Фармацевти
Контакт

<< Назад

ДОЕЊЕ

јуни 1, 2019

Мајчиното млеко е најдобар избор

 

Чудесниот состав на мајчиното млеко е понатаму е предмет на истражувања, пред сè, во индустријата за адаптирани млечни формули кои се единствена замена за мајчиното млеко.

 

Автор д-р Радмила Косиќ

 

Млекото е основна намирница во исхраната на доенчето во првите неколку месеци од животот. Мајчиното млеко или адаптираната млечна формула имаат состав кој му овозможува на незрелиот систем за варење целосно искористување на хранливите материи, доволно вода и низа состојки кои се неопходни за раст и развој. Со растењето млекото ќе стане недоволно за зголемените потреби на вашето бебе – постепено ќе воведувате немлечна исхрана за да ги задоволите потребите за енергија, минерали и витамини. По првиот роденден здравото дете ќе се радува на заедничките оброци кои ги подготвувате за целото семејство.

 

Идеална храна за новороденче

Оптималниот состав и количина на хранливи материи организмот на доенчето оптимално ги апсорбира од дигестивниот тракт. Главен извор на енергија во него се лесно сварливите масти со голема содржина на незаситени масни киселини. Тие не се само извор на енергија за интензивен раст, туку се неопходни за развој на мозокот и видот. Лактозата е лесно сварлив шеќер кој го поттикува растот на добрите бактерии во цревата на бебето. За изградба на ткивата и органите бебето од млекото ќе добие белковини. И овие белковини се посебни, бидејќи освен што се неопходни за растот, тие го помагаат развојот на имунолошкиот систем. За нормален развој на централниот нервен систем неопходни се аминокиселините: цистеин, таурин и триптофан. Железо во мајчиното млеко има релативно малку, но исклучително добро се користи. Освен храна, мајчиното млеко, бидејќи содржи одбранбени клетки и антитела, има исклучително важна улога во одбрана од инфекции. Поради тоа доените бебиња многу поретко заболуваат од инфекции на системите за варење и дишење.

 

Подготовка на дојките за успешно доење

Овој процес се случува веќе во текот на бременоста. По породувањето престануваат да дејствуваат хормоните на постелката, бебето веднаш се става на мајчините гради и нервните импулси преку брадавиците стигнуваат до мозокот кој го произведува хормонот пролактин. Потоа пролактинот преку крвта стигнува во дојката и влијае на создавање млеко во млечните жлезди. Во текот на цицањето се призведува уште еден важен хормон, а тоа е окситоцин. Негова задача е да го потпомогне истиснувањето на млекото од млечните жлезди до отворот на брадавицата. Сето ова изгледа како многу комплициран механизам. Но, природата, сепак, сè направила овој процес да тече складно. Секоја здрава мајка е способна природно да го храни своето новороденче. Проблемите поврзани со доењето во примитивните средини се реткост.

 

Колострум

Првото млеко (колострум) е златно-жолто, кремаво млеко кое се создава во мали количини во првите денови по породувањето. Го има малку, точно толку колку што е потребно за штотуку родено бебе. Сепак, повеќекратно е значајно затоа што е лесно сварливо, има ниска содржина на јаглехидрати и масти, но богато е со витамини, минерали и протеини. Новороденчето има мал желудник, потребна му е мала количина од многу хранливо млеко. Во овие денови новороденчето треба да цица често, на барање, бидејќи сè уште не може да изеде големи количини храна. По неколку дена ќе надојде минливо млеко, ова изненадувачко надоаѓање на големи количини млеко може да биде непријатно за мајката, а недоволното празнење на градите може да се комплицира со воспаление на млечните жлезди (маститис). Посоветувајте се со патронажна сестра или педијатар за можното олеснување за вас и за бебето така што ќе издоите мала количина млеко пред доењето, на тој начин ќе му го олесните на бебето почетокот на доењето. Со празнење на заостанатото млеко после подојот ги стимуирате дојките да лачат млеко.

 

Зрело мајчино млеко

Тоа се создава после две недели од успешно доење. Содржината на протеини и минерали се намалува, а процентот на масти и јаглехидрати се зголемува. Млекото е со посветла боја, поретко, количината значително се зголемува. Мајчиното млеко секогаш е со добар квалитет и е најдобра храна за бебето. Не дозволувајте да ве загрижи водената структура и побледата боја. Во овој период обично се зголемува стравот од ретко млеко, се воведува дохрана со адаптирани млечни формули. Количината на млеко во дојките ќе се намалува онолку колку што ќе се зголемува внесот на дохрана. Овој цивилизациски придонес на дилемата „неквалитетно мајчино млеко“ е причина за големи фрустрации кај неискусните мајки и неправилна исхрана во првите месеци. Составот на зрелото млеко варира во текот на денот, но и во текот на самиот подој, на почетокот на подојот е поводеникаво, потоа сè покалорично, затоа треба да се испразнат дојките до крај, наредниот подој да се започне на дојката на која претходниот подој е завршен. Доколку сте во дилема дали детето добро напредува, однесете го на мерење во советувалиште пред да купите адаптирана формула.

 

Предности на доењето

Раното ставање на бебето на дојката има низа предности: драгоценото прво млеко доспева во организмаот на бебето, се поттикнува исфрлањето измет и ја намалува можноста за развој на жолтица, доењето го поттикнува исфрлањето на постелката и ја намалува загубата на крв кај мајката. Најважно е воспоставувањето врска помеѓу бебето и мајката. Се создава однос кој успешно започнува уште во текот на бременоста, а се зацврстува со секое доење. Педијатриската пракса ја признава неприкосновеноста на квалитетот на мајчиното млеко во однос на која било друга храна во текот на првите месеци на живот. Исхраната со мајчино млеко е бесплатно вложување во задоволство и здравје на секое новороденче.

 

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>