Фармацевти
Контакт

<< Назад

ЕШАРПА

април 1, 2019

Прилега во секоја пригода

 

Едноставно не постои можност да ги имате премногу во гардероберот.

 

Автор Милица Ѓокиќ

 

Ешарпите и марамите се познати по својата моќ да се вклопат во речиси секоја  комбинација на облека. Тие се во состојба нешто што изгледа сосема обично и просечно да го издигнат од едноличноста и да го направат единствено. Покрај тоа, нивниот мек допир во студените денови пријатно грее, а во текот на летото дава заштита од топлина. Како воопшто почнала приказната за ешарпите?

 

Француски збор

Кога ќе се впуштите во истражување на некоја тема од областа на модата, неминовно во еден момент ќе наидете на нешто што има врска со Франција. Така е и во овој случај. Зборот écharpe потекнува од францускиот јазик и првобитно означувал дел од офицерската униформа, попрецизно кажано појас, најчесто изработен од свила, кој во свечени прилики е носен преку рамењата или околу половината.

Меѓутоа, носењето парче ткаенина замотана околу вратот или префрлена преку рамењата има свои корени во далечната историја и веројатно можеме да го поврземе со првите почетоци на уметноста на ткаење. Асирското време останало запишано во историјата и како период во кој употребата на овој дел од гардеробата бил во широка примена.

 

Волна, свила, кашмир

Најчесто користени материјали од природно потекло за изработка на ешарпи се волна, свила и кашмир (кој технички, исто така, го сметаме за волна, но поради особеностите во начинот на изработка, сепак, го издвојуваме). Појавата на вискоза и останати ткаенини од модерното време само придонела за богатството на светот на ешарпи, а покрај тоа не е занемарлив ни ефектот кој го имале на нивната цена. Штом нешто е поевтино, веднаш е подостапно на поголем број луѓе, па ешарпите во претходните децении извршиле вистинска мала инвазија на гардероберите ширум планетава.

 

Кози од Ладак и тибетански антилопи

Кога Сајед Али Хамадани, персиски научник и поет, во 14 век стигнал во посета на Ладак, една од работите кои ги забележал била мекоста на волната од кашмирските кози. Со оглед на тоа што бил многу вешт и имал знаења од многу области, тој умеел дури да направи и чорапи. Пар такви чорапи од кашмирска волна му подарил на тогашниот владетел на Кашмир. Овој бил воодушевен и покажал дополнително интересирање за тоа што сè би можело да се направи од така префинет материјал. Денес Хамадани се смета за клучна фигура во развојот на приказната која го ставила Кашмир на низбришливо место во историјата на модната индустрија.

Во потрага по уште поголем степен на финост, кашмирските ткајачи дошле до сознанија дека мекото подвлакно на тибетанската чиру антилопа претставува идеална суровина за изработка на најмеки ткаенини кои можете да ги замислите. Шантуш е име на производот добиен на тој начин, а прочуената демонстрација на неговата финост е докажана со провлекување големо парче ткаенина низ мал прстен. Денес поради загрозеноста на чиру антилопата овој производ е илегален, па постоечките примероци достигнуваат вртоглави цифри меѓу љубителите и колекционерите.

 

Патот на свилата

Една од најзначајните трговски рути во човековата историја ги поврзувала континентите, народите и државите. Трговските карвани патувале во двата правца натоварени со накит, зачини, оружје, садови и, се разбира, со свила. Нејзината префинета мекост отсекогаш била на висока цена, а поседувањето облека изработена од свила го покажувало финансискиот статус на нејзиниот сопственик. Оние кои не можеле да си дозволат метри и метри свилена ткаенина се обидувале барем да се нагрнат со свилена марама. Во текот на 19 век од Кина светот го освоиле шарени марами кои на западниот пазар стигнувале преку Филипини, па станале познати и како марами од Манила. Во тој период овој предмет станува дел од бројни народни носии, а операта Кармен придонела за тоа да го поврземе со  шпанската култура. Свилените ешарпи се и предмет на уметничко рачно боење, а постојат бројни техники со кои се користат професионалците и оние кои се занимаваат од хоби.

 

Познати брендови и уште попознати носители

Практично, не постои моден бренд кој држи до себе чија фирмирана ешарпа нема да ја пронајдете. Сепак, првата асоцијација на ешарпи во модниот свет за сите кои ги следат модните настани е, секако, француската куќа Хермес. Тие се занимаваат со изработка на луксузни предмети уште од 19 век, а првите нивни марами се појавиле во продажба далечната 1937 година. Од тогаш во нивниот допир уживале англиската кралица Елизабета, принцезата Грејс од Монако, Елизабет Тејлор, Џеки Кенеди, Одри Хепберн, Мадона, Хајди Клум...

 

Пролет-лето 2019

За почеток, проверете ја состојбата во чевларникот. Потоа споредете ги ешарпите и марамите од сопствената колекција со нијансите на чевли кои ги имате. Со согласување на овие два дела од гардеробата ќе дадете елегантен печат на сè што ќе облечете. Дури и монотони деловни комбинации на облека може да засјаат доколку ги збогатите со ешарпа во пријатна светла нијанса.

Различни принтови на текстил и натаму се актуелни, а својата модна смелост и оригиналност можете да ја искажете со комбинација на ешарпа со принт и горен дел од облека со испечатен поинаков дезен. Овде, сепак, мора да поведете малку повеќе сметка за изборот на бои за да избегнете модна катастрофа предизвикана од  претерано шаренило.

Едноставноста е секогаш решение, па за помалку свечени прилики можете да се потпрете на комбинација на универзален џинс, спортски обувки, еднобојни маици и неизоставна ешарпа која на сè ќе даде завршна нота на единственост.

Мажите не заостануваат во следењето на модни трендови, но тие, сепак, се одлучуваат за покласичен дизајн и помирни бои. Тие кои се посклони на поопуштен начин на облекување веројатно во својот орман ќе имаат и шемаг, кој на Блискиот Исток се векови е користен наместо капа.

Ешарпата можете да ја носите околу вратот на безброј различни начини, за среќа, на Интернет има премногу совети на таа тема. Можете да ја префрлите преку рамо или да ја завиткате околу половината. Осумдесеттите години на минатиот век повторно имаат одеци во модните трендови на сегашноста, па можеби ќе посакате и ешарпата да ја врзете околу глава. Во секој случај, крајниот резултат зависи исклучиво од вашата креативност, затоа слободно препуштете се на откривање нови начини за носење ешарпа.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>