исхрана, доволно физичка активност и секојдневна контрола на одржување на нивоата на глукоза во крвта во дозволени граници. Контролните прегледи кај кардиолог, нефролог, офталмолог, поради можни компликации на болестите на срцето, бубрезите, очното дно, исто така, се составен дел од следењето на заболените од дијабетес. Тераписките пристапи, како трансплантација на панкреас или на клетките кои продуцираат инсулин, потоа развој на панкреас во вештачки услови, се соочени со бројни предизвици.

Превенција
Превенцијата на болеста е можна кај дијабетес Тип 2 и се состои во почитување на здрав животен стил. Бројни студии покажале дека здравата исхрана и физичката активност значително го намалуваат ризикот за појава на болеста, односно може да ја одложат. Избегнување на пушењето, исто така, е важно, бидејќи пушењето ги оштетува крвните садови, го зголемува ризикот за сите компликации од дијабетес. Имајќи ја предвид комплексноста на заболувањето, од исклучителна важност е постојата едукација на заболените, што им овозможува со дијабетес квалитетно да живеат и да спречат компликации. Во одговорот на сè поголемиот број заболени на глобално ниво, заедницата на заболени од дијабетес ги насочува своите активности кон намалување на бројот на новозаболени, што порано откривање на болеста и лекување за да се одложат и да се ублажат компликациите на болеста.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>