[vc_column width="1/1"]
За сите прилики
Марија Јоксимовиќ
Британската кралица Елизабета II на фотографија за поштенска марка од 1956 година носи Хермесова ешарпа, Шерон Стоун ја носи во филмот „Ниски страсти“, а се зборува дека и глумицата Грејс Кели ја замотувала скршената рака токму во ешарпа од оваа модна куќа
Носењето марами, парче ткаенина иницијално наменето, пред сè, за покривање на главата, има многу долга историја и традиција во различните култури во светот. Жените со векови со марама ја покривале косата од верски или социокултуролошки причини (мажење, излегување од дома и сл.), а тој обичај во некои краеви се задржал и денес. Дека на марамите во текот на историјата им се давало големо внимание, се гледа и по нивната изработка. Раскошен вез, тантела или украсни додатоци во вид на метални, па и златни паричиња, ја издвојувале марамата од другите делови на гардеробата, како посебен украс, кој можел да добие и специјална намена и цел, на пример, да биде подарок, со неа да се бришат пот и солзи, или да се завитка посебен подарок.
За разлика од марамата, која во фолклорната историја на народите во светот, покрај заштитна улога имала и симболична, нејзината „помала сестра“ ешарпата, има, пред сè, декоративна цел, иако може да се каже и дека го чува здравјето, зашто се носи околу вратот, кога времето е ладно и ветровито. Но, ешарпата е и моден детаљ, кој се прави од најразлични материјали за сите четири годишни времиња, од кашмир, свила, преку фин памук, до тантела и проѕирни ткаенини за топли денови.
Стил и шик
Историчарите на модата тврдат дека ешарпата, всушност, е најпопуларен моден додаток на денешницата, неизоставен и елегантен детаљ, кој на гардеробата £ дава посебен стил и шик, а на личноста која ја носи £ дава гламур. Славната модна куќа Хермес ги произведува и ги продава уште од 1937 година. Се смета дека за 78 години од постоењето на Хермес многу мал број славни жени одолеале на убавината на нивните ешарпи, иако цената често е над 500 американски долари по парче. Па така, британската кралица Елизабета II на фотографија за поштенска марка од 1956 година има Хермесова ешарпа, Шерон Стоун ја носела во филмот „Ниски страсти“, а се зборува и дека глумицата Грејс Кели, која се прославила со филмовите „Точно на пладне“, „Могамбо“, „Викни го М поради убиство“ и „Провинцијалка“, ја замотувала скршената рака токму во ешарпа од оваа модна куќа. За „најубавата русокоса на своето време“, како што ја нарекувале Грејс Кели, во средината на 50-тите години Гучи ја креирал и прочуената ешарпа Флора.
Но, ешарпата не била привилегија само на жените. Во 17 век, за време на владеењето на Луј XIII, мажите имале обичај да носат околу половината широки, свилени ешарпи кои се врзувале одзади. И современите мажи имаат обичај да ги замотуваат околу врат, само што во нивната верзија ешарпата се нарекува „шал“.
Личен стил
Можностите за истакнување на личниот стил со помош на ешарпата се безбројни. Во зависност од бојата, дезенот и материјалот, ешарпата му дава специфична нота на casual стилот, ја нагласува елеганцијата на вечерните тоалети, или ја дополнува работната облека на софистициран начин. Кон тоа придонесува и начинот на врзување, но и позицијата на ешарпата, зашто можностите се различни. Покрај стандардното носење околу врат, ешарпата убаво стои и само префрлена преку раменици, врзана околу глава како турбан или огромна машна, замотана околу половината или шеширот, или просто закачена за торбата. На пролет, модните магазини просто се тркаат кој ќе прикаже повеќе интересни начини на носење ешарпа, како и врзување јазли, провлекување и мотање на овој исклучителен моден детаљ.
Впрочем, модните советници одамна утврдиле дека еден ист фустан, на пример, мал црн, со различен избор на ешарпи, начин на врзување и носење на овој популарен додаток, станува секогаш нов и неповторлив. Ешарпата се носи и во комбинација со мантил и јакна, џемпери и елечиња, дури и со обична памучна маица, а нејзините бои и дезени можат да се комбинираат на најкреативни начини, со боја на очи, белегзија, торби или патики. Кој е вешт, може и сам да ја направи од парче интересни ткаенини, исцртани со бои за текстил, или да ја навезе.
Танцот со марама на Исидора Данкан
Се смета дека марамата потекнува уште од Стариот Египет, и дека ја носела и египетската кралица Нефертити. За разлика од Египет, каде марамите ги користеле жените, во Кина се употребувале во војската, за разликување чинови.
Марами сакала да носи и англиската кралица Викторија, но и легендарната танчерка Исидора Данкан, која во текот на танцот практикувала да има марама во рацете, како посебен кореографски детаљ, кој ја унапредувал и ја оплеменувал нејзината игра.
Хермесови ешарпи
Колку ешарпите се популарни се гледа и по тоа што модната куќа Хермес веќе 78 години во просек на секои 25 секунди продава по едно парче. За сето тоа време, Хермесовите ешарпи ги дизајнирале преку 150 уметници во повеќе од 2.000 дезени, почнувајќи од неутрални и базични бои, класични кашмирски примероци, сè до ексцентрични примероци, со отпечатоци и мотиви од улични графити. Хермесовите дизајнери мотивите ги исцртуваат рачно, со што оваа славна куќа на модата ја оправдува цената на своите ешарпи, која често надминува 500 американски долари.