Ризик за целиот организам
Исончаното тело долга низа години беше синоним за здрав организам. Меѓутоа, забележана е поврзаност на сончањето со туморите на кожа и оштетувања на очите, што довело до заклучок дека при изложување на сонце се потребни внимание и умереност.
Автор д-р Жарко Поповиќ
Секој од нас ги почувствувал изгорениците од сонце. Црвенило, болка и затегнатост на отечената кожа со меури често нè терале да се запрашаме дали навистина толку сонце ни било потребно. Кај потешките изгореници можна е состојба слична на грип, проследена со мачнина, температура и главоболка. Кожата кумулативно ги собира оштетувањата од сончањето во текот на животот, затоа велиме дека „кожата памти“. Долготрајната изложеност на сонце во текот на животот може да доведе до појава на брчки, сува кожа, темни дамки, па дури и рак на кожа. Докажано е дека постои поврзаност помеѓу зачестеното изложување на сонце во детството и појава на поголем број бенки подоцна во животот. Речиси половина од сончевите зраци ги апсорбираме во периодот на детството и адолесценцијата, така што е посебно важно да се заштитат децата од изгореници.
Видови сончево зрачење
Сончевата светлина се состои од видлив спектар, инфрацрвени и ултравиолетови зраци. Штетното дејство на сонцето врз кожата главно е последица од ултравиолетовите зраци. Разликуваме УВА, УВБ и УВЦ зраци.
УВА зраците продираат најдлабоко во кожата и предизвикуваат долгорочно оштетување на кожата. Тие го забрзуваат стареењето и може да предизвикаат алергија на сонце и пореметувања во пигментацијата. Поминуваат низ облаци и стакло. Новите истражувања откриле дека голема концентрација од УВА зраци придонесува за појава на тумори на кожата. Го оштетуваат видот. Количината на УВА зраци помалку варира во текот на денот.
УВБ зраците се главна причина за изгореници, што долгорочно доведува до хронично оштетување на кожата и појава на тумори. УВБ зраците не поминуваат низ облаци и стакло, но поминуваат низ вода. Интензитетот на УВБ зраци е најјак околу пладне.
УВЦ зраците се апсорбираат во горните слоеви на атмосферата.
Интензитетот на УВ зраците зависи од разни фактори, како што се период од денот, годишното време, облачноста, надморската висина, специфичното географско опкружување. Најјакото УВ зрачење е помеѓу 10 и 14 часот. На поголема надморска висина потенок е атмосферскиот слој, така што и зрачењето е поинтензивно. На висина од 2000 метри УВ зрачењето е двојно поголемо. Од снегот се одбиваат дури 80 % од УВ зраците. Низ тенок слој облаци поминуваат до 90 % од УВ зраците.
Промени на кожата
Сонцето предизвикува различни промени на кожата. Најчеста е полиморфната светлосна ерупција (PLE), која обично се јавува во пролет, а се манифестира со црвенило кое се повторува на видливите делови на кожата. Можни се и различни фототоксични и фотоалергиски реакции при земање некои лекови. УВ зрачењето предизвикува оштетување на длабоките слоеви на кожата, набирање и промена на бојата во жолта. Брчките кои настануват се трајни оштетувања. Кожата се истенчува, а со време настануваат и преканцерозни израстоци (актинични и соларни кератози).
Опасност за очите
Претераното изложување на очите на сонце доведува до оштетувања на сите делови на очите, а посебно на мрежницата и леќите. Очите имаат слаба моќ за регенерација, така што оштетувањата оставаат трајни последици. Постои и поврзаност на оштетувањата на очите со земање некои лекови, каде доаѓа до фототоксична и фотоалергиска реакција. Посебно е важно да се користат очила за сонце со проверен квалитет со УВ филтри.
Симптоми на прегревање и топлотен удар
Луѓето кои работат во топло опкружување се во ризик од прегревање како последица на интензивна загуба на течности и минерали. Главни симптоми се: главоболка, мачнина, вртоглавица, засилена жед, интензивно потење, изнемоштеност, покачена температура на телото.
Ако симптомите на прегревање не се третираат, доаѓа до тешка состојба која го загрозува животот. Поради неможност на организмот да ја одржи температурата, таа може да се покачи до 41°C! Топлотниот удар бара итна медицинска помош. Симптомите се: конфузија, изменет ментален статус, неразбирлив говор, загуба на свеста, врела и сува кожа или профузно препотување, епилептични напади.
Тумори на кожата
Базоцелуларниот карцином се јавува најчесто на кожа изложена на сонце. Обично е со розикава боја со краста која се рони и паѓа. Најчести се по педесеттата година. Ретко метастазираат, но веројатноста драстично се зголемува со зголемување на површината на туморот. Поради тоа треба да се отстрани во порана фаза. Целосно е излечив ако на време се дијагностицира.
Сквамоцелуларниот карцином е малиген тумор кој може да се јави и на слузокожата. Има можност за метастазирање во лимфните јазли и на други органи. Настанува како последица на кумулативното дејство на УВ зрачење (како и базоцелуларниот), заедно со други канцерогени материјали, како што се инфрацрвени и рендгенски зраци, минерални масла, бои, лакови, катрани, пушење. Може да настане и во лузни или хронични улцерации. Најчесто се манифестира како цврст јазол со улцерација во средината.
Малигниот меланом е најопасен тумор на кожата. Неговата зачестеност секоја година се зголемува, посебно кај младите жени. Може да настане на кој било дел од кожата во кој настанува пигмент: кожа, но, на пример, и око. Настанокот на меланом корелира со бројот на изгореници од сонце, посебно во детска возраст. Постои наследна склоност кон развој на малиген меланом. Посебно се изложени луѓето со светла кожа и зеленикави очи. Туморот е обично поголем од 5 милиметри, со неправилен облик, со делумно нејасна граница, главно повеќебоен (мешавина од црна, темнокафена, светлокафена и црвена боја). Бенките кои брзо растат се, исто така, многу опасни.
Трајни оштетувања!
Основа на оштетувањата на ткивата е зголеменото создавање вишок слободни кислородни радикали под дејство на УВ зраците. Телото нема капацитет да го неутрализира целиот тој вишок со антиоксиданти, така што доаѓа до оштетувања на ДНК.