Стабилизација на шеќерот со терапија и здрав животен стил
Дијабетесот е болест која не боли. Пациентите одат на преглед дури кога ќе се јават компликации од болеста и кога болеста е напредната.
Автор: д-р Јелена Биџиќ
Diabetes mellitus е синдром кој го карактеризира хронична хипергликемија и пореметување на метаболизмот на јаглехидратите, мастите и белковините поврзан со апсолутен или релативен дефицит на инсулинска секреција и/или дејство на инсулин. Како подмолно заболување, најчесто се открива во поодмината фаза на болеста, кога веќе се развиваат компликации кои ја реметат работата и функционирањето на поединецот. Доцното откривање на дијабетесот е последица на неинформираноста на пациентот за првите симптоми, знаци, компликации, ризик-фактори.
Видови дијабетес
Врз основа на патогенетските механизми, создавањето дијабетес се дели на:
- Дијабетес тип 1 (деструкција на бета клетките на панкреасот, која води во целосен недостиг на секреција на инсулин),
- Дијабетес тип 2,
- Други специфични облици на дијабетес (генетски, предизвикан од заболувања од егзокриниот дел на панкреасот, во рамките на другите ендокрини болести, предизвикан од лекови и хемикалии),
- Гестациски дијабетес (дијабетес во бременост).
Пораст на бројот на заболени
Често дијабетесот не се открива на време, иако има карактеристични симптоми. Дијабетес тип 2 е многу позастапен, дури кај 95 % од пациентите. На секои десет дијагностицирани пациенти, уште пет пациенти не знаат за својата болест. Дијабетесот е во голема експанзија. Најчести симптоми на дијабетес се: зголемен апетит, губење на телесната тежина и покрај внесување поголема количина храна, зачестено мокрење, жед, умор, изнемоштеност. Кај некои пациенти уочени се чести инфекции и јадеж на кожата и на половите органи, зголемена потреба за слатки.
Важност на раното откривање
Најважно е дијабетесот да се открие на време и да се започне со соодветна терапија за да се спречат компликациите. Затоа е многу важен скринингот на дијабетес, кој се прави кај лицата кај кои HbA1c, познат како тромесечен шеќер, е помеѓу 5,7 и 6,4 %, гликемијата на гладно е помеѓу 5,6 и 6,9 mmol/l, вредноста на OGTT тест (тест на оптоварување со глукоза) во 120 мин од 7,8 до 11,1 mmol/l. Скрининг се предлага кај лица кај кои BMI е 25 kg/m
2 и повеќе, доколку имаат повеќе од 45 години и еден или повеќе ризик-фактори: гестациски дијабетес во бременоста, зголемен крвен притисок над 140/90 mmHg, физичка неактивност, жени со полицистични јајчници, интолеранција на глукоза. На тие лица им се прави некоја од дијагностичките процедури: гликемија на гладно, OGTT со 75 г глукоза или HbA1c. Ако се открие предијабетес, за една година се прави ретестирање, во случај резултатите да се уредни, повторно се работи скрининг по три години.
Дијагностички критериуми
Според критериумите на СЗО, дијабетесот е присутен кога утринската вредност на шеќерот (пред оброк) во крвта е поголема од 7,0 mmol/l, додека во OGTT тестот по 120 мин. е поголема од 11,1 mmol/l. OGTT тестот трае два часа и се прави во мирување. Во период од десет часа пред тестот не е дозволено земање храна. Врз основа на добиените резултати се утврдува дали е во прашање дијабетес, и ако е, кој вид на ова заболување е во прашање. За дијагностичката процедура е значајно присуството на типичните симптоми на дијабетес: губење на телесната тежина, зголемен апетит и жед, зголемено и често мокрење и гликемија во кој бил примерок од крв поголема од 11,1 mmol/l.
Значење на превенцијата и редовното вежбање
Дијабетесот е хронично заболување. Доколку на време не се дијагностицира и не се лекува, го следат симптоми како што се: инфаркт на срцето и мозокот, полиневропатии ‒ болка и трнење во екстремитетите, оштетување на бубрезите, пореметување во видот, рани на кожата, деменција. Затоа, превентивните мерки, соодветната исхрана и редовната физичка активност, како и превенција од дебелина може да спречат настанување на дијабетес тип 2. Треба да се оди на редовни превентивни прегледи кај својот избран лекар, да се избегнуваат стресни ситуации, а не треба да се земаат газирани сокови и индустриски слатки. Многу е важна физичката активност и тоа еден час одење дневно, пливање, трчање, возење велосипед. Прошетката е многу важна затоа што ја намалува стомачната дебелина, го регулира шеќерот во крвта и е битна во превенција на многу хронични болести. Затоа, немојте да бидете зависни од храна, туку од прошетка.
Здрав начин на исхрана
Исхраната мора да биде со поголем број помали оброци ‒ три оброци и две ужини. Треба да се води сметка за вкупниот енергетски внес и за распоредот на оброците. Да се намали внесот на сол на 3 грама дневно кај хиперсензитивни пациенти. Пржена и похувана храна, како и храна богата со прости шеќери е лоша за нашиот организам. Слатки, газирани сокови, како и благо треба да се избегнуваат. Најдобар начин во исхраната во превенција на дијабетес и други хронични болести е медитеранска исхрана. Таа подразбира внес на овошје и зеленчук и тоа по половина килограм дневно. Маслиновото масло, како извор на мононезаситени масни киселини, влијае на намалување на липидите во крвта, а со тоа учествува и во превенција на атеросклерозата и зголемен крвен притисок. Тестенините кои ги внесуваме треба да имаат низок гликозен индекс, се препорачува дурум тесто. Треба редовно да се јаде риба, и тоа сина, како туна, скуша, харинга, лосос. Имаат докажана содржина на омега-3 киселина, која влијае на намалување на телесната тежина, намалување на инсулинска резистенција и превенција од остеопороза. Мешунки, исто така, треба да се внесуваат. Бел леб и сè од бело брашно треба да се избегнува.
Доколку немедикаментозната терапија не помогне, се воведува терапија со лекови: орални хипогликемици и инсулин. Кај дијабетес од тип 1 веднаш во терапијата се воведува инсулин. Тип 2 дијабетес се лекува со орални хипогликемици и инсулин.