Фармацевти
Контакт

<< Назад

ДИЈАБЕТЕС КАЈ МЛАДИТЕ

ноември 1, 2018

Влијание на дебелината и други ризик-фактори

 

Редукцијата на телесна тежина кај дебелите лица со преддијабетес и дијабетес е составен дел од лекувањето.

 

Автор: д-р Јелена Биџиќ

 

Дијабетес мелитус е синдром на пореметен метаболизам со присутна хипергликемија поради намалена секреција на инсулин, намалено биолошко дејство на инсулинот или и едното и другото. Доведува до компликации кои значајно влијаат на квалитетот на живот. Лицата со дијабетес тип 2 најчесто се дебели или имаат наследен фактор. Во основа на пореметувањето е инсулинската резистенција. Со време инсулинската секреција се намалува, па е потребен инсулин заради постигнување оптимална регулација на шеќерот во крвта.

 

Намалената чувствителност на инсулин (инсулинска резистенција) кај младите е присутна кај најголем број заболени со типот 2 дијабетес и е поврзана со неколку фактори: генетски фактор, седечки начин на живот, стомачна дебелина. Во инсулинската резистенција клетките стануваат сè поотпорни на дејството на инсулин, а тоа е пат за создавање дијабетес. Кога во типот 2 ќе се јави инсулинска резистенција, се смета дека дијабетес мелитус претставува само еден дел од метаболистичкиот синдром.

 

Метаболистички синдром

Метаболистички синдром претставува збир од фактори кои водат во дијабетес и коронарна болест. Според постарата ATP III класификација, критериумите се:

- обем на половина поголем од 102 см за мажи, и поголем од 88 см за жени

- вредности на шеќер во крвта поголеми од 6,1 mmol/l

- триглицериди поголеми од 1,7mmol/l, ХДЛ помал од 1,0 за мажи и ХДЛ помал од 1,3 за жени

- крвен притисок поголем од 130/85mmHg.

Понови критериуми се: вредности на шеќер во крвта поголеми од 5,6 mmol/l, обем на половина за мажи поголем од 94 см, а за жени поголем од 80 см. Според овие критериуми, обемот на половината е неопходен фактор за да се постави оваа дијагноза и присуство на уште два од наведените фактори.

 

Врската помеѓу дебелината и дијабетесот

Дебелината во дијабетес мелитус тип 2 кај младите лица е посебно значајна. Дебелината е болест која се карактеризира со пораст на телесната тежина на сметка на зголемување на количините на телесни масти. Зачестеноста на  дебелината е во постојан пораст, така што се зборува за епидемија на дебели луѓе. Како најзначајна мерка во проценката на степенот на ухранетост се користи индекс на телесна маса  (BMI), кој претставува однос на телесната тежина во килограми и квадрат на телесна висина во m2. Нормална телесна тежина е кога BMI е од 18 до 25 kg/m2,  доколку BMI е од 25 до 30 kg/m2, тогаш зборуваме за зголемена ухранетост или преддебелина, а кај вредностите на BMI 30 и повеќе, се зборува за дебелина. Посебна опасност по здравјето претставува централната или стомачната  дебелина. Ризикот од дијабетес тип 2 се зголемува линеарно со порастот на индексот на телесната маса.

 

Лицето со BMI над 40 има 18 пати повеќе шанси да добие дијабетес, отколку лицето со нормална тежина, а лицето со BMI помеѓу 25 и 30 kg/m2 има 3-4 пати повеќе шанси. Според поновите истражувања, стомачната дебелина води директно во шеќерна болест и промени на крвните садови. Откриено е дека во масните клетки на стомакот се лачат бројни фактори, и воспаленија и тромбози. Факторите на воспаленија, како што се интерлеукини и тумор некрозис фактор влијаат на црниот дроб. Црниот дроб лачи Ц-реактивен протеин, кој порано е поврзуван само за инфекција, меѓутоа денес се знае дека е и мерка за нечија дебелина. Дебелите лица се посклони кон промени на крвните садови, тромботски промени и почести инфаркти.

 

Дијагностика

Дијагноза се поставува врз основа на клиничка слика и лабораториски анализи на крвта. Критериуми на СЗО за поставување дијагноза дијабетес и состојба на хипергликемија се:

Дијабетес мелитус - гликемија на гладно 7,0 mmol/l и поголема, OGTT глукоза во 120 мин. 11,1 и поголема.

Интолеранција на глукоза - гликемија на гладно од 7,0mmoll/l, OGTT глукоза во 120 мин. помеѓу 7,8 и 11,1mmoll/l

Оштетувања на гликемија на гладно – гликемија на гладно од 6,1 до 6,9mmoll/l, OGTT глукоза во 120 мин. помала од 7,8mmoll/l

 

ADA критериуми се следните: HbA1c 6,5% и повеќе, гликемија на гладно 7,0mmoll/l и повеќе, гликемија во тек на OGTT во 120 мин. 11,1mmoll/l и повеќе, гликемија во кој било случаен примерок од крв, без разлика на оброк 11,1mmoll/l и повеќе, со присуство на типични симптоми (често мокрење, жед, зголемен апетит). Висок ризик за дијабетес имаат лица кај кои гликемијата на гладно е од 5,6mmoll/l до 6,9mmoll/l, гликемија во тек на OGTT во 120 мин. со 75 г глукоза од 7,8mmoll/l до 11,0 mmoll/l, HbA1c од 5,7 % до 6,4 %.

 

Терапија

Немедикаментозната терапија подразбира пет до шест оброци на ден. Во исхраната е важно да се сочува односот на мастите, протеините и јаглехидратите. Од вкупниот дневен енергетски внес јаглехидратите сочинуваат 50-55 %, мастите 30-35 %, протеините 10-15 %. Внесот на сол се ограничува на помалку од 6 г дневно кај лица со нормален крвен притисок и помалку од 3 г дневно кај лица со зголемен крвен притисок. Начинот на подготовка на храна е многу важен, подобра е варена, со пократка термичка обработка, отколку пржена храна. Лебот треба да биде црн, ’ржан, интегрален. Се препорачуваат и грав, леќа, грашок, шпагети со низок гликозен индекс. Не треба да се зема бел леб, лиснати теста. Од млечни производи треба да се избегнуваат полномасни сирења, кашкавал. Кога е во прашање месото, треба да се зема пилешко без кожа, мисиркино, риба. Сувомеснатите производи да се сведат на минимум, варени јајца две до три неделно. Храната треба да биде обарена, динстана со додаток на масло на крајот, подготвена на пареа, печена во рерна. Физичката активност е задолжителна кај дијабетичарите. Се советува еден час одење дневно. Медикаментозната терапија подразбира орални хипогликемици и примена на инсулин.

 

Скриени симптоми

Симптомите на дијабетес кај младите лица можат да бидат подмолни, дури некои пациенти воопшто немаат симптоми, туку болеста се открива со рутинска анализа на крвта. Чести инфекции на кожата и усната празнина, генитални инфекции кои подолго траат, побавно зараснување на рани, се знаци кои можат да укажат на постоење  дијабетес. Класични симптоми се полиурија (често мокрење), жед, зголемен апетит, замор, слабост, губење на тежина, трнење во рацете и нозете, замаглен вид.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>