Фармацевти
Контакт

<< Назад

ДОБРОВОЛНО ДАРУВАЊЕ КРВ

јуни 1, 2019

Хумано, корисно, безбедно

 

Постои еден подарок кој многу луѓе можат да го дадат еден на друг, а кој има моќ да спаси животи.

 

Автор: д-р на мед. науки Невенка Бујандриќ

спец. трансфузиолог, прим. асистент

 

Дарувањето крв е доброволен чин кој може да помогне во спасувањето животи на други луѓе. Постојат неколку видови дарување крв. Најчест тип е дарување на цела крв која подоцна се раздвојува на своите компоненти: црвени крвни клетки, плазма и тромбоцити. На овој начин едно дарување крв може да спаси дури три животи. Друг тип на дарување крв е афереза, процедура во која дарителот е закачен на машина со која можат да се соберат и да се одвојат одделните компоненти на крвта (црвени крвни клетки, плазма или тромбоцити), а неискористените компоненти се враќаат назад на дарителот.

 

Како се користат компонентите на крвта?

Тромбоцитите од дарителот обично се даваат на лица со леукемија, лица кои примаат хемотерапија или имаат тешки инфекции. Медицинска потреба за црвени крвни клетки, кое испорачуваат кислород до сите клетки во телото, имаат лица со тешка загуба на крв (на пример, после повреда или несреќа), или лица кои имаат анемија со сериозни симптоми. Плазмата обично се дава на лица со оштетувања на црниот дроб, изгореници, како и тешки бактериски инфекции во крвта. Крвта од дарителот прави сето тоа да биде возможно. Замена за човечката крв не постои.

 

Дали дарувањето крв е безбедно?

Дарувањето крв е сигурно. За секој дарител се користи нова, стерилна опрема за еднократна употреба, така што не постои ризик од инфекции. Секое здраво возрасно лице, на возраст од 18 до 65 години, може да даде крв без загрозување на сопственото здравје. Во рок од 24 часа после дарувањето крв, телото ќе ја надомести изгубената течност, а после неколку недели ќе бидат надоместени изгубените црвени крвни клетки. За да биде крводарител, секое лице мора да помине проценка за физичкото здравје и здравствена историја.

 

Препораки пред дарување крв

Ноќта пред планираното дарување крв многу спијте. Оброкот пред дарувањето крв нека биде здрав, избегнувајте масни продукти како хамбургери, помфрит, сланина или сладолед. Земајте повеќе вода и други течности од вообичаено.

 

Препораки по дарување крв

По дарувањето крв седете во наменска просторија да се одморите, јадете полека и уживајте. 15 минути по дарувањето крв можете да си одите. Држете го завојот на раката барем два часа. Избегнувајте напорна физичка активност во наредните пет часа. Земете дополнителна течност во следните ден или два. Доколку забележите крвавење или модрица на кожата, периодично применувајте ладна облога на тоа подрачје во текот на првите 24 часа. Избегнувајте земање аспирин или ибупрофен во текот на првите 24-48 часа по дарувањето крв.

Ако во текот на дарувањето крв сте заборавиле да пријавите какви било важни здравствени информации, или ако по дарувањето крв сте имале здравствени проблеми, контактирајте ја установата за трансфузија во која сте дарувале крв или обратете се кај својот лекар.

Важно е да знаете дека сите информации од прашалникот кој сте го пополниле пред дарувањето крв се строго доверливи, вклучувајќи и директни прашања за однесување кое носи поголем ризик за инфекции кои се пренесуваат преку крвта.

 

Што сè се испитува кај дарителот и во дадената крв?

Пред дарувањето крв ќе ви биде проверен пулсот, крвниот притисок и нивото на хемоглобин. Вашата крв ќе биде тестирана за да се одреди крвната група и ќе биде квалификувана како А, В, АВ или О, а ќе биде одреден и Rh факторот (позитивен или негативен). Крвта, исто така, ќе биде тестирана на болести кои се пренесуваат преку крв, како што се: хепатитис Б, хепатитис Ц, ХИВ и сифилис. Ако кој било од овие тестови е позитивен, вашата крв ќе биде отфрлена, а вие ќе бидете известени.

 

Душевно и физичко доживување

Сознанието дека им помагате на луѓе на кои им е потребна крв по дарувањето крв ќе направи да се чувствувате добро и лесно. Душевната сила го потиснува чувството на поспаност или физичка слабост што некои ја чувствуваат. Они кои веќе дарувале крв знаат дека чувството по дарување крв варира и дека повеќето дарители ќе почувствуваат само мал убод од игла. И ако чувствувате непријатност или страв од игла, обидете се. Техничарот кој ја зема вашата крв, секако, ќе ја следи вашата состојба пред, во текот и по секое дарување крв. Ќе бидете охрабрени да пиете течност. За целосен оброк, како и за посериозна физичка активност, малку почекајте.

 

Ден за дарување крв

На 14 јуни светот го слави Светскиот ден на крводарителство кој претставува глобален настан во организација на Светската здравствена организација, а основна цел е подигање на свеста за значењето на дарувањето крв. По овој повод, а во име на сите лица на кои крвта им го спасила животот, се заблагодаруваме и го поздравуваме секое лице кое доброволно дарува крв. Драги крводарители, бидете среќни и задоволни со фактот дека сте способни да спасите живот. Вклучете се и вклучете ги другите во акцијата за дарување крв. Денот кога сте дарувале крв за едно лице ќе биде празник.

 

Здравствени придобивки за дарителите на крв

Според извештајот на британската Фондацијата за ментално здравје, помагањето на другите со дарување крв може: да го намали стресот, да ја подобри емоционалната благосостојба, да му годи на физичкото здравје, да помогне при ослободување од негативни чувства, да овозможи чувство на припадност и да ја намали изолацијата.

Постојат истражувања кои даваат докази за помал ризик од срцеви заболувања кај дарителите на крв поради намалување на вискозноста на крвта и намалување на депоата на железо.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>