Патување од соништата
Александар Вучковиќ
Искусните едриличари тврдат дека сезоната на едрење трае додека дуваат поволни ветрови, а Марк Твен пловидбата на едра ја споредува со животот и вели: „Фрли го јажето од носот на коработ. Исплови од сигурно пристаниште. Фати го вистинскиот ветар во едрата. Истражувај. Сонувај, Откривај.“
Некому едрењето му е хоби, рекреација и релаксација, а некому начин на живот, трајно возбудување почнувајќи од денот кога прв пат отпловил од брегот, преку акумулирано едриличарско искуство и секоја наредна пловидба, која е подеднакво возбудлива како и првата, бидејќи секогаш подразбира склад на умот и мускулите и познавање на бродот, ветерот и водата. Страствен едриличар ништо не му препушта на случајот, тој од рана зора го наслушува ветерот и ја подготвува опремата, а со бродот е стопен и го знае „во душата“, бидејќи само така може да се надмудри нестабилното море и превртливиот ветар и мирно да се доедри до некој тешко достапен, прекрасен залив. Или како што би рекол кантри-музичарот Џими Реј Дин: „Не можам да ја сменам насоката на ветерот, но можам да ги наместам своите едра така што секогаш ќе дојдам до саканото одредиште.“
Иако кога ќе ги прашате морнарите „како да научам да едрам“ имаат обичај да кажат „ништо полесно од тоа“, факт е дека едрењето се учи или со помош на скипер или на курс по едрење, а може и едно и друго. Скиперот ќе ви ги открие тајните на занаетот, како да управувате со едреник по сите временски услови, што подразбира учење за ветровите, брановите, и начините на закотвување и пристигнување. На курсевите за едрење се учи сето тоа, плус снаоѓање на бродот и ракување со опремата. Резултатот е способност за приспособување на ветерот, водата и животот на едреникот, што е одлика на секој наутичар. Или, како би рекол Марк Твен: „Фрли го јажето од носот на коработ. Исплови од сигурно пристаниште. Фати го вистинскиот ветар во едрата. Истражувај. Сонувај, Откривај.“
Добар ветар во грб
Искусните едриличари велат дека сезоната на едрење трае додека дуваат поволни ветрови, а дека зборот што најдобро го опишува овој спорт е слобода, затоа што човек сам одлучува по која рута ќе едри, каде ќе застане и кога ќе продолжи понатаму. Моќта на ветрот, едноставната убавина на едрата и несигурното море нè враќаат во исконскиот однос со природата, што е предизвик на кој тешко може да му се одолее. Се подразбира дека моторот се користи само кога нема ветар и за впловување.
За едриличарите почетници, кои би сакале да пловат во Европа, генерално се смета дека најдобро е Јадранското Море, од причина што наутичкиот туризам е добро организиран, постои голем број на марини, оддалеченоста помеѓу островите е мала, а ветровите се умерени. Многу е атрактивно и Егејското Море, бидејќи има над 1000 острови, но и оддалеченостите меѓу нив се нешто поголеми. Па со самото тоа едрењето бара повеќе и подразбира поискусни едриличари. „Не можеме да влијаеме на тоа од која страна ветерот ќе дува, но можеме да ги нагодиме едрата“, би рекол Достоевски.
Не е воопшто необично што едрењето е често метафора за живот, а совладувањето на ветерот и водата, тие исконски праелементи, со координирана работа на умот и мускулите, е алегорија за надминување на животните пречки и постигнување цел. „Добар ветер во грб“, „мирно море“, не посакуваат само наутичарите додека се борат со природата, туку у оној кој не ја искусил страста на едрењето, но плови во морето на животот.
Поморски битки и пирамиди
Иако денес едрењето, пред сè, е спорт и рекреација, треба да се каже дека сè до пронаоѓањето на парната машина и други видови мотори, пловидбата на ветер била начин на движење на трговските, истражувачките, транспортните, па и воените бродови. Во прочуената поморска битка кај ʼртот Трафалгар во 1805 година, за време на Наполеоновите битки, британскиот адмирал Хоратио Нелсон кој упавувал со флотата од 27 бродови-едреници ја поразил шпанската флота во која имало 33 едреници и така се стекнал со целосна надмоќ на море.
Едрениците се користени од дамнина и за рибарење, а се смета дека и камењата од кои се изградени египетските пирамиди се транспортирале по воден пат, со помош на пловила на едра. Како тогаш така и денес, вештината на совладување ветер и вода, се барало кормиларот да е позициониран спроти едрата, т.е. ако едрата се на левата страна на бродот, тој е на десната или windward страна и го контолира јажето (main sheet), со кое се попушта или се затегнува едрото.
На кому му е сето тоа прекомплицирано за учење, секогаш може да се наслони на скипер, или да се определи за некое од многубројните тематски, туристички крстосувања, како „Легенда на Егејското Море“, и да ужива во убавините и посетувањето интересни дестинации, за кои оние кои веќе искусиле ваков тип на патување „на едра“ велат дека нема поубав и поатрактивен одмор.
Спортско едрење
За најстаро друштво на спортско едрење се смета Water Club of Cork од југоисточна Ирска, основано во 1720, а овој клуб е активен и денес. Основањето клуб по име Thames Club Cumberlan Fleet во 1775 се смета за почеток на организираните регати, иако првата се одржала четврт век порано, во 1749 на реката Темза. Важен датум во историјата на едењето е и 1815, кога 42 едриличари во Лондон основале Yacht Club. Набрзо клубот е преместен на островот Вајт, во него се зачленил и англискиот принц, кој три години подоцна станал кралот Џорџ IV, а клубот е преименуван во Royal Yacht Club.
Енергија на ветерот
Првите бродови кои за движење ја користеле енергијата на ветрот се појавиле уште за време на Крстоносните војни. Во 11 век пловилата имале 2 јарбола. За прекуокеанските пловидби во 17 век биле популарни тријарболните едреници. Во 19 век поштенските бродови на едра пловеле од Њујорк до Ливерпул за 17 дена, а барани се и т.н. „комбинирани“ бродови на парен погон со дополнителни едра.
Бурен живот на кралицата на едриниците
За најубав едреник на светот се смета елегантниот Sea Cloud, чие име е инспирирано од убавината на облаците над морската шир. Изграден во 1931 година бродот прво се нарекувал Hussar и бил во сопственост на богаташот Ед Хутон, кој по разводот го подарил на бившата жена Марџори, која му дава ново име, Sea Cloud и се мажи за дипломат во Русија. Од 1937 овој прекрасен брод долг 110 метри, со 32 луксузни кабини и екипаж од 65 члена, е усидрен во Ленинград и имал статус на пловечка дипломатска палата на која уживаат кралеви и државници. За време на Втората светска војна служи како метеролошки едреник во водите на Гибралтар за потоа да биде продаден на претседателот на Доминиканската Република, добивајќи име Angelita.
Во почетокот на 70-тите години на минатиот век претседателот-диктатор бега со овој брод со големо богатство, но фатен е кај Канарските Острови. Потоа бродот го менува името во Patria, па во Аntarna, а потоа го купува американската компанија Operation Sea Cruises, па група германски бизнисмени, која му го враќа стариот сјај и име. Од тогаш до денес, Sea Cloud се користи за крстосувања и се смета за кралица на едрениците. Со позлатени детали, екстравагантни апартмани, мебел во стилот на Луј XIV, тераси со сонце, овој едреник на гостите им нуди патување низ времето и фасцинантна атмосфера, па не е чудо што неговото изнајмување за една недела чини над 200000 евра.